Собранието, СЈО и државата

Колумна на Димитар Димитров

И овој текст, како и претходниот  (Лустрација на лустраторите), го инспирира Собранието, овој пат со „расправата“ по извештајот на СЈО. Таа „расправа“ ги заслужи наводниците затоа што се огреши во еден од основните принципи на науката за методот. Наместо  да се фокусира ad rem (на предметот), се сврте  ad hominem  (на човекот).

Таков пристап, при монизмот, се применуваше спрема „непријателите на државата“. Највисокиот орган на единствената партија, во седумдесеттите години, ги дисквалификува „анархолибералите“ како неспособни луѓе кои во политиката изигруваат научници, а во науката политичари.

Ќарот од тој пристап, меѓу другото, е и тоа што станал обичај и што како таков и ден-денес попречува објективно и одговорно соочување со предизвиците, во случајот сега, со СЈО. Па тој пропуст собраниските оратори го надоместија со натпревар во комплименти на личноста на Специјалниот јавен обвинител.

Оваа замена на тезите може да се објасни со претпоставка на негативен однос кон институцијата Специјално јавно обвинителство. На прв поглед тоа се чини противречно, бидејќи станува збор за едно законско чедо на Собранието. Откажувањето од свое чедо кажува многу за чедото (СЈО), но уште повеќе кажува за родителот (Собранието), а најмногу за државата и за сите нас како граѓани и луѓе.

Осомничениот екс-премиер како топка ја шутна собраниската анкетна комисија  за прислушувањето, а „расправата“ во Собранието ја операционализира неговата анатема „Ванхојтевци- Катици“

Нема збор дека СЈО не е автономна замисла и решение на Собранието. Тоа е посредувано со меѓународната интервенција и компромисот наречен Пржински договор, со намена и овластување правно да ги разреши кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското масовно прислушување. Како такво, СЈО го содржи тој карактер на компромис во самото свое битие.

Условите што го изнудиле неговото формирање, дејствуваат за негово расфомирање. Сопките вградени во законот (кусото време за подигнување обвиненија, неможноста да се ангажираат заштитени сведоци), сами по себе се планина пред институцијата.

Состојбата на детал уфрлен во еден правосуден систем што заборавил да ги санкционира кривичните дела ставени во надлежност на СЈО, прави од оваа институција речиси невозможна мисија на формално-правен план. Отчетноста пред Советот на обвинители, е директно дисфункционална. Отчетноста пред Собранието, од можност за помош, се извртува во обвинение против  обвинителот – Специјалниот јавен обвинител.

Основата за разминот меѓу Собранието и СЈО, лежи во различниот однос спрема криминалот. СЈО по дефиниција е фактор задолжен да го гони криминалот. Сметајќи на споменатите лимитирани можности на СЈО и притиснати од меѓународната заедница, Груевски и Ахмети го прифатиле тоа обвинителство и обвинителот.

Но кога СЈО даде на знаење дека нема да биде под контрола на контролираниот обвинителски систем на Зврлевски, Илиевски и Аневски, туку врвот на власта го осомничи како злосторничко здружение, Груевски посегна по анатемата „Ванхојтевци-Катици“, означувајќи го СЈО како непријател на државата.

Така се постави линија на разграничување меѓу страна на правдата, на прогон на криминалот, и страна на криминалот. Таа линија го легитимира криминалот, ја делегитимира правдата!

Има многу иронија и релативизам во оваа поларизација. Тука се контурите на две Македонии – една уставна и една андерграунд Македонија. Зад првата стои СЈО, граѓанскиот сектор, опозицијата и меѓународната заедница . Зад втората стои владејачката коалиција и институциите на државата (правосудниот систем, Собранието и Претседателот на РМ). Оваа драма по Јонеско јасно ја илустрира случајот со екс-функционери на кои СЈО им подготвува заштита со затворски чувари, а МВР им става на располагање скапо, деноноќно лично обезбедување! Додека тие јавно го кодошат СЈО како алатка на СДСМ  што произволно лиферува обвиненија кои нема да дочекаат судска завршница. Кај судот под раководство на Панчевски – копија на судот под раководство на Маневски од времето на монизмот.

За оваа институционална конфузија најголема одговорност сноси Собранието. Во контекст на мерките за излез од нашата криминално-политичка и човечка криза, тоа не дејствува со капацитет на законодавен дом, туку како дел подреден на делот осомничен како злосторничко здружение. Осомничениот екс-премиер како топка ја шутна собраниската анкетна комисија  за прислушувањето, а „расправата“ во Собранието ја операционализира неговата анатема „Ванхојтевци- Катици“.

Стратегијата за собрание како празен ходник, низ кој брзо и непречено ќе поминува волјата на лидерот, беше обзнанета на предвремените избори 2оо8, кога Груевски побара 62 пратеника за да не му прави проблеми Собранието

Стратегијата за собрание како празен ходник, низ кој брзо и непречено ќе поминува волјата на лидерот, беше обзнанета на предвремените избори 2оо8, кога Груевски побара 62 пратеника за да не му прави проблеми Собранието. Кога на таа антидијалошка/антипарламентарна стратегија и` се испречи опозицијата, таа беше насилно исфрлена. Егзекутор беше собранискиот спикер, кој и сега е на таа функција. До него е пратеник чиј глас го слушнавме на снимките од масовното прислушување како порачува од Аџиев лустрација на судија,  зашто им „пречел“.

На Собранието сведено на парламентарното мнозинство, со парламентарно мнозинство составено од партиски пленици, објективно не му е толку проблем СЈО, колку лидерите на владејачките партии. А тоа самото е проблем на државата.

Затоа СЈО не може да смета на добар пречек на таа врата. Од друга страна, опструкциите што му ги прави власта заталкана  вон  Уставот, е големо признание дека е на добар пат, комплементарно со поддршката од јавноста. За догледно време неговата мисија ќе жнее успеси како морален и прометејски  чин, наспроти пропагандата  на непосредните партиски и на  медиумските  лилјаци. Се` потешко ќе биде да се крие криминалот и да се штитат криминалците.

И тогаш позицијата на СЈО нужно ќе прерасне во позиција на цел  автономен правосуден систем на државата. А саботерите на СЈО ќе останат посрамени во историјата. Како што останаа саботерите на либерализмот.