Спасибо, њет

Колумна на Сашо Кокаланов

Во својата автобиографија, Џон Клиз, лидерот и основач на легендарниот „летачки циркус Монти Пајтон”, си спомнува на бомбардирањето на германската авијација на родното село Вестон-супер-Мер. Добро, ни самиот Клиз не е сосема сигурен дека навистина се сеќава на настанот, со оглед на фактот дека е роден 1939, а германските бомбардери го посеале својот товар врз Вестон-супер-Мер само година подоцна, но дека не станува збор за халуцинација се уверил проверувајќи ги весниците од почетокот на војната.

Значи, настанот сепак се случил, а поентата на Клиз не е во тоа колку длабоко потонал во своето минато, ами во прашањето, зошто побогу Херман Геринг го бомбардирал тоа небитно село на западниот брег со поглед на Велс.

Разни легенди се ширеле во времето на војната и непосредно потоа, од тоа дека пилотите на Луфтвафе го помешале крајбрежјето на Вестон со западниот фронт, па сè до тоа дека Геринг мора да имал некој непријатен инцидент со британска девојка на вестонските плажи во раната младост. Сепак, од сите теории, на Клиз најмногу му се допаѓа онаа на татко му – „тој рече дека Германците го бомбардирале Вестон за да покажат дека навистина имаат смисла за хумор.”

Така отприлика гледам на „руските закани за Македонија”. Некој во администрацијата на руското МНР има факинг добра смисла за хумор. Или, пак, некоја хигеничарка во Москва, раскревајќи го бирото на третиот потсекретар задолжен за Балканот, во доцните попладневни часови налетала на писмото до Путин од нашиот Јанко Бачев. Следувало хистерично смеење од неколку минути, по што заедно со колешките и колегите од катот решиле малку да се пошегуваат на наша сметка, на сметка на Македонија, па пратиле заканувачки мејл до македонската амбасада од компјутерот на третиот секретар.

Не може човек да не се фати за стомак од смеење читајќи го писмото на Бачев до Путин во кое тој бара нешто како руска културна, економска и политичка окупација на Македонија

Како и да е, Македонија, благодарение на стратешките и конзистентни успешни надворешни политики од независноста наваму, како и благодарение на својата неодминлива местоположба (не можеш да ја заобиколиш со параглајдер ако ветерот е неповолен) се избори да биде клучен фактор во позиционирањето на светските геостратези воочи новата Студена војна.

Не им верувајте на тие што тврдат дека Македонија е слепо црево во Европа. Не, тоа не е вистина, зашто слепото црево, иако без некоја особена функција, сепак е дел од организмот. Македонија, како што веќе рековме, благодарение на својата геостратешка положба и умешноста на политичките елити, како и благодарение на непроценетите наоѓалишта на талиум во рудникот Алшар, пирамидите кај Свети Николе, гробот на Александар, барокот во изградба и своите недоволно искористени човечки ресурси (главно ангажирани во државната администрација), не е слепо црево во организам, туку е отстрането слепо црево на медицинска депонија.

Да се закануваш на Македонија или значи дека си ги гледал редовно „Монти Пајтон” или дека не си ја земаш редовно терапијата.

Не може човек да не се фати за стомак од смеење читајќи го писмото на Бачев до Путин во кое тој бара нешто како руска културна, економска и политичка окупација на Македонија, а не помалку смешни ми се и спротивните повици со барања Македонија да му го плесне в лице на Путина, „ко Тито шо му рече на Сталин” и да ѝ порача јасно на Москва: „Спасибо, њет!”, по што веројатно некој хигиеничар во Кремљ може и да се онесвести од кикотење.

And now for something completely different.

Ден пред историската посета на Коѕијас на меѓународниот аеродром Скопје и велелепната зграда од Скопје 2014 на брегот на Вардар, треба да кажеме јасно дека поидиотски од самиот спор се единствено двете страни во него. Наместо да го решат глупавиот спор со некое глупаво решение и да почне некакво движење кон нормалноста, ние разменуваме некакви нацрт-спогодби ко марки за драхми што разменувавме на времето.

Сè што води кон „јачање” на колективните идентитети наместо кон нивното сузбивање е погрешна мазохистичка политика, особено за култури како нашата, во кои колективниот идентитет е упориште за криење на индивидуалните неспособности и за немањето елементарен капацитет на ништо што е посериозно од истурање чаша вода како адет пред секое паѓање на испитот на историјата, одново и одново, а врвен дострел на технологијата ни е кога ќе се успее да се нивелира шахта и површина на коловоз со маргина на грешка помала од петнаесет сантиметри.

Концептот на колективен идентитет ќе доизумре во овој век. Конечно. Во најновиот број на списанието „Нешнл џеографик” читаме за последните откритија на науката кои „доброто” и „лошото” кај луѓето конечно го поместуваат од сферата на филозофијата и на религијата во поегзактното поле на неврологијата.

Скенирајќи мозоци на илјадници луѓе (од различни култури и раси) со екстремно поведение кон останатите човечки битија – од екстремна добрина до екстремно зло – научниците доаѓаат до трите идентитети по кои ќе се дефинира човекот во иднина: алтруист, психопат и обични луѓе.

Со други зборови, брзо ќе дојде ден кога баш ќе ве заболи ташакот или јајникот дали некој е Македонец, Грк, Албанец, Косовар, Србин, Јапонец, Етиопиец, Севернокореец, Јужнокореец, горнодупенец или долномакедонец, а ќе ве интересира само неговата сушта природа, сивата маса во центрите на мозокот каде што се развива емпатијата и се разбира неговиот капацитет да влезе во индивидуален натпревар во глобализираниот свет, кој сè повеќе ќе личи на секојдневни олимписки игри во индивидуални спортови отколку на локално дерби помеѓу Питу Гули од Крушево и ФК Илинден од Долнени.

Ден пред историската посета на Коѕијас на меѓународниот аеродром Скопје и велелепната зграда од Скопје 2014 на брегот на Вардар, треба да кажеме јасно дека поидиотски од самиот спор се единствено двете страни во него

Во патнички воз во Портланд, неодамна, човек почнува вербално да  малтретира на антимуслиманска основа две девојки, од кои едната носи хиџаб. Повеќето луѓе во возот си седеле по страна, а три момчиња застанале во одбрана на двете девојки. Оној што ги малтретирал тогаш извадил нож и ги нападнал момчињата. Две од нив починале на лице место. Третото, Мајкл Флечер, живее со лузна на вратот, откако лекарите му го спасиле животот.

Тоа се трите „народи” што го населуваат светов. Психопати што малтретираат, алтруисти што се жртвуваат и огромна маса што си седи по страна. На кој народ му припаѓаш ти? Кој е твојот идентитет?

Неодамна заврши судскиот спор на сплитскиот писател и колумнист Анте Томиќ и хрватскиот министер за култура Златко Хасанбеговиќ. Томиќ беше на обвинителна клупа зашто го смета Хасанбеговиќ за „идеолошки еднорог”, „невозможно суштество”, „усташки кловн”, „бедник” и „ретарда”, нешто што недвосмислено води кон идентитет на психопат. Овие квалификативи му нанеле душевна болка на модерниот усташ Хасанбеговиќ и тој решил да го тужи Томиќ.

Драги луѓе, не ми се лупајте в гради колкав македонски, албански или не знам каков патриот сте. Кажете ми само дали сте ист „народ” со Анте или со Златко? Или сте ист „народ” со оние кои баш ги заболе за Анте и Златко?

Но, внимавајте. Изборот на „доброто” наспроти „злото” сè уште не значи дека сте на добитната страна. Томиќ го изгуби спорот и треба на Хасанбеговиќ да му плати 4.000 куни плус затезна камата плус судски трошоци. Судијката, ете, избрала на кој народ припаѓа и покажала емпатија со министерот, кој се пожалил дека колумната на Томиќ му предизвикала диссомнии.

Или можеби само имала смисла за хумор. Comedy always works best when it is mean-spirited. Џон Клиз.