Самоубиство од заседа

Колумна на Сашо Кокаланов

Ако по повод претстојниот референдум се формира група на помали партии што се залагаат Македонија да испрати сателит со Јанко Бачев внатре, кој ќе орбитира околу планетата и од високо ќе внимава некој да не ѝ ги загрозува националните интереси на Македонија, дали ќе добијат пари од државниот буџет за кампања? Зошто не? Па, Бачев како сателитски контролор на македонските интереси е подефиниран и пообмислен став и план за референдумот од бојкотот.

Како држава што фатила некое колонче од странскиот печат во рубриката за бизарни вести со самоубиство во затвор преку давење во кофа со вода, Македонија сериозно размислува да отиде уште подалеку во својата бизарност – да биде прва држава што го финансирала сопственото самоубиство.

Самото тоа што експерти дебатираат дали за бојкотирачите на референдумот треба да се одвојат државни пари, зборува дека некој овие заебанции ги сфаќа сериозно. Македонија е како изгубен турист во Лос Кабос, Мексико (место со највисок рејтинг за уличен криминал), кој им дава по сто долари на уличните банди за да го ограбат.

Ако макар еден денар од народните пари заврши во друштвото за самоуништување, тогаш под државниот грб на сите институции не треба да пишува ни Република Македонија, ни БЈРМ, ни вечна, ни северна, туку само онаа легендарна епитафска забелешка: „Сам себе го убијал.“

Како држава што фатила некое колонче од странскиот печат во рубриката за бизарни вести со самоубиство во затвор преку давење во кофа со вода, Македонија сериозно размислува да отиде уште подалеку во својата бизарност – да биде прва држава што го финансирала сопственото самоубиство

Сега кога балканските кројачи повторно фатија да прекројуваат граници, единствени чии граници не се доведени под прашање се членките на ЕУ во регионов. Со други зборови, Македонија може да натегне танга и да се фрли во казанот ставен на оган мислејќи дека е лагуна на Сејшелите, велам може да го направи тоа, но стварно е глупаво да ги потплати потпалувачите на огнот под казанот.

И да, при евентуалната размена на територии, не се надевајте ни на Солунско Поле, ни на Халкидики, па дури ни на Прохорпчински или некоја нива кај Ќафасан – ние за дадените територии може да добиеме само солиден сезонски попуст за гробно место на гробиштата на историјата. Или, ај малку попросто – според добропознатата аланфордовска логика дека ако сакаме да победиме, не смее да изгубиме, не е тешко да се извлече заклучок оти ако сакаме да постоиме, никако не смее да исчезнеме.

Значи има такви кои се за влез во ЕУ и во НАТО со прифаќање на договорот со Грција, други кои се против влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција, и останати. За што се залагаат овие третиве никој не знае. Освен дека се залагаат да добијат пари за своето незалагање.

Ситуацијава со „останативе“ ме потсети на еден виц што го напиша Дежуловиќ во една од своите колумни лани.

Се собрале, вели вицов, осудени Срби, Хрвати и Бошњаци да протестираат пред Судот во Хаг за „дискриминација на национална основа“. Како тоа на национална основа, ги прашале од Судот, а тие објасниле: „За сите злосторства во Босна и Херцеговина се обвинети само Срби, Хрвати, Бошњаци и никој друг, никој од останатите во БиХ.“ „Останатите!?“, се чуделе во Судот. „Да, чесен суде, останатите. На последниот попис, 150.000 луѓе во графата за национална припадност се определиле како: „Остали“ и никој од нив не е осуден. На тоа, Судот се повлекол кратко, а потоа досетливо им го зачукал на протестирачите: „Вратете се во ќелиите, не е точно тоа што го тврдите. Ги гониме и нив. Еве во последниот пример сме напишале: Пресуда против Прлиќ и останатите…“

Муабетот ми е, на идиотските барања од „Македонија бојкотира“ да им платиме за шајките со кои сакаат живи да не заковаат во ковчег, или не треба воопшто да се одговара, или треба да им се одговори со некоја досетка како од вицов на Дежуловиќ.

При евентуалната размена на територии, не се надевајте ни на Солунско Поле, ни на Халкидики, па дури ни на Прохорпчински или некоја нива кај Ќафасан – ние за дадените територии може да добиеме само солиден сезонски попуст за гробно место на гробиштата на историјата

Или, пак, ако не да им се дадат пари, но за да се увериме дека ќе ги потрошат стриктно за намената за која ги добиле, државата да им го одреди Миле Јанакиески за стечаен управител на изборниот штаб на #бојкотирам, а Гордана Јанкулоска за оперативен менаџер на движењето. Мислам, какво е тоа бојкотирање, ако лифтовите во повеќекатниците работат на денот на гласањето!? Какво е тоа бојкотирање ако „циганите што ќе излезат на гласање, за уши не ги вратиме дома“!? Какво е тоа бојкотирање ако приватните фирми на тие што излезе на гласање не пиштат и вриштат од рекетари и инспектори!?

Има во светскиот регистар на најбизарни случки од полициските билтени еден во кој полицијата тропнала на вратата кај човек за кој дознала дека нелегално поседува оружје. Кога го прашала зошто купил пиштол, одговорил дека му е за самоубиство, а кога го прашале каде му е сега оружјето, одговорил дека го продал. „Зошто, се премисли!?“, прашале полицајците. „Не, ми фалеа пари за куршуми“, одговорил кутриов неуспешен самоубиец од заседа.

Ако веќе го финансираме сопственото самоубиство, да го направиме тоа со стил. Да го одврземе ќесето, па да одредиме сума, не само за партиите што повикуваат на бојкот, туку и да го обесштетиме и секој еден гласач кој нема да го искористи своето граѓанско право на глас.

И секако, вреди да се размисли уште еднаш за идејата за сателит со Бачев во орбитата. О вие, горди Македонци, зар нема да спиете помирно ако Ванковска ве чува од земја, Бачев од небо, а Солза ја чува дијаспората да не падне во депресија?