Што сега, ќе се пцуеме на латински?

Колумна на Сашо Кокаланов

„Мафијата нема влијание врз правосудството, затоа што тоа би било катастрофално за државата.“ Ова е легендарна изјава од пред неколку години на тогашниот министер за правда на Црна Гора, Душко Марковиќ.

Некои црногорски колеги-новинари ми раскажуваа дека тој не само што не негирал дека во земјата има мафија туку одговарајќи на пратеничко прашање, изјавил дека тие како влада се сосема свесни за слабостите на правосудството, па затоа покренале низа политики кои треба да доведат до целосно одвојување на мафијата од државата.

Комично, зарем не? Цепки. Но, пред да се искинете од смеење, само една блиц информација. Синоќа најголемите владејачки партии во оваа земја најверојатно постигнаа согласност за нова влада. Премиер нема да биде Мило Ѓукановиќ. Но, ќе биде неговиот потпретседател. Погодувате – Душко Марковиќ.

За среќа, „дaлеко је Црна Гора“, а и мафијата, пардон, партијата, не ни е одвоена од државата. А и „кад ќе – не знамо“.

Познавачите велат дека веќе и по ходниците на ЈО не може да се слушне македонски. Се разговара исклучиво на латински. И тоа на сицилијански дијалект

Да бидеме попрецизни, македонската држава нема мафија. Македонската мафија има држава.

А во неа, Јавното обвинителство остана без главните предмети за организиран криминал, зашто се формира Специјално јавно обвинителство, па обвинителите од ЈО, во недостиг на своја сериозна работа, се посветија на коментирање на работата на СЈО и усовршување на латинскиот јазик.

Испратија едно „пишем ти писмо да другови нисмо“ до Катица Јанева, во кое, покрај лекциите што ѝ ги поделија, покажаа и сериозни резултати во изучувањето на латинскиот јазик.

Катиљ-ферманот до Катица го завршија во голем стил, на латински, со тешка животна мудрост, која не може, а да не го погоди секој честит Спартанец во Македонија: Honeste vivere, alterum non laedere, suum quique tribuere!!! – „Чесно живеј, друг не повредувај, секому дај му што му припаѓа“. Трите извичници исто така се на чист латински.

Познавачите велат дека веќе и по ходниците на ЈО не може да се слушне македонски. Се разговара исклучиво на латински. И тоа на сицилијански дијалект. Па, така, вчера кога Зврлевски дошол на работа, го пресретнала една негова колешка со зборовите: Ave Marko! Morituri te salutant! („Аве Марко, те поздравуваат смртните!“) На тоа Зврле малку го засукал мустаќот и одговорил: Beneficium accipere est libertatem vendere. („Да примиш услуга, значи да ја изгубиш својата слобода.“)

Обвинителката малку засрамено, со шепот му дофрлила: Carpe diem, quam minimum credula postero! („Искористи го денов, не верувај му на следниот.“) Тоа и Марко го расположило. Се свртел лево-десно да провери дали некој го набљудува од странските служби, па откако се уверил дека се сами, смешкајќи се под мустаќ, прокоментирал: Clara pacta, boni amici („Чиста сметка, долга љубов“) и ѝ намигнал на обвинителката. Таа, сепак, не ја загубила присебноста од шеретското однесување на шефот. Го предупредила: Claude os, aperi oculos! („Затвори уста, отвори очи“.)

На тоа Зврле малку се збунил. Прво рекол: Contra receptam opinionem. („Против јавното мислење“), па се поправил: To est, suius regio, eius religio („Чија е земјата, негова е и религијата“), па пак се исправил – To est, cave canem! („Варди се од кучката“), ова последново му излетало на македонски, а откако ја забележал колешката како загрижено си го трие кристалчето сваровски на ѓерданот, чувствувајќи дека латинскиот му се излизгува од раце, треснал: Cogito ergo sum („Мислам, значи постојам“), по што двајцата исчезнале.

Можеби Марковиќ беше во право – ако мафијата, пардон, партијата, има влијание врз правосудството, тоа може да биде катастрофално за државата. Но, секако е добро за имотот и за замоците на босовите на мафијата, пардон, за шефовите на партијата. Особено кога се на врв на рид и секоја будала може да ги слика.

Само во земја како Македонија може да се случи приватно обезбедување да уапси истражител на јавно обвинителство. И да го однесе во полициска станица. Во неодамна издадената Антологијата на најглупави полициски прашања со приведени граѓани, има и едно вакво: Дали бевте присутен додека тој ве фотографираше? Претпоставувам дека така некако течел и разговорот во полициската станица „Беко“ со истражителот на СЈО.

Навистина не знам што би можела полицијата да праша еден истражител што добил задача да фотне објект. Дали објектот беше присутен додека го фотографиравте? Дали куќата на фотографијата е токму онаа што ја фотографиравте? Дали поседувате дозвола за фотоапаратот? Што калибар, односно колку милиметри ви е објективот? Дали знаевте дека блицот може да ја оштети бојата на фасадата… Откако истражителот признал сѐ, а полицијата ги исцрпела сите интелигентни прашања на темава, се разделиле. А тогаш џандарот се сетил на уште едно: А бе, да не знаеш некој добар сервисер за никон, ми рикна мојов, сите слики од одмор ми отидоа у курац…

Босовите веќе знаат каде води целиот овој процес. Не им треба ним Васко Ефтов да им каже дека не е до Катица, зад неа стои цел систем, кој работи и ќе работи со или без неа. Имаат тие нос за такви работи. Мислам дека проблемот на македонската мафија сега веќе не е како да ја задржи власта туку како да ги задржи парите. Зашто, како и секоја мафија, кога на босовите им се ближи ќорка, тие околу нив веќе размислуваат како да скубнат од пленот. Секој гледа шанса.

Ја знаете онаа анегдотата кога главниот на италијанската мафија открил дека го испокрал неговиот личен глувонем книговодител. Со мала книговодствена далавера, му здиплил 10 милиончиња. Бидејќи намерно го одбрал токму него како глувонем, за да не може ништо да чуе и потоа да сведочи против него, сега пак, за да разбере каде му се украдените пари, морал да најми адвокат што знае да комуницира на знаковен јазик.

Прашал босов каде се парите, а книговодителот објаснил дека не знае. Адвокатот му превел на капо ди тути капи, кој не се двоумел да му впери пиштол в чело на книговодителот. Уплашен, кутриот признал каде ги закопал. Адвокатот ја кренал едната веѓа, размислил малку, па превел: Вели дека немаш газ да опалиш.

Македонските босови сега се опкружени со вакви адвокати на ѓаволот, подготвени да изигруваат поголеми папи од папата, па и да зборуваат латински подобро од папата, само за да лапнат нешто од нивното богатство додека сѐ уште има изобилие за делење.

Само во земја како Македонија може да се случи приватно обезбедување да уапси истражител на јавно обвинителство. И да го однесе во полициска станица

Зврле, додуша, понекогаш ги меша знаковниот и латинскиот, па затоа отчетот за својата работа во Собрание го даде на литературен знаковен јазик, односно сето време им даваше знаци на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да одолговлекуваат со Катица за да не дојде тој на ред. Не му е лесно и нему, но грешат оние што мислат дека не спие како бебе навечер.

Знае дека грешел, не е глупав, но од друга страна знае и дека Еrrare humanum est („Да се греши е човечки“) и дека Еrrando discimus („На грешките се учиме“). Има еден глас на совеста, не дека нема, кој се појавува пред спиење и му вели дека може еднаш да згрешиш, не стопати, или ајде да бидам прецизен со латинскиот, ова можеби ќе го читаат и јавни обвинители: Cuiusvis hominis est errare, nullius nisi insipientis perseverare in errore!!! – „Секој греши, но само лудакот истрајува на своите грешки“.

Ама, бидете без грижа, знае Марче да го стиши овој глас и мирно да се препушти на слатките сништа за одвојување на мафијата од правосудството, попуст на качкети и слични обвинителски работи. Ќе си рече Еgo sum, qui sum („Тој сум што сум“) и сончето веќе го погалува по мустаќот.

И кога веќе се пцуеме на латински, јас на местото од Катица на обвинителите би им вратил писмо со само една реченица. Ex iniuria ius non oritur. „Од неправда не извира правда.“ Мамицата!

Сѐ премолчеа. Десет години криминал премолчеа. Од бомбите наваму и особено од првиот прес на Катица, Ленче и Фатиме наваму се фрустрирани. Затоа што криминалот не само што исплива, не само што им стана рингтон на мобилните на луѓето туку СЈО покажува како навистина се водат истраги ако имаш волја („Акции, не зборови“ – Аcta, non verba).

Сево ова е на очиглед на јавноста, а тие сѐ уште се под завет за молчење. Смеат да отворат уста, само ако ги напаѓаат своите колешки од СЈО. Се правдаат во писмото дека почнале да ги работат предметите што им ги зеде Катица, баш кога им тргнало, некој „пред рака“ ги исекол со СЈО.

Да не се лажеме, знаеме како ќе завршеа сите тие предмети ако останеа во нивните раце. Гледаме како завршуваат повеќето барања до Кривичниот суд, браќата и сестрите по сваровски на ЈО.

„Мирно живеј, мафија не повредувај, на секој криминалец дај му го тоа што мисли дека му припаѓа.“ Тоа е нивното мото. Нашето е: Fiat lux! – „Нека биде светлина!“ Па, ќе видиме на крајот дали ќе победи нивното Audi, vide, tale si vis vivere in race („Слушај, гледај, молчи и живеј во мир“) или нашето Fiat iustitia et pereat mundus – „Нека биде правда, па макар и светот пропаднал!!!“ Со три извичници на чист латински, нормално.