Сè се враќа: И Мемети на „бел леб“ по црниот понеделник

Кога еднаш ќе замижиш пред недемократски преседан, треба да бидеш свесен дека следниот веќе демне зад аголот. На Мемети му се случи токму тоа. Сега ќе му биде појасно каква е разликата помеѓу тоа да ти одземат дел од буџетот и самиот да си го одземеш зборот. Нема ништо попоразително од второво.

Жал ми е, но воопшто не сум изненадена од информацијата дека народниот правобранител, Иџет Мемети, бил спречен да зборува во парламентот на седницата за ребаланс на буџетот. Не сум изненадена ни од она што го пренесуваат медиумите, дека одбил да го коментира инцидентот.

Всушност, не ми е јасно кој е главниот инцидент? Тоа што народниот правобранител бил спречен да зборува во парламентот, или инцидент е неговиот втор мандат!?

Со цела почит кон институцијата народен правобранител, во оваа (не)прилика сакам да го потестам носителот на оваа значајна функција, на еден зимски ден во 2012 година. Би требало да се сеќава дека беше 24 декември, еден од оние типични денови зафатени од предновогодишната еуфорија, но и ден кој не навестуваше ништо невообичаено, освен повторно температури околу нулата, слаб ветер од северен правец и магла на планинските превои.

Никој и не претпоставуваше дека тој ден маглата ќе ја смени „рутата“ и ќе се спушти директно во Собранието, на седницата за буџетот. Никој и не можеше да претпостави дека дострелите на македонската демократија тој ден ќе завршат со бркање на опозициските пратеници и на новинарите од парламентот – со туркање, клоци, разни боксерски „пируети“ и други насилнички потези, нетипични и неприродни за атмосфера и за политичка култура во еден законодавен дом.

Но, токму тоа се случи. И додека и домашните и светските медиуми известуваа за т.н. „црн понеделник“ во македонското Собрание, веднаш по таа срамна „чистка“ на опозициски пратеници и на новинари од законодавниот дом, владејачкото мнозинство ја продолжи работата во парламентот како ништо да не се случило.

Истиот тој ден, на 49-тата седница, владејачкото мнозинство го реизбра на функцијата дотогашниот народен правобранител, Иџет Мемети.

memeti620

Беше тоа страшен апсурд и невидена иронија. Ќе беше многу достоинствено ако овој господин го искористеше моментот за да каже дека е неприфатливо тоа што се случи во парламентот и ако категорично одбиеше да биде реизбран по еден таков срамен настан. Мемети не го стори тоа. На денот кога беше масакрирана парламентарната демократија, наместо да го пренасочи говорот кон фрапантните околности, тој само си ја поднамести краватата и со задоволство го прифати својот втор мандат.

Одржа говор, но не изусти ни збор за скандалот. И не само тоа. Во годишниот извештај за 2012 година, не ги ни спомна инцидентите во Собранието од 24 декември. Медиумите на 29 март 2013 ја пренесоа неговата изјава – дека не повел постапка за заштита на пратениците за настаните од 24 декември, затоа што не смеел да се меша во надлежностите на институциите. Во однос на новинарите повел постапка, но истата ја запрел, бидејќи исто така немал надлежност да се меша во постапката на институциите кои не се под негова надлежност.

Па, за што имал надлежност народниот правобранител? Само за нов мандат испразнет од суштината и причината за која постои?

И сега треба да бидеме фрапирани што власта со ребалансот решила да ѝ одземе дел од буџетот на неговата институција? Тоа е сосема очекуван и „природен“ тек на работите, што го снаоѓа секого што мисли дека со молк ќе може да се издигнува како феникс од пепелта на урнисаната демократија.

На 24 декември 2012 година, власта точно оценила колку „тежи“ еден народен правобранител кој ниту видел, ниту чул дека нешто се случило тој ден во парламентот, освен дека самиот е реизбран на функцијата. Тој ден му ја измериле „специфичната тежина“, имунолошкиот статус, степенот на интегритет и ја одредиле цената на институцијата. Според буџетската ставка, излезе многу ниска.

Верувам дека господинот Мемети како заслуга за молчењето на 24 декември и лани и годинава очекувал многу повеќе. За жал, историјата на сите слугарски практики покажува дека вака поминуваат сите што мислат дека со одреден потег ја задолжуваат власта. Не разбираат дека процесот е сосема обратен: со функцијата што му ја дала, власта во него гледа вечен должник, кој постојано треба да ѝ биде послушен, беспоговорен, па и буџетски скромен.

Поуката е јасна. Кога еднаш ќе замижиш пред недемократски преседан, треба да бидеш свесен дека следниот веќе демне зад аголот. На Мемети му се случи токму тоа. Сега ќе му биде појасно каква е разликата помеѓу тоа да ти одземат дел од буџетот и самиот да си го одземеш зборот. Нема ништо попоразително од второво.

За волја на вистината, гледам дека народниот правобранител последнава година е исклучително активен и посветен на многу случаи од надлежноста на таа институција. Тоа е добар сигнал, но, за жал, не е, ниту може да биде, компензација за најкрупниот пропуст во неговиот мандат.

Моралниот интегритет, достоинството на функцијата и храброста да се кажат вистинските зборови во вистинско време, никогаш не зависеле од буџети.

Затоа на Мемети денес му е најлесно да зборува колку му скратиле од буџетот. Ќе сметам дека имаме сериозна тема за разговор, тогаш кога ќе пресмета за колку биле ускратени и оштетени демократските процеси со неговото молчење на 24 декември. Тоа е најважниот индикатор.