Републиката во пламен

Еве шанса (препорака, па и сугестија) оние што ја бојкотираа прославата на Илинден сепак да бидат задоволни и задоволени, така што ќе прослават еден друг празник кој набргу доаѓа. Станува збор за 12 август, датум исклучително битен за македонската државност, а, од друга страна, прилично игнориран од македонската современа историографија (ах, тие комуњари!).

Значи, станува збор за денот кога пред 114 години Османлиската империја го воспостави правниот поредок на целата своја територија, додуша со употреба на малку повеќе прекумерна сила, ама сепак ги врати принципите на правната држава. Со други зборови, го угуши неуспешниот десетдневен пуч што започна во малото планинско место во Румелија, Крушево, и, што би рекол еден овдешен патриотски расположен режисер, Републиката отиде во пламен, а Султанатот се врати на голема врата.

Во светлото на тазе потпишаниот Договор за добрососедство и соработка со Бугарија, предлагам оние што го бојкотираат Илинден да подготват и потпишат Договор за добрососедство и соработка со Турција. И тоа токму на 12 август или ден претходно. И не мора само тие.

Нешто за еден заборавен и игнориран празник: 12 август, денот кога Отоманската империја го врати правниот поредок на целата своја територија, прими 500 нови полицајци, а Републиката изгоре во пламен

Има илјада причини зошто ова го велам. Прво (1), ако со некого имаме заедничка историја, тоа е Турција; второ (2), ако со некого имаме заеднички јазик (барем 60 проценти од лексиката), тоа се Турците; трето (3), во времето на Отоманската империја сме се викале Румелија (и тоа, за волја на вистината, доста поголема територија од денешната Република Македонија), со одредена автономија и прилично развиена меѓурелигиска толеранција (само како фуснота: во словенечките учебници по историја никогаш и никаде не пишувало дека Словенија била под австро-унгарско ропство, туку дека била дел од австро-унгарското царство); деветстотинидеведесетидевето (999), Ердоган е секогаш во нашето срце.

Убеден сум дека ќе пронајдете уште некоја причина (заедничка кујна, музика, ајвар, јени раки итн.) поради која овој мој предлог ќе го сметате за валиден.

Лично мислам дека и турската страна ќе сака заедно со нас, а најмногу со оние што го бојкотираа 2 Август, да го прослави 12 август. Можеби ќе го прогласат и за втор ден на демократијата. Првиот, се сеќавате, е оној што го прославивме тука, среде Скопје, со вицепремиерот Кочо Анѓушев на чело, со што го обележивме успешното задушување на минатогодишниот неуспешен пуч против Ердоган.

И, на тој начин се врати правниот поредок во сегашна Турција. Додуша со малку повеќе прекумерна сила, ама правда бога не моли. Важно е што сега Турција е правна држава. Или, што би рекле некои овдешни патриоти, Републиката отиде во мајчината, а Султанатот се врати на голема врата. На крајот на краиштата, кои, ако не ние, ги научи Турците успешно да задушуваат пучеви.

А има богами што да научиме и ние од Турците. Ете, и кај нас се случи „пуч“, додуша не со ист квалитет како оној задушениот на 12 август или оној ланскиот во Турција, ама „пучистите“ се сега на власт и некако, а тоа е општ впечаток, прилично бавно ги „расчистуваат“ оние против кои направиле „пуч“. Некако не можам да се ослободам од впечатокот дека ако СДСМ беше 11 години на власт, а сега дојдеа ВМРО-ДПМНЕ кадровската „чистка“ ќе беше направена за помалку од 24 часа. Плус извесен број „предавници“ во затвор. Нешто слично како што направи Ердоган по ланскиот пуч. Или Отоманската империја по оној таму 12 август.

Во светлото на тазе потпишаниот Договор за добрососедство и соработка со Бугарија, предлагам оние што го бојкотираат Илинден да подготват и потпишат Договор за добрососедство и соработка со Турција

Не знам дали уште треба да дообјаснувам за важноста на 12 август за оние што го бојкотираа 2 Август. Имено, 12 август во суштина е потврда на нивната теза за ставање на знак на равенство меѓу еден човек, една власт, една држава и еден народ. Со тоа што во нашиот случај, во оваа формула би требало да се придодаде и терминот „една партија“.

Петвековниот султанат не се заборава лесно. Плус по некое кралство во меѓупериодот. И десетдневната република, во тоа време прва и единствена на Балканот. Како тогаш да не се разбуди и да не се разбранува „патриотизмот“ покрај живи Ердоган, Вучиќ, Орбан… крај нас.

Нема некои релевантни историски и историографски податоци дали крушевските кории и воопшто македонските шуми, гореле во тој врел август, 1903 година. Немаме ни податоци дали во таа смисла биле ангажирани повеќе пожарникари од потребното, но секако знаеме дека имало повеќе аскер и џандари од неопходното. Затоа и сега ќе примиме половина илјада полицајци. Мора да се следи традицијата, а Македонија како темен вилает и зандана на народите мора да го надмине овој идеал на бројот на униформирани полицајци по глава на жител. Нема отстапки.

Но, да, идеалот е тој. Републиката во пламен. Ако не успеа планот на 27 април Собранието да гори во пламен, тогаш има да горат сите (преостанати) шуми. Убав начин да се обележи денот што доаѓа – 12 август.

Па, нека ви е за многу години и нека ви биде среќен. Пресреќен.