Село зад седумте јасени

Вака стојат работите: Гевгелија одби да се отвори рудник за злато на Кожув, Марин ле Пен губи во првиот круг на претседателските избори во Франција (веројатно со голема разлика ќе го изгуби и вториот круг), а Ѓорге Иванов, заедно со Никола Груевски, подготвува скривалишта во Јасен. Барем така известуваат медиумите.

Се разбира, не бев ниту во Гевгелија, ниту во Франција, а најмалку во Јасен, па затоа моите констатации можат да се базираат само на извештаите на моите колеги, новинари, кои, нели, не мораат да бидат најпрецизни, а во случајот на мојата вечна татковина Македонија, најчесто и не се.

Затоа работите можат да се постават и обратно. На пример: власта ја изгуби битката во Гевгелија (наспроти можностите за нови вработувања, странски инвестиции и сето она што вообичаено доаѓа како прилог на секоја одлука на власта во заминување); центарот победува во Франција, а кичевскиот градоначалник вели дека неговите витални органи се наоѓаат во Тирана. Да, добро, Иванов и Груевски уште ги проверуваат скривниците во Јасен.

Која е поврзаноста меѓу референдумот во Гевгелија, изборите во Франција и Славко Јаневски или како улицата завршува во депонија

А може и вака: Гевгелија ја зафати вирусот на нормалноста, фашизмот и десничарењето губат во цела Европа, ракометниот клуб „Вардар“ најверојатно влегува во финалниот турнир за шампион на Европа, а Иванов и Груевски ќе се кријат во Јасен.

Има некаква симболика во веста дека уште пред Велигден била некаква наводно стручна екипа да ги проверува скривниците во националниот парк Јасен, во случај, повторно наводно, претседателот на една наводна држава и претседателот на една, ете ќе кажам, губитничка партија, да се сокријат или, ајде, да командуваат со една, пак наводно, акција против мнозинската волја од овдешното релевантно избирачко тело. Верувам дека на авторот на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“ и на првата македонска урбана новела „Улица“, Славко Јаневски, ни на крај на умот не му било да прејудицира што ќе се случува многу децении подоцна.

Наспроти тоа, токму овие два важни наслова на великанот на македонската литература, кому токму оваа власт безмалку истовремено му изгради споменик во центарот на Скопје и веднаш потоа го лустрираше, речиси хируршки прецизно го одредуваат моментот во кој денес се наоѓа македонското општество. Или, поточно, македонската политика. Значи, институциите на системот се заменети со улица, а политичкиот врв се подготвува да командува или што и да прави во некое село зад седум јасени!

И, секако, тука ќе додадеме уште еден наслов: последното дело на Јаневски , последната книга, последниот роман, постхумно издаден, се вика „Депонија“. Симболиката, претпоставувам, не треба премногу да се објаснува – сите ние завршуваме во депонија! Особено оние кои се наоѓаат зад седумте јасени, а очекуваат да ги одбрани урбаната улица, токму со луѓето кои се дојдени од зад седумте јасени. Има тука уште во читањето на Славко Јаневски и читањето на денешната стварност. Но, да не навлегуваме во некакви литературно-политички теории, на ова место само ќе споменеме дека Јаневски го преработи својот прв роман „Село зад седумте јасени“ (практично се откажа од него, па дури како автор и го забрани неговото реобјавување). Втората верзија на романот се вика „Стебла“: Тоа се оние ентитети, кои оваа власт милува безмилосно да ги сече, а понекогаш и наводно (ах, овој збор) и да ги сади под фирмата „Ден на дрвото“. А, одвреме навреме, да ги именува и како џбунови, како што беше случајот со сечењето на дрвјата пред Градскиот трговски центар во Скопје.

Не, животот не пишува романи! Романите го пишуваат животот!

Насловите на Славко Јаневски „Село зад седумте јасени“  и „Улица“ хируршки прецизно го одредуваат моментот во кој денес се наоѓа македонското општество

Читам, ете, по медиумите дека референдумот во Гевгелија, градот кој одамна пие затруена вода со арсен, а плаќа редовни комунални сметки, нема некоја правна важност, односно дека централната власт (евентуално локалната) ги има сите легалистички и легислативни механизми да го отвори тој спорен рудник за злато. Некој би рекол дека по ваков референдумски резултат нема да постои власт која би се спротиставила на мнозинската волја на граѓаните, а ние би рекле дека – има! Којзнае, можеби претседателот на државата или некогашниот премиер, а најверојатно актуелниот градоначалник, кому, по иницијатива на истата таа, сега веќе нелегитимна, власт, Уставниот суд ќе му го продолжи мандатот во недоглед – значи, кој било од нив ќе прогласи дека Тиранската платформа стои зад разнебитувањето на рудникот за злато и затоа резултатот на референдумот нема да се признае како противдржавен, противгевгелиски и противзлатен. И плус ќе се отвори рудник за арсен. За инает на домашните предавници.

Така некако, верувам, резонира и Марин ле Пен. Само што таму станува збор за Франција, државата која дефинитивно ја измисли модерната демократија, современата република и најважното гесло на современиот свет: „Слобода, еднаквост, братство“, па дури и екстремната десница мора да ги почитува придобивките на современата цивилизација. И парламентарна и изборна волја.

Истото се случува и кај нас. Само што тоа е некаде далеку, во некоја улица која води во една депонија во селото зад седумте јасени.

Да заклучиме, вака стојат работите: Гевгелија одби да се отвори рудник за злато на Кожув, Марин ле Пен губи во првиот круг на претседателските избори во Франција (веројатно со голема разлика ќе го изгуби и вториот круг), а Ѓорге Иванов, заедно со Никола Груевски, подготвува скривалишта во Јасен. Барем така известуваат медиумите.