Продавачи на магла

Здравјето е општествен и политички феномен на новото време. Телевизиите и воопшто медиумите ги полнат своите програми со најразлични лекарски совети. Од здрава храна и лековити билки речиси не може ни глава да се крене. Пушењето е одамна проскрибирано. Нутриционисти, вежбалници, фитнес-центри… се појавуваат на секој чекор. Сѐ што оди на две нозе е загрижено за загадувањето и за екологијата воопшто.

А и власта се приклучува кон тој тренд. Полицијата во викендите влетува по кафеаните и кафулињата и ги брка малолетниците што пушат и пијат алкохолни пијалаци. Сѐ уште имаме драконски казни за поседување или, не дај Боже, за одгледување марихуана.

Дека работата е сериозно сфатена потврди и премиерот Зоран Заев, најавувајќи дека деновиве ќе се знае кој ќе биде министер за здравство во Владата. Најдоцна до крајот на неделата. Добро, тоа го кажа и пред некоја недела. И пред една друга недела. И таму некоја недела…

А Таравари, екс-министерот за здравство и висок функционер на Алијансата на Албанците вели дека две недели воопшто не се разговарало во коалицијата за испразнетото место. Па, и нема потреба од некоја брзина. Може, ете, полицијата да се ангажира во реформите во здравствениот систем. Само закачиш огромни казни за секој болен или секому кому му е потребен лек и, ете, здрава нација! Впрочем, министер за здравство и не се бира преку ноќ. Затоа, веројатно и толку ги менувавме сите овие години.

Се сеќавате ли колку долго одолговлекуваше претседателот Ѓорге Иванов дури му го даде мандатот за составување Влада на Заев? И на неговите апсурдни услови. Ете, тоа беше транспарентно. Додуша не беше ефикасно, освен ако како ефикасност не се земат предвид настаните од 27 април. Навистина ме интересира какви услови поставува Зоран Заев за да му даде мандат на новиот министер за здравство? Да даде гаранции дека ќе го сочува унитарниот карактер на здравствениот систем? Дека нема да ги води здравствените реформи под влијание на која било странска држава? Дека ќе го почитува лекарскиот кодекс?

Велат дека сите квалитетни кадри заминале од државата и дека најголем недостиг се чувствува токму кај лекарите и дека затоа е тешко да се најде квалитетен човек, кој, башка, ќе биде по мерка на сите партии во владејачката коалиција. Тогаш имам еден предлог: нека изберат поп за министер за здравство, а оџа за негов заменик. Ако нема лекари, тогаш само поповите ни останаа. Всушност, какво ни е здравството, не ни останува ништо друго туку да се молиме на Бога.

Ако не може да се именува министер за здравство, тогаш имам еден предлог: нека изберат поп за министер за здравство, а оџа за негов заменик. Ако нема лекари, тогаш само поповите ни останаа. Всушност, какво ни е здравството, не ни останува ништо друго туку да се молиме на Бога

Дека власта е сериозно посветена на здравјето на нацијата не се гледа само по нејзиното темелно решавање на кадровските дупки во Министерството за здравство туку и според нејзиниот основен приоритет – чистиот воздух. Само што ние кои го дишеме скопскиот смог никако тоа да го сфатиме! Затоа е во право градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кога вели дека родителите што не сакаат да ги пуштат своите деца по овој загаден воздух, всушност се политички изманипулирани. Како и сите ние, впрочем. Бидејќи, ете, судејќи според грижата што се покажува за Министерството за здравство или за оние смртоносни рудници, се чини дека нема никакво место за паника. Па, ако е во зима загаден воздухот, не е лав. Не се плаши, тој што е здрав.

Здравјето на нацијата е едно од мерилата не само на економскиот,туку и на цивилизацискиот развој на една земја. Има повеќе начини на мерење на националното здравје: морталитетот во државата, причините за смртноста, појавата на разни типови болести итн. Скопје не е само светски шампион по загаденост туку и по бројот на кардиоваскуларни и респираторни болести. Но, се разбира дека секоја лоша работа е само навидум лоша. На пример, уште од пролетта што доаѓа може да се очекува зголемување на пензиите. Имено, се чини дека бројот на преживеаните пензионери оваа зима значително ќе се намали, а парите во пензискиот фонд ќе останат исти, па кој навистина преживее – тој ќе ужива! Важно е да нема политички мотивирани протести.

Просто ми изгледа дека густата магла навистина ѝ одговара на власта. Во неа и онака не се гледа прст пред око, а камоли кој што прави. И човек лесно може да се изгуби. Ако не верувате, гледајте го само конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, ако делегатите воопшто го најдат местото на одржување, во маглата што ги обвила.

Не знам, можеби и увезуваме магла. Потребни се големи количества за фрлање в очи. Или уште подобро: за продавање магла. Така навистина ќе се наполни буџетот.

Добрата вест, сепак, гласи: деновиве ќе биде именуван министер за здравство. Најдоцна до крајот на неделата.