Секогаш има првпат!

Завршуваат децениите на неказнивост. Во тоа не веруваше ни Санадер, не веруваше ни Понта, но се случи. Секогаш има првпат. И Македонија нема да биде исклучок.

Префрлање сметки и имоти на други имиња, продажба на имоти, испраќање посредници да изнесат кеш во пријателски режими… Се случувало ова во многу земји, во оние пресвртни историски моменти, кога елитите биле пред огромен страв и опасност дека ќе се открие нивното скриено азно, стекнато на начин непознат за легалните форми на заработка и екстремно поголемо од збирот на сите нивни легални приходи.

Ова чувство го искусиле многу претставници на режими изградени врз дистрибуција на страв и репресија врз граѓанството, со цел некои прашања никогаш да не смеаат да бидат поставени. Тоа чувство не им е непознато и на претставници на стари демократии, кои, и покрај сите апсолвирани антикорупциски практики, паднале во искушение „да брцнат во медот“.

Заедничко за сите е едно – застанале пред судот на правдата, порано или подоцна. Освен оние кои решиле незаконски стекнатото богатство да го бранат и по цена на сопствениот живот. Но, моралната смрт ги следи сите, без исклучок. Изреката „тој од денес е мртов (политичар)“ се однесува за сите оние чии дела се докажале на суд, а животот понатаму можеле да го продолжат само во една затворски условена смисла.

Тоа е она што најмногу ги плаши, што им ја скратува довчерашната арогантна насмевка, што ги прави нервозни кога ја врзуваат краватата која сѐ повеќе ја чувствуваат како свилен гајтан околу вратот, плашејќи се дека и таа, и новите костуми, можеби наскоро повеќе нема да им бидат потребни, бидејќи околностите бавно, но сигурно се менуваат. На нивна штета. Стравуваат дека завршува времето на неказнивост.

Изборот на специјален обвинител во Македонија многу брзо ги извади на виделина ваквите симптоми и кај нас: суптилен отпор, прикриена нервоза, обид стравот да се замаскира со лажна самодоверба. Постепено замрува чаламот, а стравот се сели од базата кон врвот на пирамидата. Нема поголем таксират од тоа. Да немаш мирен сон, да чекаш да те повикаат да дадеш исказ, да чекориш по истите ходници по кои до вчера си ги испраќал жртвите на селективната правда, верувајќи дека вагата на Јустиција политички е добро наштелувана за никогаш да не се најдеш на нејзиниот тас.

Така веројатно си мислел и поранешниот хрватски премиер Санадер, така се надевал и неговиот романски колега Виктор Понта, кој и официјално е обвинет за корупција, затајување данок и перење пари, дела извршени во периодот пред да застане на чело на Романската влада.

Понта ги отфрлаше обвиненијата нарекувајќи ги „манипулација со јавното мислење“. Обвинителот го нарече „тотално непрофесионална личност“, која се обидува да ја унапреди својата кариера со измислување невистинити дела и ситуации од пред 10 години. Одби да поднесе оставка со став дека ќе остане премиер до изборите во декември 2016 година. Тој е првиот актуелен романски премиер, против кого е покренато обвинение. Секогаш има првпат. Обвинети за делото се уште четири лица, меѓу кои и неговиот близок соработник и сопартиец Дан Шова, за незаконско присвојување 870.000 долари како адвокат во приватизацијата на енергетските комплекси „Турчени – Ровинари“ и за уништување на компјутерските фајлови за да ги прикрие своите траги.

За нашата специјална обвинителка, меѓу другите, добар пример ќе биде и романскиот. Тамошниот обвинител не потклекнал во истрагата под притисок на актуелниот премиер и инволвираните моќници во случајот. Во спротивно, би учествувал во темелно уништување на смислата на законодавниот и правосудниот систем, а во таков случај исчезнува и суштината и суверенитетот на просторот во кој законите воопшто можат да постојат и да функционираат подеднакво за сите.

Во оваа смисла, светол пример е поранешниот израелски премиер, Ехуд Олмерт, кој во 2008 година даде оставка поради обвинувања за корупција и злоупотреба на службената положаба: „Со гордост изјавувам дека сум граѓанин на земја која води истрага за премиерот. Никој не може да биде над законот, ниту надвор од законот. Заминувам од функцијата достоинствено, а потоа ќе ја докажувам својата невиност“.

howardignatius-Foter-CC-BY-NC-ND

Фото: howardignatius/Foter

Ова е добар пример за оние кои сакаат да ја релаксираат истрагата, без нивната моќна функција да виси како Дамоклов меч врз правосудните органи. Таков чин досега не се случил во Македонија. Напротив, железни опинци се кинат и орловски нокти се забиваат во политичкото ткиво за да се остане на функција по секоја цена, бидејќи во окупираниот судски систем од политиката, гледаат шанса и за сопствена неказнивост и за спречување какво било спомнување на можноста дека некој функционер е инволвиран во незаконски дела.

Новата обвинителка има неповторлива шанса да го извлече системот од таа непостапувачка атрофија под политички притисок. Никој не е и не смее да биде над законот или надвор од него.

Сите сме во кругот, а тој, за оние што ја злоупотребиле својата положба и ги изневериле интересите на граѓаните и државата, сѐ повеќе ќе се стеснува. И покрај многуте сомнежи во ваквата разврска, убедена сум дека се движиме во таа насока. За среќа, тоа не зависи само од нашата желба.