Сиромашните „форбсовци“

Нулта санкција, место нулта толеранција. Вака може да заврши најавата за енергична битка против корупцијата, ако состојбата се остави на слободно „толкување“ на индициите за коруптивни активности, и без институционална постапка за нивно проверување, докажување и санкционирање.

Кога претседател на ДКСК ќе се пожали на „оркестриран напад“ врз Комисијата, тој не уверува дека решил да се занимава исклучиво со прашањето кој јавил за пожарот и кој разгласил за изгорените буџетски пари, а не дали и колку чади во институцијата со која тој раководи. Од една страна вели дека „се согласуваат во добар дел од наодите во извештајот“ на ревизијата на УЈП , од друга дека „тоа е предимензионирано и воопшто не станува збор дека со лажни налози се подигани пари од институцијата“.

Едно со друго не оди. Исто како што не оди некој да приложи сметка дека на одреден датум направил трошоци во странство, а во исто време и дома. Би биле среќни ако членовите на ДКСК имаа таква моќ во исто време да бидат на две места. Тоа ќе значеше многу дебел извештај за учинокот од нивната работа. За жал, практиката сведочи за тенок учинок, за ситуации кога не постапувале ниту на едно, ниту две места, туку најчесто „не биле ни од овде“.

Кога претседател на ДКСК ќе се пожали на „оркестриран напад“ врз Комисијата, тој не уверува дека решил да се занимава исклучиво со прашањето кој јавил за пожарот и кој разгласил за изгорените буџетски пари

Од буџетски платените лица за борба против корупцијата не се очекува да ги релативизираат наодите за никого, а најмалку за нив лично, туку да се соочат со нив, да ги оспорат ако имаат докази или да ги признаат, но во секој случај да не се кријат. Така ќе покажат дека заслужиле да седат на тие места. Вака создаваат гнев во јавноста и црв на сомнеж дека битката против корупцијата овде никогаш нема да биде добиена.

И да нема калкулации: нивните оставки треба да бидат чин на демонстрирање личен пример на одговорност. Дури и да сметаат дека воопшто не се огрешиле, треба да дадат шанса да се докаже вистината. Оставки што доаѓаат во стилот на туркање на старо фиќо, ја немаат капсулата на силна општествена порака. Такви беа оставките на членовите на ДИК. На туркање. Затоа и нема информација дали сите ги вратиле парите од надоместоците. Тоа остана како „нешто незадолжително“. За разлика од интересот за апанажа.

Па, како ќе заврти бројчаникот ако парите на граѓаните не се вратат во буџетската каса? Или ако не влегуваат во неа. Фрапантен е податокот дека компанијата „Рудници и железарници“ со години плаќала повластена цена на вода, драстично помала од цената што ја плаќаат другите правни субјекти. А нејзиниот сопственик со години не е симнат од врвот листата на „Форбс“ за најбогатите Македонци. Секако, богатството може да се толку на различни начини. Moже да станува збор и за тешка сиромаштија на свеста, ако дел од деловниот успех се темели на вакви дисконти, и тоа во време кога илјадници граѓани завршуваат со блокирани сметки, поради неможноста да си ги платат сметките за вода.

Ваквите примери создаваат гнев и ја држат во кондиција паролата „нема правда, нема мир“. И добро е што советниците на Град Скопје конечно донеле одлука за поскапување на водата за оваа компанија. Но, чудно е што тоа поскапување ќе биде скалесто, за дури во 2021 година цената се изедначела со онаа што ја плаќаат другите правни субјекти. Да не му дојде премногу одеднаш. Не знам дали вакви скалести мерки се предвидени и за ранливите катогории граѓани. Но, ако може за водечките од листата на „Форбс“, најмалку дилеми треба да има за оние што ги полнат статистичките графи за сиромаштија.

Добро е Македонија да има што повеќе „форбсовци“, но од нив очекувавме повеќе, а не помала општествена одговорност. Бил Гејтс, вториот најбогат човек во свет, и голем филантроп кој издашно го помага здравството и образованието, деновиве апелираше до американските власти: „Би требало да плаќам поголеми даноци. Платив повеќе данок отколку кој било друг, преку 10 милијарди долари, но владата би требало од поединци кои се на позиција како јас, да бараат плаќање на значајно поголеми даноци“.

Ниеден закон нема да ја искорени корупцијата, ако надлежните дозволуваат законите да се потчинат на некоја неслужбена волја – партиска, олигархиска, лична, фамилијарна

Во тоа е разликата со овдешни аланфордовски ликови, кои овозможуваат да се краде од сиромашните за да им се најде на богатите. Или на моќните. Во тој контекст уште една епизода го засили впечатокот дека девијациите тежнеат кон трендот на неказнивност. Во тој мозаик одлично се вклопи Бекир Асани, висок функционер на ДУИ, кој нападнал полициска службеничка откако вработени од „Градски паркинг“ му го кренале непрописно паркираниот автомобил. Тој тврдел дека ја нападнал вербално, но фактот дека по инцидентот таа заминала во Градска болница, кажува дека било употребено нешто повеќе од „зборови“. 

Тој менталитет, таа патологија на однесување од позиција на моќ или од личен интерес, е метастазата која може да го зароби просторот за реформи. Досега, недостигот на политичка волја го толкувавме како постоење на отпор да се изменат одредени закони или матрици на однесување. Но, за да функционира системот не смее да биде во прашање имањето или немањето волја, бидејќи таа е двигател на сите постапки.

И нејзиното непостоење исто така е израз на нечија волја, негативна, односно, на збир на поединечни волунтаризми, кои за жал се платени од нас да ја реализираат „службената волја“ што е задолжителна и нормативно дефинирана. И ниеден закон не може да дејствува сам по себе, ако не е посредуван со волја или ако е суспендиран со волја. Така е и со борбата со корупцијата. Ниеден закон нема да ја искорени, ако надлежните дозволуваат законите да се потчинат на некоја неслужбена волја – партиска, олигархиска, лична, фамилијарна…

Па, кога Владата ќе биде исправена пред пролетното проветрување, треба да расчисти со ставот какви кадри и се потребни: луѓе кои се подготвени да работат за интересите на граѓаните и државата, или кадри заинтересирани само за средување на патните трошоци додека се возат на функцијата исклучиво од личен интерес. Тоа ќе биде главниот тест и интерен, и екстерен.

Зашто кога ЕК вели дека напредокот на Македонија ќе зависи од реформите, нема да го цени тоа само според бројот на донесени реформски закони, туку, пред се, од прикажаниот капацитет тие да се спроведат. Не утре, не задутре, сега, веднаш!