Повикајте го „М“ за убиство

Во право е опозицијата. Тешко дека Македонија ќе може да се приближи кон ЕУ. Особено не со ова ВМРО-ДПМНЕ. Последната надеж дека кај нив има макар и 1 (еден) микрограм на разум и одговорност во актуелниот момент, ја погребаa самите.

Мнозинството пратеници се изјаснија за бојкот и потврдија дека „патриотски“ ќе ја саботираат можноста Македонија да се ослободи од долгогодишната грда референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Односно, дека ќе се борат таа да остане „вечна“, одбележана со ПЈРМ, ФИРОМ и други „достоинствени“ акроними. Нивен став, нивно право, нивна одговорност.

Но, она што повеќе загрижува, е фактот дека буквално никој, НИТУ ЕДЕН од партијата не се јави да реагира и да ја осуди скандалозната изјава на Јохан Тарчуловски, во однос на пораката што ја испрати заедно со ставот за референдумот.

Бидејќи многумина ми велат дека „не ја прочитале“, претпоставувам и ОЈО, еве да ги потсетам што напиша тој на Фејсбук: „Се колнам во Бога, во верата и во својата татковина Македонија, дека безусловно ќе го почитувам и штитам македонскиот Устав, дека нема НИКОГАШ да гласам за негово менување и без приговор ќе ги извршувам заповедите на македонскиот народ, чиј народен избраник сум во македонскиот парламент. Во спротивен случај, нека бидам убиен од еден од моите собраќа Македонци со револверот или камата што овде ги целивам!“

Чест на исклучоците во партијата, кои се навистина многу ретки, но ВМРО-ДПМНЕ повеќе пати нѐ увери какви големи „демохристијани“ има во нејзините редови. И тогаш кога кренаа рака во парламентот (27 април 2017) и тогаш кога удираа пратеници и бремени жени во парламентот (24 декември 2012), и многупати досега кога јазикот на разбирањето и почитта го заменуваа со јазик на омраза и поделби.

Драги демохристијани, дали вашиот молк значи дека ви е сосема прифатливо кога вашиот брат и сопартиец Јохан Тарчуловски го става Бог во иста реченица со убиство, кама и пиштол? Дали воопшто разбирате дека кога Тарчуловски повикува „да биде убиен“ доколку го изневери народот, праќа (ин)директна порака дека таква казна е прифатлива и за секој друг што би го изневерил народот, според неговото сфаќање на тоа „изневерување“. Треба ли да ве потсетам дека вака дојдовме до 27 април?

Почна со закани дека „пратениците ќе влезат, но живи нема да излезат од парламентот“, повици кои ОЈО ги преспа. Потоа Чавков изјавуваше дека безбедноста на пратениците ќе биде обезбедена, но видовме дека не беше обезбедена, оти и тој веројатно се заколнал пред некој (партиски) „Бог“ дека ќе направи сѐ – редот да го замени со хаос. И не се чудам што Тарчуловски на ваков начин ја разбира демократијата, бидејќи наративот за убиства најпрво дојде од претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, упатен од маршот во Кичево: „Ако водам-следете ме, ако се двоумам-поттурнете ме, ако ве предадам – убијте ме!“

Да ти дојде најмоќната политичарка во Европа на тет-а -тет средба, а ти половина од времето да го потрошиш на муабет за факултетски денови, значи само едно: дека точно проценила дека ова не е човекот со кого може фул-тајм да зборува за најважниот политички процес во моментов

И сега, како да очекуваме Мицкоски да ја осуди изјавата на Тарчуловски, кога самиот ја запали прачката? Посегањето на лидер и универзитетски професор (!) по цитати од крајот на 19 и почетокот на 20 век, од времиња кога ВМРО практикувало терористички акти и крвави братоубиствени пресметки, актуелно оспоменичени преку Ќосето и обидот да се инсталираат негови денешни наследници, нема ништо заедничко со европските стандарди кон кои Македонија се стреми.

Посочете ми, драги вмровци, барем една партија на десницата во ЕУ, која денес се служи со речник како вашиот, од пред еден век? Кои од тие партии пред избори или референдуми, на ваков начин ги „закрвуваат“ изјавите со самонарачани и препорачани повици за убиства? Никој. И после ќе кажете дека и вие сте биле за интеграција во ЕУ. Не, не сте! Вие се залагате за „преки судови“, а не за правна држава.

Од политички субјект од кој се очекува минимум конструктивност, вие станувате максимална внатрешна безбедносна закана за Македонија. Вам ви е доволна визна либерализација, вие не сакате интеграција. Вашиот врв оди во Европа колку „да му дупе види пут“, да си ги провери банкарските сметки, да си купи магистратура или докторат од некое Монте Карло, а потоа да се врати овде и да глуми голем патриотизам. Тоа не е патриотизам. Тоа е криминален и националистички примитивизам, кој го претворија во modus vivendi.

Треба ли да ви кажам дека за разлика од вас, во ЕПП веќе со сериозно внимание се анализираат изјавите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, особено онаа на Тарчуловски, а во контекст на кичевската изјава на Мицкоски? И дека мнозинството не се расположени повеќе да примаат ургенции од Белата палата, од типот „ЕПП да не го поздравува Договорот од Преспа…“ или „ЕПП да не ни го стеснува просторот за политичка игра против власта…“ итн.

Впрочем, таму ВМРО-ДПМНЕ веќе е идентификувана како „партија која не е во суштинска коалиција со европските вредности, туку во лажна и декларативна“. По средбите со лидерите на европските десничарски партии, само се зголемуваат новите докази за ваквиот профил на партијата.

Кога сме на таа тема, срамно е и што Мицкоски во неколку наврати се фали дека половина од средбата со германската канцеларка Ангела Меркел ја поминал во пријатен разговор за Универзитетот кај што и тој, и таа се едуцирале. Нормално дека разговорот бил пријатен. Станува збор за исклучително културна, искусна и одговорна политичарка.

Но, да ти дојде најмоќната политичарка во Европа на тет-а -тет средба, а ти половина од времето да го потрошиш на муабет за факултетски денови, значи само едно: не дека Меркел не можела да ја смени темата на разговор, туку дека точно проценила дека ова не е човекот со кого може фул-тајм да зборува за најважниот политички процес во моментов.

Драги демохристијани, дали вашиот молк значи дека ви е сосема прифатливо кога вашиот брат и сопартиец Јохан Тарчуловски го става Бог во иста реченица со убиство, кама и пиштол?

Згора на тоа, Мицкоски на ТВ „21“ потенцира дека Меркел не го прашала како ќе гласа на референдумот… Каква жално сведоштво за нивото на (не)зрелоста, (не)одговорноста и отсуството на свест дека за процесот не е потребен индискрециски упад во нечија индивидуална одлука (тоа така не се прави), туку во детектирање на свеста и одговорноста на лидершипот за значењето на референдумот за иднината на земјата.

А муабетот за факултетските денови, е сосема доволен сигнал дека во водството на ВМРО-ДПМНЕ не бил препознаен политички капацитет кој ќе ја разбере важноста на актуелниот момент. 

И точно можам да претпоставам како почнал муабетот за факултетот, бидејќи го знам омилениот рефрен на Мицкоски: „Се разбира дека како партија сме за ЕУ-интеграција. Јас лично бев стипендист на италијанската и германската влада. Споделувам такви вредности и како човек, и како член на ВМРО-ДПМНЕ, и како претседател. Членството знае дека единствената алтернатива за напредок се ЕУ и НАТО. Јас кога се среќавам со граѓаните постојано им правам споредби: видете колкави се инвестициите од ЕУ и трговската размена, а видете што имаме од Русија – една фабрика за балетанки. Смешно“.

Е сега, има една „мала“ разлика. Ова последново (за Русија) го кажува интерно, а избегнува да го каже и јавно. Па, ме интересира дали навистина го кажува и пред членството, или сепак си останува само „за внатрешна, кабинетска употреба“?

Она што не го разбра или не сака да го разбере раководство на ВМРО-ДПМНЕ, и претходното, и сегашното, (ме убедуваат дека тоа е едно исто) е дека одговорни, демократски и вистински проевропски партии во Македонија се оние кои знаат да ја препознаат важноста на моментот, кои не ја пропуштаат шансата, кои носат храбри одлуки и нудат решенија на проблемите.

Не се оние кои инвестираат во проблеми и ги мултиплицираат, не оние чија морална аномалија се шири како метастаза во општеството и нуди искривена слика на реалноста, не оние кои за свои цели го криминализираат и своето членство, местејќи го кривично да одговара за нивни криминални налози и интереси.

Жал ми е за голем број членови на ВМРО-ДПМНЕ кои наивно и непромислено заглавија по судови заради лукративните интереси на шака луѓе од партискиот врв. Но, нема да ми биде жал, ако наскоро и други бидат насанкани од скандалозните тарчуловски и мицковистички повици, бидејќи ќе покажат дека самите не извлекле поука од претходните епизоди.

Или, дека повторно не успеале да видат оти партијата во моментов потсетува на коњска запрега која се затекнала на автопат, а кочијашот сите ги вози кон ендек.

И дека, едно е да се родиш физички слеп, друго е кога некој се обидува да ти ја украде светлината или да те заслепи со пропаганда, но најстрашно е кога при здрави очи самиот ќе се осудиш никогаш да не прогледаш.