Поуките од Каталонија

Уште во времето на подготовките организаторите на Летните олимписки игри што се одржаа во Барселона во 1992 година се сретнаа со невообичаени проблеми за овој тип спортски натпревари. Се разбира, од политичка природа. Имено, шпанската автономна област Каталонија (чиј главен центар е Барселона) има своја абецеда, која се разликува од шпанската, а двете се разликуваат од англосаксонската, односно интернационалната абецеда.

 Проблемот настанал кога било решавано по каков абецеден ред ќе излегуваат репрезентациите на претставување на стадионот. Имало дури и предлози репрезентациите или барем нивните претставници два пати да излегуваат – еднаш по каталонската, а еднаш по шпанската абецеда. Сепак, усвоено е компромисно решение – репрезентациите излегуваа по интернационалниот абецеден ред.

Десничарските влади на Каталонија и на Шпанија постапија политички одговорно како што обично постапува слон во порцелански дуќан. Сепак, Каталонија може да биде добра поука за тоа како (не) се решаваат политичките проблеми. Имаат тие и добри искуства

Олимписките игри, како што и доликува, ги отвори шпанскиот крал Хуан Карлос. Говорот го одржа на каталонски, а потоа и на шпански јазик. Во моментот кога олимпиското знаме влегуваше на стадионот и кружеше пред публиката и кога вообичаено се пее или свири олимписката химна, грчката сопранистка Агнес Балца ја отпеа традиционалната грчка песна „Ромиосини“, инаку еден од музичките симболи на отпорот против грчката хунта. Јасно, и ова беше прашање на компромис меѓу Каталонија и централната власт. Нешто подоцна, кога олимпиското знаме се креваше на јарболот, шпанскиот тенор Алфредо Краус ја отпеа олимписката химна, првин на каталонски, а потоа и на шпански.

Токму поради фактот дека Барселона беше официјалниот град-домаќин на Олимписките игри, но и дека Шпанија беше земјата-домаќин, начинот на решавањето на политичките проблеми (денес би рекле: идентитетски) беше пречекан од тогашната политичка јавност како парадигматски пример за мултикултурност и, како што би рекле денес, соживот. Всушност, како пример што треба да го следат земјите со мултинационално население.

Се разбира дека Олимписките игри, освен спортскиот карактер, имаат многу големо културолошко, политичко и општествено значење и дека целиот свет ги вперува очите во овој празник, па тогаш изгледаше дека шпанската влада на социјалистот Фелипе Гонзалес успешно го положила организацискиот, а пред сѐ политичкиот тест.

Целото ова потсетување на настанот што се одржа пред четврт век е во контекст на референдумот за осамостојување на Каталонија. И овојпат, иако работата беше со светлосни години далеку од олимпискиот дух, очите на целиот свет беа свртени кон Шпанија. Но, овојпат владата на десничарот Маријано Рахој очигледно не го положи тестот.

Во моментот додека го пишувам текстов, новинските агенции јавуваат дека во судирите на полицијата и протестантите има повеќе од 700 повредени, а снимките што се објавуваат покажуваат дека во бруталната интервенција на полицијата страдаат и жени и деца, но и луѓе длабоко навлезени во својата трета доба.

Не знаеме и не можеме да претпоставиме каква проценка ја мотивира одлуката за брутална репресија на полицијата врз демонстрантите, но ефектот е таков што каталонските индипендентисти ги добија симпатиите на светот. Дури и оној не мал број Каталонци кои беа против отцепувањето од Шпанија, сега веројатно се приклонуваат на идејата за целосна независност на својата покраина.

Едноставно е: не смее некој да примени толкава сила само затоа што некому му текнало да фрли хартивче во избирачка кутија. Дури и ако малку се оттргнеме од силниот впечаток на крвавите сцени од улиците на каталонските градови, пак ќе констатираме дека администрацијата на Рахој постапи вешто, токму како слон во дуќан за порцелан. Но, ќе констатираме и дека каталонската извршна власт на националистот Карлес Пуџемон (инаку, некогашен новинар) беше подеднакво (не)квалитетен партнер во создавањето на оваа ситуација.

 Без никаков обид да се воспостави барем формален дијалог со централната власт, со низа организациски слабости околу референдумот (од околу 900-те каталонски градоначалници, нешто повеќе од 200 одбија да го спроведат референдумот и во нивните општини не се гласаше во неделата), без релевантен избирачки список и со агресивна националистичка пропаганда, се чини дека и Пуџемон очекуваше ваква разврска, која секако оди во прилог на неговата кауза.

Од друга страна, меѓународната заедница, поточно Европската унија, и како организација, но и како администрација, остана речиси инертна по случувањата во Шпанија. Во периодот што следи веројатно ќе има некакви одговори, договори, преговори, мерки…, но сето тоа ќе биде гаснење пожар, наместо ефикасна превентивна политика, во духот на европските вредности, што би се рекло.

Секако дека Каталонија е ужасно важна за нас. Таа може да биде она чкрапало кое, токму од искрениот почеток на патот кон западните вредности, може да нѐ врати во сопствениот изолационизам и национализам

Од американската администрација на Доналд Трамп, искрено, и не се очекуваше некоја рационална дипломатска акција, па нивниот молк во овој момент е веројатно добро решение. Во секој случај, останува чувството дека сите некако чекаат да видат на која страна ќе отидат работите, па да решат дали и како ќе реагираат.

По дефинитивно лошо одработената акција за спроведување на референдумот за отцепување и уште полошо организираната акција за негово спречување, речиси гротескно изгледаат апелите на официјалните лица од Каталонија до ЕУ да се вмеша и да застане на нивна страна.

Со други зборови, каталонското сецесионистичко движење дава сигнали дека не е антиглобалистичко и дека не се противи на современите меѓународни интеграции. Само што ги мрзат Шпанците. Без оглед на нашите чувства, политички определби и про или антиевропско расположение, Европа потроши децении и децении да ги анулира меѓусебните граници, па тешко е сега да се очекува дека ќе поддржи распаѓање на една од нејзините важни членки.

Многумина оваа ситуација ќе ја споредат, а и ја споредуваат со распадот на Југославија, Советскиот Сојуз, отцепувањето на Косово, Украина, па и Македонија. Иако на прва топка може да се тврди дека станува збор за двојни аршини, работите се многу тешки за споредување. Станува збор за транзициски земји кои со децении поминуваат од еден систем во друг, при што тие два система (социјализмот и капитализмот) беа смртни непријатели. Шпанија, и покрај децениското искуство со франковата фашистичка диктатура, слично како и Германија, бргу транзитираше во современа демократија и ги прифати вредностите на западната демократија. Токму затоа, оваа каталонско-шпанска нетрпеливост повеќе е резултат на разбуденото десничарење и форсирање на сопствената супериорност наспроти Другите, најчесто најблиските комшии.

Секако дека Каталонија е ужасно важна за нас. Таа може да биде она чкрапало кое, токму од искрениот почеток на патот кон западните вредности, може да нѐ врати во сопствениот изолационизам и национализам. Со таа разлика што Македонија не е ниту Шпанија, ниту Каталонија, а не е ни членка на ЕУ и НАТО.

Но, никогаш ништо не е ни апсолутно црно, ни апсолутно бело. Каталонија може да биде и поука како (не) се решаваат проблемите. Имаа тие и светли моменти. Оној со Олимпијадата, на пример. Конечно, тоа дава надеж дека Шпанците и Каталонците ќе најдат начин да се договорат.