Смештај во Аеродром ак’ требит…

Колумна на Сашо Кокаланов

Што ти е скопјанчиште. Цел живот кука, плаче дека охриѓани го дерат секое лето, му го поскапувале зарзаватот на пазар летно време, па морал како во Грција со полн багажник да ја искачува Стража, за денес, кога првпат дојде во ситуација да го изговори она „Смештај да н’требит“ на скопски, односно на енглески – да излезе дека скопјанецот ти е поголем охриѓанец од сите охриѓани заедно.

Охриѓаните да ти биле, всушност, скопјани за сиромашни. Или обратно, ние скопјаните да сме ти биле охриѓани за богаташи. Сеедно.

Да, Суперкупот им даде на скопјани историска шанса барем еден ден да бидат охриѓани и овие првите покажаа, всушност, дека охриѓани биле и нежни кон нас скопјанишчата. Не бостанот, доматот и пиперките да ги покачуваат за 10 денари по килограм, туку соба ак’ требит – 2.000 евра од ноќ. Бујрум-изволте, ак’ сакаш, ак’ не, иди Струга, онде имат и за илјада евра смештај, ама Дримон им поцрвене от страм, з`ш нелојална конкуренција ни прает со цениве.

– Две илјади!? – се бунтува скопјанецот.
– То ти е со поглед на бавчата. Со поглед на eзеро ак’ сакаш, oстај две и пол и мојш да се осеќаш ко дома, ко Енглез у Скопје.
– Две и пол илјади!? Евра!? Ти нормален ли си бе!?
– Море, три ѝ барам, ам ај, з`ш си наш, да не морам на Срби да ја давам.

Суперкупот им даде на скопјани историска шанса барем еден ден да бидат охриѓани и овие првите покажаа, всушност, дека охриѓани биле и нежни кон нас, скопјанишчата

Македонската алчност е како течноста, таа нема облик, таа го прима обликот на настанот кој ја поттикнал. Ако е гладен сириски бегалец, не можеш да му земеш 2.000 евра за векна леб од дваесет денари, ама затоа можеш две евра. Не оти нејќеш да му земеш две илјади, ама толку му е чергата на човекот. Затоа, пак, на навивач на Манчестер јунајтед или на Реал Мадрид глупо е кралски да не му наплатиш, да го одложиш кречењето дома за едно лето и да му ја изнајмиш твојата скапоцена смрдлива гајба за две илјадарки, претставувајќи му ја на интернет како театар на соништата. Што тука не е јасно?

А ако, на пример, некогаш тркалото се сврти, ко што предвиде еден познат македонски филозоф, во слободно време и алчен фашизоиден популист, па на пример САД пак ги фати некоја граѓанска војна и некако се појават американски богати бегалци на нашите граници, нема проблем: за четири илјади долари од ноќ, ќе му го отстапам станот на некое ѓубре од Волстрит, а јас со фамилијата ќе спијам во југото во гаражата.

Ќе се стуткаме, ќе се снајдеме некако со жената и со децата, па ако треба и трајно да ми се укочи грбот, голема работа, ама кога ќе заврши војната, ќе го одерам бегалецот Амер и после ќе живеам ко бог. Ќе бидам грбав и богат. Па што? Секако еден ден ќе станам грбав, зошто да не бидам и богат?

Приказнава звучи малку како фантазија од соништата, ама од кај знаеш. И Суперкупот во Скопје пред десет години изгледаше како луд сон, фантазија, па ете се случи.

И така, додека ние печалиме, кој колку може, зависно од квадратурата на шупата, Заев ја користи приликава да ги распродава државните интереси. Кај и да е, ќе се потпише договорот со Бугарија, ќе почнат да се решаваат споровите и со другите соседи-волци, и на површината на нашето весело мочуриште, разбранувано од земјотреси и суперкупови, повторно ќе исплива барското цвеќе, лотосот наречен идентитет.

Ќе зборуваме за нашиот идентитет, не штедејќи скапи зборови како непокор, древност, името, душата, Алшар, комити, Македон, војводи, Александар, Филип, Гоце, Самоил, нож, кама, устав, драма… но можам да се кладам со вас во две илјади евра (што е тоа за вас, едно ноќевање) дека никој нема да ја спомне алчноста како иманентен македонски идеал – ако може за еден ден, еве не мора ден, може и ноќ – да се заработи за цел живот. Притоа за равенката да е целосна – со што е можно помалку труд.

Мислам, океј, разбирам што ќе речете во наша одбрана: Македонецот не е таков, немаштијата го натерала. Немаат луѓето, та зошто да не ја искористат приликава што одеднаш им се укажа. Ние сме, инаку, гостопримлив народ, еве, еве јас, знаеш ли бе, брат, јас што направив, му ја оставив на гостинот таа почнатата тегла ајвар во фрижидерот. Не ми е дека ќе заработам две илјади евра од една ноќ, па сега да му давам ол инклузив.

Да не се лажеме, луѓето знаеја за алчноста на Груевски и пред бомбите. Па го гласаа. Падна тогаш кога на нивната вредносна вага тасот со завидливоста го натежна оној со восхитот – почнаа повеќе да му љубоморат, отколку да му се восхитуваат

Повеќе ми е оти сме си такви бе во фамилија, добродушни, дарежливи, ќе дојде гладно детето, зошто да не касне ајварче. И вчерашниот леб сум му го оставил. Е не, ќе се стискам. Нека касне детето, уморно од пат, цел ден само на пиво било, нека касне со лепче нешто, горушица да не го фати. Охрид кога одиме, ем скапо, ем празен фрижидерот. Скопје е ова, бе брат, топол, мирен, гостопримлив народ.

Не, драги мои, македонската разгоропадена алчност не е поради немаштијата. Можеби е баш обратното – немаштијата ни е поради алчноста.

Разбирам некоја како Тања Каракамишева, која ненадејно останала без пет илјади евра паушал месечно, да посегне по својот стан и да го издава на навивачи. Ќе отиде таа во станчето што си го купила во Неа Мудања или каде и да е на Халкидики, за една вечер ќе се снајде. Ама вас не ве разбирам.

Цел живот кукате дека алчноста на политичарите ве донела до просјачки стап, за при најмала шанса да си го покажете наравот и да се потврди тезата – ниту Никола Груевски, како највреден експонат во музејот на македонската алчност, ниту кој било од неговите претходници и следбеници, не бил инцидент во историска смисла.

Напротив, Груевски е плод на тоа што ние сме во суштина. Впрочем, затоа и толку долго траеше. Затоа и сѐ уште стои како Дамоклов меч врз Македонија, то ест не стои, шета по сокаци и улици, демне шанса да се врати и пак да се смести во мерцедесот со масажери и во белата шампита. „Крадат, ама градат“, во превод не значи ништо друго, туку: „И јас исто би играл на негово место“.

Да, да, Македонецот му се восхитуваше на Груевски, затоа овој толку долго владееше со него. Сите други приказни, за тоа дека ДПМНЕ била беспрекорна, совршена пропагандна машина се приказни за мали деца. Да не се лажеме, луѓето знаеја за алчноста на Груевски и пред бомбите. Па го гласаа. Падна тогаш кога на нивната вредносна вага тасот со завидливоста го натежна оној со восхитот – почнаа повеќе да му љубоморат, отколку да му се восхитуваат. Или кажано со народски речник – се претера и со крадењето, бе брат.

Тоа е тажната приказна за македонската алчност. Но, ја развлеков јас колумнава, па ќе заборавев, стан во Аеродром ак’ требит за една ноќ, за то Суперкупот, ми го знајте бројот. Остајте што пишувам во текстов, сепак сум јас Македонец во душа, за добра цена може да се договориме. Пази ваму – поглед на ТЦ Капитол, цела ноќ музика од кафиќите од Бисер, гратис трки на мотори по Јане Сандански, си ги гледаш од прозор, ко 24 часа Ле Ман, цела ноќ и тоа за истите пари, а плус и теглата ајвар во фрижидерот не ми е ни почната. К’ј имат таква убајна море и то за две илјадарки? К’ј имат?