Сите сме ние статистичка грешка

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека неговите истражувања на теренот говорат дека тие што ќе гласале „За“ на претстојниот референдум, влегувале во рамките на статистичка грешка. Наспроти повеќето мои пријатели, кои се решени да излезат на референдумот и да гласаат „За“ и кои се почувствуваа навредени од оваа изјава на опозицискиот водач, јас ја почувствував како – комплимент!

Да, јас сум статистичка грешка! И не се вклопувам во претставата за просекот на „народот“ што ја има Мицкоски. Штрчам од правите и од кривите на неговиот графикон. Да, јас сум за перспективите што ги нуди Европската Унија и за нејзините вредности. И колку и да звучи демагошки, не е тоа толку поради мене и моите перспективи, затоа што реално и ги немам.

Она што сум го направил досега – сум го направил и уште многу малку од патот има да се дооди. Овој мој став не се должи ни на флоскулата „за идните генерации“, затоа што идните генерации, убеден сум во тоа, ќе знаат самите да си ги изборат своите битки. А ако не знаат, тогаш тоа ќе биде секако нивни проблем, а никако мој!

Значи, јас сум за Европската Унија, токму поради генерациите што сега живеат во Македонија и поради она што се нарекува општествена солидарност, а ние одамна го заборавивме значењето на овој поим.

Познавам, велам, многу луѓе што знаат и можат, ама едноставно немаат можност своето знаење и своите можности да ги валоризираат. Немаат шанса! Зошто да не им се даде шанса? Познавам и многу немоќни луѓе, луѓе што не знаат и не можат, но дали поради тоа треба да се отфрлат? Се разбира дека – не!

Единствената можност Македонците да живеат во една држава, базирана на исти вредности и исти принципи, не се вика никако поинаку, туку – Европска Унија

Всушност, за нив, за нивното право на достоинствен живот вреди човек да се бори. Конечно, една држава, една нација, еден народ не се состои од името на државата или од начинот на кој некој му се обраќа, туку токму од солидарноста на членовите на заедницата. Од нивната волја да живеат заедно.

Противниците го напаѓаат премиерот Зоран Заев дека со договорите со Бугарија и со Грција се откажал од грижата за македонските малцинства што живеат таму. Но, само ако се погледне големата слика, ќе се види дека работите стојат сосема поинаку. Имено, македонските малцинства веќе живеат во Европската Унија.

Единствената можност Македонците да живеат во една држава, базирана на исти вредности и исти принципи, не се вика никако поинаку, туку – Европска Унија. Само рамноправно членство во една таква заедница може да донесе целосна еманципација на македонското национално битие.

Да, верувам дека Македонија, ваква каква што е, ќе биде (како што впрочем и е) статистичка грешка во рамките на Европа. Дури цела Македонија да се пресели во земјите на Европската Унија, тоа нема да биде ниту вест во светските медиуми, туку едвај некоја фуснота на некаков опскурен научен труд. Европа, едноставно, нема ни да го забележи тој феномен. Нема ни да знае дека сме таму. Ниту, пак, ние ќе промениме нешто во нејзината структура или во европските односи. За Европа ќе биде сосема исто дали сме ние таму или не сме! Нема ние, ниту да ја засилиме Европа, ниту да ја ослабнеме!

Зошто тогаш и на Европа ѝ е важно да нѐ вброи во своите редови? Од политички и од безбедносни причини? Да, веројатно. Едноставно, без стабилен Балкан, нема стабилна Европа, а без стабилна Македонија, нема стабилен Балкан. Затоа и треба да ја грабнеме можноста што е пред нас и да ја искористиме на најдобар можен начин.

Најлошата работа, значи, што можеме да ја помислиме е дека сме моќни и дека можеме да му се спротивставиме на светот и на глобалните трендови, а не сме моќни ниту да си го исчистиме сопствениот праг, без притоа да не побараме помош од странските амбасадори.

Како што има немоќни луѓе, луѓе што не знаат и не можат, има и држави што не знаат и не можат, но токму поради нив вреди другите држави да се борат

Со други зборови, како што има немоќни луѓе, луѓе што не знаат и не можат, има и држави што не знаат и не можат, но токму поради нив вреди другите држави да се борат. Една заедница, впрочем, и не ја прави ништо друго, туку солидарноста на нејзините членки. Волјата да се живее заедно, дури и со статистичките грешки, денес не се нарекува никако поинаку, туку – Европска Унија.

Од друга страна, не е лошо да се биде и статистичка грешка. Повеќедецениското занимавање со оваа професија, во која „зборот е посилен од мечот“, ако ништо друго, ме научило дека да се биде поинаков е добро, да се биде посебен е добро, да се биде неприкосновен е добро! Да се биде статистичка грешка некогаш навистина е премногу добро!

Ете, затоа изјавата на Мицкоски, кој за мене вели дека сум статистичка грешка, не ја сфаќам никако поинаку, туку како – комплимент! И како верба дека на 30 септември статистичката грешка масовно ќе излезе на референдумот и ќе си ја одреди иднината.