Се намали јазот помеѓу Груевски и Шутка

Колумна на Сашо Кокаланов

Извесен Џо Чендлер од гратчето Брансвик во Џорџија, САД, со внимание ја следел неодамна завршената претседателска изборна трка, веројатно како и секој Американец. Меѓутоа, кога гласањето завршило, Џо не сакал да ги чека резултатите. Си легнал, со намера да ги дознае утрото кога ќе стане. Кога се разбудил, сфатил дека тоа баш и не го интересира премногу. Ќе дознае попладнето. Паднала ноќ, а Чендлер и натаму не сакал да дознае кој победил. Сфатил дека ужива во своето незнаење. Ги предупредил домашните да не му ги кажуваат резултатите, сѐ додека самиот не ги праша. Кога тоа ќе се случи, ќе види, има време. А за оние кои не го познаваат си направил табла со натпис „Ве молам, не кажувајте ми кој победи, не сакам да знам“, која си ја носи закачена околу вратот. Засега му успева…

Кога, пак, Џо Чендлер би се викал Ѓорги Чендлеровски, на пример, и би живеел во Македонија, тешко би успеал да живее во толкав информативен мрак. Да, можеби Ѓорги би си легнал пред да заврши пребројувањето, што и не е некој проблем, бидејќи поради големината на нашата прекрасна земја и многуте часовни зони, тоа овде трае подолго отколку во САД, но секако не би успеал да се разбуди неинформиран, зашто веќе во текот на ноќта прославите би го скорнале од сон. Само што, пусти Ѓорги заспал, ете ги симпатизерите на опозицијата со своите автомобили како итаат на плоштад да ја прослават победата. И толку од незнаењето на Чендлеровски!

Но, почекајте, тоа не е сѐ. Веќе следната ноќ, го будат нашиов Џо нови автомобилски сирени, овојпат се слави победата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. И така со секое ново пребројување, ново славје.

Колку и да звучи контрадикторно, власта ги изгуби изборите во Македонија, дури и ако ги добие

Всушност, Ѓорги сега има нов проблем – тој знае кој победил, но не знае кој изгубил. Си пишува нова табла „Ве молам не кажувајте ми кој изгуби, не сакам да знам“ и со неа се шета низ градов.

Ајде да му ја расипеме забавата на Ѓорги Чендлеровски и да видиме, не кој победи, ами кој изгуби. За тоа не ни требаат конечните резултати од ДИК. И првичната математика покажува дека постои мртва трка за најголем лузер на изборите помеѓу коалициските партнери од власта ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Партијата на Никола Груевски изгуби десет пратеници, кои можеби ќе бидат единаесет, а онаа на Али Ахмети девет. Во гласови, првата изгуби триесетина илјади, втората – осумдесетина илјади. За да не ни се налутат ниту едните ниту другите, за најголеми губитници можеме да ги прогласиме двете.
Колку и да ви звучи контрадикторно, власта ги изгуби изборите во Македонија, дури и ако ги добие. Груевски и Ахмети заедно загубија преку 100.000 гласови и речиси 20 пратеници и според логиката на нештата требаше досега да си поднесат оставки.

Но, ова е Македонија и тоа се разбира нема да се случи. Никој во нивните партии досега не собра храброст да им побара оставка. Никој не се одважи да викне дека двајцата цареви се голи. Не помага ни страсната меѓусебна Халкидики-прегратка, ни бундата на Амди – голи се. Сепак, не само што нема оставки туку двајцата веќе јавно, додуша со поприлично кисели фаци, се прогласија за победници и најверојатно веќе заспиваат шепотејќи си на телефон како едниот да го спаси газот на другиот и обратно. Некој ќе рече дека се болни за власт. Не дека не се, но болни се пред сѐ за слобода. Не на земјава, се разбира, туку нивна лична.

Веќе навикнавме Груевски едно да зборува, а друго да прави. Така возејќи се со лифтот во луксузната палата од десетици милиони евра, слушна Никола гласови од спонтано насобрана толпа, го запре лифтот на приземјето, си ја намести насмевката пред огледалото и излезе спонтано да им се обрати.

За чудо, покрај спонтано насобрани симпатизери, спонтано се собрале и камери. ТВ Нова, на пример, кога така не би ги извалкала скапите теписи, веројатно спонтано пред лифтот би го паркирала и својот автобус. И додека диригентот дава знаци за победнички скандирања, Груевски ја смирува толпата и подава рака на помирување кон противникот. Ќе го намалел јазот меѓу граѓаните. А во раката што ја подава за помирување, сѐ уште му е крвавиот нож на Ќосето.

Да не се лажеме, јазот меѓу граѓаните е самиот Никола Груевски. Се разбира дека членовите на неговата партија кои слават со крстови на кои е испишано името на Зоран Заев не го прават тоа спонтано. Знаеме и од бомбите како оди тоа – Груевски прво ги нарачува крстовите и шамарите, а потоа ги осудува. Сега дури и немаше скриени повици, напротив, јавно на митинг го повика Ќосето да „заврши со Заев“.

Граѓаните победија, но оваа победа ќе биде Пирова, ако бидат втурнати во крвав пир. Знаат сите, знаат и домашната и меѓународната јавност – јаз ќе има, сѐ додека јазовецот не биде изведен пред суд

Наставничката од Битола само помислила дека Ќосето ја завршил работата, ништо повеќе. Доволно е ќоса и мазна во умот да не може да согледа дека Битола на изборите ја погреба нејзината партија.

Груевски е јазот меѓу нормалните и имбецилите, меѓу моралните и соучесниците. Тој јаз не само што не смееме да дозволиме да се намали, туку треба да го продлабочиме. Единствениот јаз што треба да се намали е тој меѓу Груевски и Шутка. Секој друг граѓанин на Македонија обвинет и осомничен за таков тип злосторства веќе ќе беше во истражниот затвор „Шутка“ за да не може да ги повтори.

Со гласањето во неделата, јазот меѓу Груевски и Шутка не само што е намален, туку речиси и сосема исчезна. Мала браздичка од неколку стотици гласови сега го дели Груевски од Шутка. Тој и неговиот братучед познат како Пабло Ескобар се веќе со една нога таму, а пребројувањето ќе покаже дали, реално, се отаде оградата со боцлива жица.

Во право се поддржувачите на власта кога реагираат дека Заев не е тој што треба да кажува кој смее, а кој не смее да прави влада. Да, сметам дека граѓаните треба да се прашаат кој смее да прави влада. А СЈО да се праша кој не смее.

Тоа, пак, дека јазот меѓу него и Шутка е намален, можеби и исчезнат, го знае и самиот Груевски. И уплашен е. А неговиот страв треба да нѐ плаши и нас. Сега е подготвен на сѐ. Цела Македонија за него сега е едно големо Диво Насеље, еден голем длабок јаз во кој треба да се турнат граѓаните, за од него да се спаси самиот. Тој е случај според кој Фројд би пишувал учебник. Затоа, кога Груевски вели мрачни сценарија, бидете сигурни дека во главата има смислено едно такво!

Подготвува ли власта сириско сценарио за Македонија? Синоќешните полициски акции насочени против началници на полицијата токму во регионите во кои се кршат копјата за победникот на изборите зборуваат дека е почната војна без парафински ракавици. Граѓаните со жив штит ги бранеа началниците од големиот началник. Македонија влегува во опасна, црвена зона. Граѓанската војна во Сирија почна со антивладини протести, на кои полицијата отвори оган и сѐ отиде во бестрага. Денес оваа земја речиси не постои, опустошена е, раселена, но факт е дека Башар Ал Асад сѐ уште е претседател.

Нека трепка оваа црвена сијаличка како предупредување. Граѓаните победија, но оваа победа ќе биде Пирова, ако бидат втурнати во крвав пир. Нека бидат внимателни и мудри. Знаат сите, знаат и домашната и меѓународната јавност – јаз ќе има, сѐ додека јазовецот не биде изведен пред суд.

И не се правете Џо, сите знаете кој е јазовецот.