Сага за едно полтронство

Не го убивајте гласникот. Не го дарувајте со таква голема среќа да глуми жртва, оној што сам си ја приредил најголемата несреќа – да биде полтрон. Убивајте ја политиката што ги произведува и полтроните и лошите стратегии.

Деновите од Божик до Водици, според народното верување, се нарекуваат Некрстени или Погани денови. Тие се сметале за најопасните денови во годината, кога луѓето се изложени на силно влијание на демони, па луѓето организирале разни ритуали под маски за да ги избркаат злите сили наречени караконџули, тарамбаби, ѓаволици, гревогазец…

Лентата на годинашниве Некрстени денови, свечено е пресечена. Почна бркањето на „караконџули“, чии зборови како зол дух се надвиснаа над вистината за мотивите на младите кои заминале и се уште незапирливо заминуваат од земјава. Се прашувам, како им е на илјадници родители кои вчерашниот Божик го поминаа на трпеза со многу празни столчиња. Познавам многу такви семејства и тие најдобро знаат зошто нивните деца заминале од Македонија. Тие знаат како е празнично да се крши лепче за децата и внуците кои се илјадници километри далеку од домот, да се ставаат парчињата на празна маса, а чиниите да се полнат со солзи кои не може да ги запре ни контакт преку скајп, ни телефон, ни писмо… И какво значење има кому му паднала паричката, кога и на нивните, и на многу други деца досега не им падна паричката да живеат во земја која ќе обезбеди услови човечкиот капитал да остане во земјата!?

Затоа, јас не би се фокусирала на лошиот дух кој им предизвика длабока болка на овие семејства, токму во предвечерјето на големиот христијански празник, бидејќи проблемот не извира од него. Тој е само најмен гласник кој го соопштува она што власта го мисли. Власта е таа, која на своите неуспешни политики за задржување на човечкиот капитал во земјата, сака да им припише други причини за да ја избрише сопствената одговорност. Ако не бил овој гласник, ќе бил некој друг. Секогаш ќе се најде некој што ќе заврши таа работа, бидејќи за маскирање на лошите политики никогаш не недостигале доволно добри полтрони.

Власта е таа, која на своите неуспешни политики за задржување на човечкиот капитал во земјата, сака да им припише други причини за да ја избрише сопствената одговорност

Луѓето се фрапираат од фактот што гласникот може да биде и професор. Зошто? Факултетската диплома и други образовни титули (м-р, д-р…) не се гаранција или сертификат и за висок личен морал. Напротив. Многу луѓе со високи титули досега успешно ја покажаа својата морална нискост. Со цел кариерно да се остварат, извршија морален суицид. По него страда и професионалниот. Тоа е спирала која не може да запре. Практиката досега покажа многу примери кои сведочат дека воопшто не е случајно што на многу значајни позиции стигнуваа морални џуџиња. Тој „профил“ се смета како најсоодветен за секоја власт што нема ни волја ни амбиции од земјата да направи држава по сите прописи, што не сака силна држава, џин, туку сака силна власт во слаба, џуџе-држава, според профилот на полтроните кои го одржуваат лажно-сериозниот привид за неа. Тие се дериват на еден континуирано граден поданички менталитет, со кој го метастазираа системот. Без такви полтрони не би дошле до израз ни моќниците. Едните се база за постоењето на другите. Полтроните никогаш нема да признаат дека се полтрони, а најопасни се кога ќе се довлечкаат до одредена позиција. Тогаш бараат да имаат уште поголеми полтрони околу себе, многу поголеми отколку што тие самите им биле на своите шефови.

Затоа, не го убивајте гласникот. Не го дарувајте со таква голема среќа да глуми жртва, оној што сам си ја приредил најголемата несреќа – да биде полтрон. Убивајте ја политиката што ги произведува и полтроните и лошите стратегии. Овде барем работите се јасни и добро поделени. Додека едни на власт се одржуваат со полтрони и демагогии, други треба да ги живеат последиците од нив.

Ако државата искрено се грижеше за наталитетот, не ќе слушневме пред неколку години дека гласањето за владејчката партија било условено со бесплатна ин-витро метода за една жена. Што е тука искрено или човечко? Ќе гледавме ли по телевизии како невработени родители со три деца се жалат дека не го добиваат соодветниот додаток, поради бирократски процедури? Фактот што сè уште се овде, е само затоа што немаат пари ни за автобуска карта до некој од граничните премини. Да имаше вистинска грижа за социјалниот капитал, не ќе слушавме демагогии дека младите кои живеат во куќа повеќе се мотивирани да имаат деца, отколку младите кои живеат во стан. Нека прошета власта на перифериите од градовите, па да види колку деца се родиле во лимени и картонски „градби“. Најмногу! Ќе го прогласиме ли тоа за најуспешен модел за раст на наталитетот – животот под картонски покрив?

Каков елементарен морал има лекар, кој нема проблем на партијата на власт од свој џеб да и донира 300.000 денари (5.000 евра) за изборна кампања, а не може да „донира“ потпис кој ќе обезбеди средства за да се спаси животот на едно дете?

На пример, каков елементарен морал има лекар, кој нема проблем на партијата на власт од свој џеб да и донира 300.000 денари (5.000 евра) за изборна кампања, а не може да „донира“ потпис кој ќе обезбеди средства за да се спаси животот на едно дете? Не ми кажувајте дека има нешто нормално во ова. Некои суми и податоци на оваа тема, објавени на сајтот на Државната комисија за спречување корупција и криминал, многу реално сведочат во каква хипокризија живееме. Земја, во која гробиштата се поубаво уредени од болниците, не треба да стравува за својата небиднина ако мижи пред вистината.
А се мижи и пред дипломите на најдобрите студенти, само затоа што не се подготвени да слугуваат во партиски штаб, туку сакаат да и служат на својата професија. Злосторство ли е тоа или компаративна предност? Во нормални држави, таквите би напредувале. Кај нас се осудени да заминуваат. А зошто би лепеле партиски плакати ако во странство можат да најдат работа соодветна на нивното образование? И откако со газење врз мерит- системот ќе ги избркаме младите од овде, по белосветските метрополи преку организацијата „Македонија 2025“ организираме донаторски конференции за помош во образованието за најдобрите студенти. А кои се членови на „Македонија 2025“? Веројатно еден куп „неуспешни луѓе“, кои од Македонија заминале поради „духовна неисполнетост, нереализираност, недостиг на љубов“… Како Мајк Зафировски, на пример. Се прашувам, колку ли му е тешко на овој човек и да ја плаќа киријата во туѓина, и да работи на две-три места за гола егзистенција, и да и помога на Македонија, а притоа и да се чувствува како во виц за „Мујо во Америка“. Верувам дека не му е лесно. Ни нему, ни на сите други, кои во странство научија две клучни работи: дека не може да се произведе лек што може да ја намали носталгијата кон татковината, но уште помалку – лек против глупост, толку ноторна глупост која само ќе ги увери дека воопшто не згрешиле тогаш кога кажале „збогум“.