Слобода за почетници (2)

Таман човек ќе се израдува дека општеството зрее, а слободата се учи и густира на ефективен и еманципаторски начин, демантот демне зад првиот агол. Скандалозниот настан пред пред скопското кафуле „Манда“ помина небаре станува збор за краткотраен летен дожд, без одговор на клучните прашања.

Прво, кога најавено мерење на силите (вербално или поинакво) станува вирално и со капацитет да привлече куп малограѓанска публика жедна за надживеаните манири на Дивиот Запад, што прави полицијата во таков случај?

Во нашиот случај, настанот откри три одговори: 

   А. Не презема ништо;

   Б. Евентуално следи, но не реагира;

   В. Сосема се претопува со публиката (идентично со А).

Но, што ако во чашите наместо боја имало друг вид течност, од животно-загрозувачки карактер? Што и ако некој од публиката сакал да се истакне како „голем херој“, па посегнел по оружје, на пример?

Во случајов, нема никаков друг разумен и системски начин за (ре)акција, освен полицијата целосно да спречи можност за какво било мерење на силите на самоинволвираните во тој безумен перформанс.

Од тој аспект, на тест не беа потезите на двајца, тројца или не знам колкумина непромислени протагонисти сосе срамната публика, туку – системот за безбедност! Полицијата падна на тој тест. Бојата само формално заврши врз Героски.

Пораката што институциите требаше да ја промовираат тој ден – е дека слободата не е анархија. Бидејќи не го покажаа тоа, разбравме најдиректно уште колку многу нешта допрва треба да се регулираат за да уживаме во својата „нерегулирана слобода“

Тие две чаши, всушност, беа поттурени врз интегритетот на полицијата и се потсмеваа со нејзината (не)подготвеност за реагирање во вакви ситуации.

Пораката што институциите требаше да ја промовираат тој ден – е дека слободата не е анархија. Бидејќи не го покажаа тоа, разбравме најдиректно уште колку многу нешта допрва треба да се регулираат за да уживаме во својата „нерегулирана слобода“.

Потребата од ова дополнително ја акцентираше и премиерот Заев од САД, кој дострелите на слободата ги илустрираше, меѓу другото, и преку овој настан. Тоа што подоцна ја смени плочата, беше постфестум штелување на критериумот за перформансите на слободата, веројатно „прегорен“ под врелите импресии од средбите со државници на Самитот во ОН.

Исправката што стигна, не беше подалеку од политички-коректно фрлање нова боја или прав в очи, сеедно. Бидејќи двете изјави беа дијаметрално спротивни, прикажаниот дуализам на (ин)директен начин стана втора легализација на тезата за слободата како анархија. Таков тон најмалку би требало да дојде од премиерот Заев. Дури ни по грешка.

Можеби немал време да го стави прстот на челото, но лузната што го „краси“ таму треба да го потсети како изгледа кога системот на функционира. Зарем не се увери лично во тоа на 27 април, кога полицијата не постапуваше и мижеше пред насилниците, од кои дел биле нејзини припадници, дел на АРМ, а со индиции дека сите се координирани од еден центар?

Заев, кој тоа го оцени како обид за убиство со умисла, најмалку смее да се збуни во описот на слободата. Затоа што протагонистите на тие насилства токму во неговите зборови можат да најдат алиби и да тврдат дека таквото однесување било нивна „слобода на изразување на гневот“. Исто како што и Груевски ги правдаше – дека биле револтирани од изборот на Талат Џафери. Тогаш зошто се на суд напаѓачите на Радмила Шеќеринска, на Зијадин Села? Сите тие можат да се повикаат на слободата на изразување незадоволство и гнев.

Ако почнеме на таков начин да ја третираме слободата, прашање на ден е кога некој ќе се повика на „слобода на говорот на оружјето“, на говорот на тупаниците, на говорот на ‘шамарите’ (ова е веќе познато), на слобода за плукањето по неистомислениците, и на нова серија истурање боја во име на слободата… Каде ќе биде крајот на таа сомнителна слобода?

Слободата, и слободата на избор без загрозување на нечија друга слобода, може да функционира само ако постои сложена мрежа на правни, oбразовни, етички, културни и други предуслови за нашата практична слобода

Или, зошто полицијата го уапси Игор Југ? И тој имал слобода на изразување гнев.  Но, гледаме на снимките дека и тој, и сличните на него, таа „слобода“ многу јасно ја насочиле против слободата и животот на луѓето од врвот на СДСМ.

Единствен од „другата страна“ кој не признавал таков вид изразување на „слобода“, бил Влатко Ѓорчев. Благодарение и на неговиот личен ангажман (преслаб збор за да се опише неговиот огромен придонес во тие крвави и налудничави моменти), денес раководството на СДСМ е живо и здраво, а бившиот полицискиот врв под истрага.

Но, кога ваквите индивидуални потези, освен вербално и тогаш за тогаш, не се глорифицираат и низ соодветна институционална форма, на јавноста ѝ се праќа дифузна порака околу дострелите на она за што се залагаме. Ако не се истакне доброто, како ќе се направи разлика од лошото?

Не можеше ли, во име на таа дистинкција, на 15 септември (Денот на демократијата), да се најде начин да му се оддаде признание на Влатко Ѓорчев за неговата улога во зградата на Собранието на 27 април? Можеби и на некои други кои имале слична улога, за што би посведочиле очевидците на настаните таа вечер.

Ако тргањето од јавниот простор на споменикот на егзекуторот и делачот на „лична и брза правда“, Ќосето – е прашање на процедура, признанието на доброто – е прашање на волја. Тоа засега не го гледам. А додека е така, ќе постои срамен знак на еднаквост меѓу оној што ги бранел пратениците и оние што ги отвориле вратите за тие пратеници да бидат нападнати или убиени. Ќе постои и конфузија по прашањето што е системски гарантирана слобода, а што сомнителна слобода поради слободен пад на системските обврски кои ги гарантираат нејзините вредносни коти.

Таа базична ирационалност ќе мора да се соочи со низа мерки за закрепнување. Слободата, и слободата на избор без загрозување на нечија друга слобода, може да функционира само ако постои сложена мрежа на правни, oбразовни, етички, културни и други предуслови за нашата практична слобода. Засега, од таа мрежа се сплетени само неколку „дупки“. За вистинската цел – лош почеток, за фарбање  – сосема доволно.