Робин Худ во Шервудската и Болоњската шума

Oдамна не прашуваме што може државата да направи за граѓаните, туку што можат тие уште да направат за неа. Пријатното изненадување е во тоа што државата е секогаш чекор пред граѓаните. Не за да им одземе туку пријателски да ги потсети дека, ете, останало уште нешто, што занесени во благосостојбата, заборавиле да ѝ го дадат.

Средношколците веќе се на чекор од можноста да станат млад насад во квази реформските пластеници на македонската верзија на Болоњската (образовна) шума, а нивните родители да бидат подготвени за даночна сеча во Шервудската шума. Заеднички именител на двете „реформи“ се исти протагонисти – реален антипод на архетипскиот лик на Робин Худ и неговата дружина.

Имено, веќе го нема дрвото од кое досега не се гледаа двете шуми. Вербата во искреноста на премиерот, кој по „сители“ и „алфи“ раскажуваше дека допрва ќе се осмислува предлогот за државен испит, падна во вода кога беше обелоденет датумот што стои на дописот кој МОН го испрати до Интеруниверзитетската конференција. Шифрираното име на маглата има архивски број 13-17423/1 и носи датум 31октомври 2014 година.

Тоа значи дека цел ноември бил покриен со „ДУИнг бизнис“ на краткорочни лаги за долгорочни цели. Но, и покрај таквите подметнувања, на идните клиенти на државниот испит им е сосема јасно дека не станува збор за искрена волја за проверка на нивниот квалитет на знаење туку за типична одмазда на некогашните повторувачи и кројачи на ново образовно руво акредитирани директно од царчиња, образовно голи и боси.

Тоа се оние кои на патот до дипломата смениле неколку факултети и потрошиле речиси една деценија – осум за студирање и две за да испратат пријател да им го подигне доказот дека дипломирале. Тоа се оние кои комплексот дека во образовното си-ви не отишле подалеку од Прилеп (дали нешто недостигало таму?) денес сакаат да го покријат со класификацијата на Центарот за универзитети од светската класа при шангајскиот Џиао Тонг Универзитет.

Тоа се оние кои повикуваат дека знаењето е сила, но од позиција на моќ добиваат редица академици кои понизно, еден по еден, се поклонуваат пред нивниот магистерски труд. Тоа се оние кои од образованието направија патувачки циркуз наречен дисперзирани студии, а сега сакаат да ја убедат јавноста дека тие не го поставиле шаторот за таа нискоквалитетна претстава.

И, конечно, тие се оние кои наводно сакаат построги испити за контрола на знаењето, а во исто време го спуштаат нивото на веќе постојните државни испити: на пример, правосудниот испит од 2015 година ќе се полага како писмен тест за возачки испит – со заокружување на еден од три понудени одговори! Треба ли да прашам каде е тука логиката?

Ете, тоа е духот кој е излезен од шишето, кој студентите го препознаваат, го демаскираат и се обидуваат да го вратат назад, иако примерот на успешните ги учи дека од шише не мора да излезе само лош дух, туку и книж(ев)ни нешта кои се во оптек на пазарот.

А прашањето на пазарот, нѐ носи директно кај нивните родители. Од Болоњската се селиме во Шервудската шума. Таму, антиподот на Робин Худ и неговата дружина, со трикови на Худини ќе одземаат од сиромашните за да му дадат на бирократско-административниот апарат врз кој се темели нивната преродба. Од хонорари на вработени и невработени лица, ќе собираат арач за да ги пополнуваат дупките во испразнетите фондови. Се разбира, дополнителните придонеси за здравствено и пензиско осигурување нема да бидат обврска на именуваните и избрани функционери, на независните судии и уште еден куп привилегирани граѓани, кои пред Уставот не се поеднакви од другите.

Но, каква е улогата на Уставот, таму каде што партијата е закон? И зошто сите мора да бидат еднакви? Впрочем, и досегашниот рамен данок е доволен доказ за „еднаквоста“ со која де факто се наплаќаат даноци со повисоки стапки од населението во долната половина од доходната пирамида.

Не случајно, според индикаторот „население под линијата на сиромаштијата“, Македонија е лидер во Европа. Македонија го држи и првото место во светот според критериумот колку одредена држава малку ги оданочува газдите. Според џини индексот, Македонија е социјално најраслоено општество не на Балканот, не во Европа, туку и во споредба со државите кои припаѓаа на поранешниот СССР.

Експертите немаат дилема дека збогатувањето на богатите и осиромашувањето на сиромашните, не е природен процес туку резултат на свесно водени владини политики. Тој резултат покажува дека Македонија денес е европски лидер според трите клучни егистенцијални параметри – невработеност, нееднаквост и сиромаштија.

Ми се јавуваат деновиве колеги од странски медиуми и ме прашуваат дали е точно дека дури и невработени кои ќе примат хонорар нешто над минималната плата во корист на фондовите ќе мораат да се откажат од дополнителни 25 отсто од сумата (покрај постојните 10 отсто). Велам: Да!

„Значи, социјалната помош што државата ним не можела да им ја дава, сега ќе мора тие да ѝ ја даваат на државата од едвај заработени 150 евра?“, прашуваат тие.

Велам, „впечатокот ви е многу погрешен. Ние одамна не прашуваме што може државата да направи за граѓаните, туку исклучиво – што можат тие уште да направат за неа. Но, пријатното изненадување е во тоа што државата е секогаш чекор пред граѓаните. Таман се прашале дали останало уште нешто што не ѝ дале, а државата веќе подготвила нова законска рамка. Не за да им одземе туку пријателски да ги потсети дека, сепак, останало уште нешто, што занесени во благосостојбата, граѓаните заборавиле да ѝ го дадат. А тоа не е ништо друго, освен силен израз на меѓусебно стекната доверба. Можеби, дури и основа за нова дефиниција на тоа што значи лојален граѓанин и држава лојална кон граѓаните“.

Верувам дека колегите правилно ме разбраа.