Сонцето не е само за на знаме

Блиндираните макети и калапи на политичко однесување и градењето политички „бункери“, со отвор низ кој не влегува светлина, а излегуваат само цевки за политичко пушкарење, не нѐ водат ни кон „светлина на крајот од тунелот“, бидејќи во ваков случај крајот на тунелот го нема.

Разни субвенции се поделија во нашава Македонија. За тутун, песни, риби, книги, грозје, трето дете, сточен фонд, трактори, полжави, куќа, стан… Некои дадоа скромни резултати, некои стигнаа до „позитивна нула“, други целосно потфрлија.

Според производство на пченица, на пример, кое и покрај растечките субвенции изнесува 2,5 до 3 тони по хектар, Македонија е на глобалното дно, рамо до рамо со најсиромашните африкански земји. Од ресорното министерство велат дека лани производството се зголемило за 20 отсто (административно можат да наштелуваат и повеќе), но земјоделците ја кажуваат ноторната вистина: тежок дебакл.

Намерата не ми е да ги елаборирам причините за ова, само ги користам како илустрација какви „резултати“ даваат некои од „културите“, на кои, според издатоците од буџетот, се полагаат многу внимание и пари. Тогаш, што со оние „култури“ во кои нема ниту внимание, а камо ли субвенции?

Демократијата е една од нив. Метафизичка категорија, нешто неопипливо, езотерично, па затоа и бившиот премиер во една пригода јавно праша: „А што е тоа демократија?“ Потсмешливиот тон во потконтекстот недвосмислено го носеше прашањето што најчесто го поставуваат децата – дали е тоа нешто што се мачка на леб?

Всушност, сакаше иронично да праша – дали е таа видлива исто како новите градби, спортски сали, амбуланти, патишта,.. и ред други остварени партиски проекти кои можат да се видиш со голо око, да се допрат… Или, не дај Боже, ако во мислите сте многу заталкани по таа демократија, така одејќи, дури можете и да се удрите во некој неокласицистички столб.

Јас воопшто не ја исклучувам, ниту ја потценувам, потребата од градење. Напротив. На секоја држава ѝ се потребни нови градби. Особено на нашата. Дел од објектите застаруваат под забот на времето и треба да се обноват; новите општествени потреби создаваат нужност од нови објекти, патиштата по кои се возиме, а кои во најголема мера се изградени во времето на Тито, одамна плачат за обнова…

Затоа, нека се гради. Но, не смее сѐ да се сведе само на тоа. Градењето објекти не смее да го исклучи градењето демократија. И демократијата е „проект“. Голем и натпартиски. Таа е многу скапа и важна работа, иако „материјалните трошоци“ за неа не се мерат во пари туку во волја и намери.

Тој што е подготвен да инвестира кубици бетон во физички објекти, но ни зрно искрена волја во градењето на демократијата, копа многу длабока дупка, во која нема да бидат стабилни ни темелите на објектите со кои ја аргументира сопствената партиско-програмска исполнителност

За неа не е потребно да се распишува тендер, најмалку тој да се мести или во четири очи да се договараат нејзините подизведувачи и нечии провизии. Тој процес не бара ангажирање на скапа механизација и конвенционални градежни материјали, а сепак може да се изгради многу поцврсто и постабилно од сите носечки столбови на кој било досега изграден објект. Се разбира, ако се сака.

За неа е потребен константен и искрен дијалог, култура на почитување, разбирање, уважување на различностите, еднаквост пред законите, негување на плурализмот.
Властите, на пример, немааат предвидено никакви „субвениции“ за развој на демократијата. Ниту ја сметаат за потребна. А потпишаа дека ќе се залагаат за неа.

Она што Договорот од Пржино во основа сака да го врати – е токму демократијата која извира од реален плурализам, нејзина ефективна функционалност која подразбира исти шанси за сите, а не „монопартиски плурализам“ каков што функционира последниве десетина година.

Тоа би требало да значи крај на прикаската дека тој што ќе ја добие власта – добива сѐ! Тоа значи дека победникот не ќе може и натаму да си воспоставува еднопартиски монопол врз државата, не ќе може да ги јава и подјармува институциите за свои потреби, не ќе може да урива и да гради што ќе му текне, кај ќе му текне и како ќе му текне, сметајќи дека меѓу власта, државата и законите постои знак на еднаквост.

Оние кои предолго инвестираат во мрак, очекувано, се плашат дека поради тоа ќе бидат „ослепени од сонцето“. Но, заради нив не треба да се откажеме од намерата конечно да ја видиме светлината на денот

Обратно – ако си во власта, тоа значи поголема одговорност во обезбедувањето инклузивност и почитување на сите што не се во неа. Така е во демократијата. Тоа ја разликува демократијата од диктатурата врз „остатокот“ на општеството, врз основа на добиена власт.

Оној што не разбира колку е важно тоа да го изградиме, може да инвестира во кубици и кубици бетон, но тоа нема да го донесе на пиедесталот на респектираните градители, а најмалку на пиедесталот на демократите. Тој имиџ не може да се купи ни преку платени лобисти. Може да се изнајми само привремено, во проѕирен Потемкинов манир и со рок на траење колку и договорот за лобистички услуги.

Тој што е подготвен да инвестира кубици бетон во физички објекти, но ни зрно искрена волја во градењето на демократијата, копа многу длабока дупка, во која нема да бидат стабилни ни темелите на објектите со кои ја аргументира сопствената партиско-програмска исполнителност.

За подобро да ме разберат политичките градители на објекти, кои врз основа на тие градби илузорно сметаат дека ја градат и државата, ќе им поставам едно прашање за „екстерно“ тестирање: Дали знаат кој е единствениот бесплатен, нематеријален и невидлив елемент, кој има третман на градежен материјал?

Не знаат. Ако навреме ги прашаа архитектите – ќе им кажеа: Светлината! Уште во 1933 година, еден од највлијателните визионери на архитектурата, Ле Корбизје (Le Corbusier), во Атинската повелба (The Athens Charter), потенцирал дека императивна задача за архитектите треба да биде внесувањето на сонцето во просторот. Сонцето (светлината) диктира каде ќе се проектираат прозорците на кој било дом/објект.

Ние градиме дом, кој има ѕидови, врати, покрив, ама во него не е вкалкулирана/проектирана светлината/демократијата. Па кому ќе му служат тие скапо платени одаи, ако тонат во мрак?

Блиндираните макети и калапи на политичко однесување и градењето политички „бункери“, со отвор низ кој не влегува светлина, а излегуваат само цевки за политичко пушкарење, не нѐ водат ни кон „светлина на крајот од тунелот“, бидејќи во ваков случај крајот на тунелот го нема.

Процепот, прозорецот низ кој ќе влезе зракот светлина, ќе мора сега сите заедно да го отвориме. Оние кои предолго инвестираат во мрак, очекувано, се плашат дека поради тоа ќе бидат „ослепени од сонцето“. Но, заради нив не треба да се откажеме од намерата конечно да ја видиме светлината на денот.

Сонцето од нашите знамиња, мора да се симне и во нашите животи.

Нека биде сонце!