Река на надеж

Колумна на Ерван Фуере

Пораката од граѓаните е јасна и гласна – мора да надвладее владеењето на правото. Нема да има мир без правда

Еве сме во среда, 4 мај, пред канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство, се подготвуваме за секојдневното ПРОТЕСТИРАМ. Облаците се застрашувачки, како да сакаат да не потсетат на предизвиците што стојат пред нас. Но, не ги одвраќаат овие илјадници луѓе кои се собрани во намера да го изразат своето одбивање на владата и на нејзините авторитативни политики.

На почетокот бевме неколку стотици, повеќето возрасни како мене, но со одлучен поглед во очите. Има многу свирчиња и македонскиот еквивалент на вувузелата која стана популарна на Светскиот куп во Јужна Африка пред неколку години. Овде нема бесплатни сендвичи, а ги нема ни сеприсутните автобуси од партијата ВМРО-ДПМНЕ за нејзините оркестрирани провладини протести. Овде луѓето доаѓаат пешки или на велосипед, исполнети со истиот порив да бидат дел од една нова енергија на промени.

Воодушевен сум од топлината на луѓето што се собираат, во пријателска атмосфера, и уште поскромно, од тоа што толку многу луѓе се уште го знаат моето име…Чувствувам длабока понизност и гордост што сум дел од ова семејство обединето во единствена цел. Наскоро ни се придружува и помладата генерација, многумина само што завршиле со работа. Наместо да одат дома на добро заслужен одмор или пак во кафич, што во нормални времиња би било попосакувана опција, тие се придружуваат на секојдневното ПРОТЕСТИРАМ.

Има различни групи на луѓе, од граѓански организации, мажи и жени со совест, кои не се плашат и кои, со своето присуство се одлучни во намерата да му се спротивстават на диктаторството на владеачката партија.

Чувствувам длабока понизност и гордост што сум дел од ова семејство обединето во единствена цел

Тие доаѓаат секоја вечер веќе неколку недели наназад, откако Претседателот одлучи да ги игнорира здравиот разум и владеењето на правото. Потпишувајќи општа амнестија за десетици поединци, вклучувајќи и функционери од владеачката партија за кои Специјалното обвинителство поведе истрага за наводна корупција и злоупотреба на моќта, Претседателот го покажа своето вистинско лице на само уште еден инструмент на авторитативното владеење на владеачката партија. Пораката од граѓаните е јасна и гласна – мора да надвладее владеењето на правото. Нема да има мир без правда.

Препознавам многу пријатели во толпата. Застануваме за да се сликаме и за да помуабетиме за старите добри времиња и за нашите заеднички надежи за иднината. Ми ставаат во рака една мала дрвена фигура изгравирана со мојот иницијал Ф, подарок што ќе ме потсетува на оваа вечер. А потоа еден друг пријател, кој е еден од многуте храбри активисти кои се борат за враќањето на демократијата во Македонија, ми дава примерок од неговата книга со поезија.

Прекрасен гест. Го потсетувам на поетите кои биле во првите борбени редови во борбата за слобода на Ирска во 1916 г., а кои, за жал, биле егзекутирани од тогашниот британски окупатор. Можеби тоа и не баш за утеха, затоа брзо додавам дека сега, се разбира, живееме во други времиња. А сепак, колку поети, писатели, историчари и професори се оцрнети од владеачката партија во Македонија само поради користењето на нивното демократско право да бидат поинакви и поради изразувањето на ставови кои не се во согласност со идеологијата на владеачката партија.

Одеднаш одекнува гласно бодрење од толпата која се повеќе се зголемува. Ја забележуваме токму Специјалната обвинителка која влегува во зградата каде што се наоѓа нејзината канцеларија, придружена од извици од толпата и од ракоплескање како за рок-ѕвезда. Поддршката од присутните е спонтана, топла и искрена, доволна дури и најнепобедливиот автократ да се затресе од страв.

Таа го претставува единствениот зрак на надеж за враќање на демократијата и владеењето на правото во оваа агонија што трае во Македонија. Не е ни чудо што војниците на владеачката партија се исплашени и продолжуваат да прават сѐ за да ја блокираат работата на СЈО и да ги нарекуваат луѓето што протестираат „хулигани“. Јас никогаш немам видено толку примерни „хулигани“.

Додека поворката се движеше по улиците кон зградата на Собранието, толпата веќе порасна на неколку илјади. Не се сомневам дека медиумите поддржани од владата ќе речат дека биле неколку десетици, во најдобар случај ќе речат неколку стотици кои се приклучиле на протестите. Но, веројатно повеќето од нив нема ни да ги спомнат протестите, уште еден пример за владеачката партија и нивните квази-новинарски поддржувачи кои се обидуваат да ја заташкаат секојдневната реалност на улиците.

Не е важно. Граѓаните на Македонија се излезени во голем број, не само овде, туку и низ многу други градови низ земјата. Ова е течение кое ќе прерасне во поплава од луѓе, како река на надеж која собира сила и која нема да можат да ја сопрат ни најнемилосрдните автократи.