Скокање на врат

Сретнувам еден познајник, колега од некогашна НИП „Нова Македонија“ и во оној конвенционален муабет на двајца луѓе кои не се виделе можеби деценија и повеќе: „Кај си? Што правиш?“, го прашувам „Како си?“ и веднаш се пишманам. Колегата, со години, подолго од мене, од пропаста на НИП „Нова Македонија“, е без работа. И жена му е без работа. А детето, сега веќе во доцни тинејџерски години, е – аутистично. Познајникот, како и сите од мојата генерација, помни подобри денови и не е навикнат да лелека и да се жали. Ете, добро е, се живее некако. А и кому денес му е добро, воопшто?

И веднаш си помислувам, но не кажувам ништо – па, зошто, по ѓаволите, оваа држава, која напика сѐ што оди на две нозе во прегломазната администрација, не донесе некоја мерка за задолжително вработување барем на еден од родителите во семејства со деца со посебни потреби, каде што не работат и двајцата родители? Јас, ете, тврдам, дека тоа, барем во случајот на мојот познајник, нема да биде никакво влебување или паразитирање туку напротив, тој ќе си ја заработи својата плата.

Да, дискриминативна би била таа мерка, но зошто да не биде? Па, не можеме да спроведуваме позитивна дискриминација само по етничка основа. Зошто позитивната дискриминација да не биде по социјална основа? Вака излегува дека овој вид семејства се навистина дискриминирани, ама во најнегативната смисла на овој збор.

Мнозинството сѐ уште се колеба кон мантрата на сите овдешни владејачки елити дека радикалната поделба на богати и сиромашни е природна состојба на работите, бидејќи капитализмот е систем во кој успеваат најспособните, додека сиромаштијата е одлика на неспособните.

Македонија е, барем според Уставот, социјална држава. Клучната синтагма во името на владејачката партија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, е социјалната демократија. И сето тоа , се разбира, е само на хартија. Неолиберализмот на македонски начин ја скрши земјата на два дела: богато малцинство и сиромашно мнозинство и ѝ го одзеде секој суверенитет, освен територијалниот.

Ако богатството е моќ, како што вели Хобс, дали тоа значи дека сиромаштијата е слабост и трпење. До кога сиромаштијата, што настана како последица на еден неуспешен транзициски проект, ќе има трпение за улогата на губитник.

Се чини дека мнозинството сѐ уште се колеба кон мантрата на сите овдешни владејачки елити дека радикалната поделба е природна состојба на работите, бидејќи капитализмот е систем во кој успеваат најспособните, додека сиромаштијата е одлика на неспособните. Се разбира дека Македонија може да има подобар капитализам од овој, партискиот, каде што не успеваат најдобрите, туку најподобните.

Во состојба кога државата знае многу подобро да им скокне на врат на своите граѓани, отколку да им го олесни животот, социјалните мерки од типот на зголемување на социјалната помош, административно зголемување на минималната плата, укинување на радио-дифузната такса, субвенционирање на вработувања…, всушност се само капки во санирањето на состојбата, кои повеќе наликуваат на акт на милосрдие, отколку на системско решение на проблемот. Сѐ уште, имено, власта кон сиромаштијата се однесува како кон просјаци што молат за милост.

Се чини дека живеењето на релација Собрание – Влада како да ја одзема моќта да се видат корените на проблемот: степенот на корупција, изедената индустрија, целосно неправедната распределба на доходот, додворувањето на таканаречените „олигарси“, колебањето при спроведувањето целосна и сеопфатна даночна реформа…

Во такви услови, на луѓето како што е мојот познајник и, ако сакате, како што сум јас, единствено што им е дозволено е да се борат самите за себе онака како што знаат и умеат. Тоа е веројатно и единственото можно во услови на економска катастрофа, каде што, според некои проценки дури 40 проценти од платите не се пријавуваат или делумно се пријавуваат и каде што сивата економија зазема можеби една третина и повеќе од бруто домашниот производ. И, да се разбереме, работењето „на црно“ не е резултат на желбата граѓаните да ја крадат својата држава туку единствен можен начин да се преживее.

Неолиберализмот на македонски начин ја скрши земјата на два дела: богато малцинство и сиромашно мнозинство и ѝ го одзеде секој суверенитет, освен територијалниот

Повторно ќе се навратиме на еден личен пример. На авторот на овие редови му е оневозможено да се пријави во Агенцијата за вработување, затоа што е прокуратор, односно овластен потписник во едно волонтерско (и секако непрофитно) здружение на граѓани. На тој начин ми е одземена можноста за пензиско и здравствено осигурување. На моето прашање дали ако неколку невработени формираат невладина организација за заштита на невработените тоа автоматски ќе значи дека ќе бидат избришани од списокот на невработени, лаконски ми беше одговорено – да! Во таков случај, она што ви преостанува е да се сложите со сите услови што ви се наметнати. А тие услови секако не влегуваат во нешто што би се нарекло „пристоен начин на живеење“ туку во она што го подразбираме под „сива економија“!

Но, ајде да почнеме од некаде. Еве, на пример, да воведеме административна мерка со која државата ќе има должност да вработи барем еден од двајца невработени родители на дете со посебни потреби! А потоа да ја направиме Македонија пристојно место за живеење.