Пржино, прва клапа, трета епизода!

На 6 ноември, при трезни анестезиолози (не знам дали и трезвени), во операција на отворено срце, „Пржино“ е административно бајпасирано, но срцето на овој договор и натаму не рефлектира дека левата и десната преткомора му работат усогласено.

Договорот бил спасен. Дали? Формално да, практично – времето брзо ќе покаже. Како што и досега покажа. Она што се повторува како фарса, е фактот дека со последната сеанса и натаму не е предвидена каква била гаранција дека запишаното на хартија ќе биде операционализирано во практика.

Основата за загриженост оправдано произлегува од познатите судбини на двата претходни договори – од 2 јуни и 15 јули, кои вчера мораа да се премостат со неформален, трет.

На 6 ноември, при трезни анестезиолози (не знам дали и трезвени), во операција на отворено срце, „Пржино“ е административно бајпасирано, но срцето на овој договор и натаму не рефлектира дека левата и десната преткомора му работат усогласено. Напротив, рефлектира нивна асинхрона работа, што навестува натамошни аритмии во политичкиот организам.

Уште не се исуши мастилото на хартијата, а веќе почнаа да се лиферуваат различни интерпретации на договореното, особено за министерските и заменичките надлежности.

За карикатуралноста во превенирањето на недовербата меѓу „дојденците“ и „староседелците“ во преодната влада, доволно зборуваат предвидените заменици на замениците, што ја отвора опасноста од нивно постојано надигрување и надитрување, а на штета на ефикасно и унисоно функционирање на владата во транзицискиот период.

Она што меѓународните гаранти и посредници во Договорот не го вкалкулираа уште од почетокот на менаџирањето на целиот процес, се девијантните „вредности“ зацементирани и констатирани кај некои учесници во преговорите, а кои не можат да се елиминираат со силата на договорените закони.

Тоа се традиционалниот расчекор со вербално прифатените вредности, недостигот на морална култура во преговорите и генерално во политиката, тенденцијата за трајно угнетување на опонентите, бегањето од каков било вид политичка еманципација и перфидното одлагање на се што не се вклопува во претходно наведените „стандарди“.

Тоа се истите причини кои и доведоа до трет договор, бидејќи меѓународните гаранти предолго замижуваа на фактот дека „волкот го менува влакното, но не и карактерот“. А и откако отворено го вперија прстот во најодговорните, не успеаја да вградат инструмент кој ќе ја спречи можноста тие и натаму да го опструираат договореното, преку широк и разработен сет на креативни деструкции.

Кога би можеле да го споредат она што се зборува и ветува на преговарачката маса, со она што се пренесува и „преведува“ во партиските штабови, верувам дека безусловно би дале препорака, ама не за преговори со ЕУ, туку за друго место.

15467120979_f85f9c3a6e_h

Фото: lindakowen / Foter / CC BY-NC

Блокирањето на Договорот од 2 јуни/15 јули требаше да го вклучи алармот дека преговорите во овој состав и со презентираниот минат труд, не може да произведе нова вредност, а која не би била погазена на истиот начин како претходните две, доколку не се вградат неопходни гаранции.

Ја разбирам упорноста и желбата да ѝ се помогне на земјата, но и при такви најдобри намери, мора да се има јасна слика за сериозноста и одговорноста на соговорниците.

Ако на некои од нив целта не им се реформи, туку крадење од времето наменето за расчистување на изборните дефекти, ако целта им е брз и матен изборен успех, ако демократијата им претставува пречка затоа што е „предавничка, скапа и досадна“, тогаш кој е заедничкиот именител кој ги поврзува меѓународните гаранти на Договорот на иста маса со соговорници од ваков тип?

Дали тие навистина веруваат дека Договорот еманципаторски ќе влијае врз политичките актери? Дека тие доброволно ќе се откажат од досегашните мерки за меко или тврдо убивање на демократијата или од нивните прочуени популистички „реформи“, кои во меѓународни кругови се познати како „отров со бавно, но сигурно дејство“?

Голема заблуда е ако целиот посреднички напор е инвестиран на бланко доверба, а не на условеност со конкретна одговорност, па и санкции.

На крајот, дури и под претпоставка дека овојпат никој нема да си поигрува со роковите, со содржината на договореното и дека неа нема погрешно да ја реинтерпретира за свои цели и потреби, останува „само“ едно прашање.

Како може надвор од меѓународниот „радар“ да остане фактот дека во периодот нашиот интеррегнум, Владата ќе се задолжи со половина милијарда евра. Да не заборавиме дека истиот „рецепт“ беше искористен и пред други изборни циклуси.

Треба ли да веруваме дека заменикот на заменикот на заменикот…, ќе има контрола за какви цели и потреби ќе се насочуваат тие средства, во едно нетранспаретна институционална средина, во која графите за разно-разни ставки со години извежбано служат за да ја маскираат и прикријат намерата, а не за да ја обелоденат?!

Ако ова се „еднаквите позиции“ со кои ќе стартуваат партиските субјекти во реализација на последниот чин од Договорот, а тоа се изборите, тогаш јасно е колку многу некои од нив ќе бидат „поеднакви“ од другите. Точно за половина милијарда.

Ако се дозволи намерата и духот на целиот Договор да се „лизне“ и да се искомпромитира поради бројните инструменти што ќе и ги овозможи овој (и не само тој) финансиски аранжман на една од страните, тогаш вината нема да биде само на таа страна, туку на сите што гарантираа силен мониторинг и еднакви и фер услови.

Додека не е доцна, мора да се стави во рамка и таквиот вид задолжувања. Или да се каже „не“ или да се стави контрола на трезорот. Од една од „бомбите“, веќе слушнавме дека подобро било и да се откажеме од некој европски грант, отколку амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, да ни чепкал во трезорот. И не треба. Освен ако нема голема причина за тоа. Овај пат е навистина голема. Половина милијарда евра.