Спирала на злото

Не ја разбирам ВМРО-ДПМНЕ. Најавува дека ќе предложи амнестија за сите учесници во настаните на 27 април. Партијата која постојано критикува дека не функционира правната држава, ќе ја „подобрува“ правдата со свој доброволен прилог – целосна амнестија.

Да се предлага ескивирање на правдата, тоа значи да се овозможи ново зло, кое ќe продолжи дa ја потврдува неказнивоста. Ако некој е невин, треба да му се овозможи тоа да го докаже во тековниот судски процес. Во спротивно, ќе остане впечатокот дека сите биле исти. Дека немало разлика меѓу тие што нарачале и режирале пуч во законодавниот дом, тие што се обиделе да убијат или да скршат нечија глава, и тие што понесени од масата се нашле таму, но никого не повредиле и ништо не загрозиле. А разликата е огромна.

Тоа што кривичното дело е квалификувано како „терористичко загрозување на уставниот поредок“, не може да го злоупотребуваат за тврдења дека обвинетите неправедно се обвинети како „терористи“. За „тероризам“, во класична смисла, има други членови во Кривичниот законик. Овие се обвинети за загрозување на уставниот поредок. И сите оние што не го загрозиле уставниот поредок имаат можност на суд да го докажат тоа.

ВМРО-ДПМНЕ со сите контрадикторни потези, во моментов, забрзано се движи кон дното, што во суштина е добра вест. Само по такво паѓање може да се соземе и да почне да се качува кон излезот од бездната

Или на ВМРО-ДПМНЕ не му одговара таков расплет? Не заради оние што би ја потврдиле својата невиност, туку заради оние кои не би успеале во тоа, а како да се поврзани со неколку важни кабинети во државава, чии претставници кои му ја кројат политиката на Мицкоски и ја мерат лојалноста на останатото членство.

Така, ниту се доаѓа до правда, ниту се реформира партија. И критиките мора да бидат разбрани најдобронамерно. Медиумите се исклучително заинтересирани опозицијата да застане на здрави нозе, бидејќи таа им е природен сојузник во мандатот на која било власт. Опозицијата е таа што критички ја опсервира власта од партиски позиции, а медиумите истото го прават од позиција на јавен, општествен интерес.

Силна опозиција ќе значи повеќе од двојна лупа кон власта, поголема контрола врз неа и максимално стеснет простор за одлуки кои не се од корист за општеството. Со барање амнестија, тој простор целосно се елиминира и ќе значи отворање на најлошата спирала. Тоа е можност утре истото да биде применето и на предлог на сегашната власт, па така до бескрај меѓусебно ќе се амнестираат различни елити и нивни приврзаници, додека години поминуваат во јалово граѓанско скандирање „нема правда, нема мир“.

Вакви контрадикции, вакви земјотреси и скитања во ставовите на опозицијата не можат да издржат ни темелите на скапо платената Бела палата. Нејзините столбови и претходно беа прилично разнишани, но сега се особено раздрмани по серијата исклучувања и разрешувања, а со цел да се прикаже прочистување и дисконтинуитет со претходниот период. Дали?

Таков дисконтинуитет Мицкоски требаше да промовира веднаш по валандовскиот конгрес. Но, десет месеци откако е лидер на партијата, сѐ до денес, НИТУ ЕДНАШ не даде јасна осуда за насилства на 27 април, иако тоа многупати беше побарано од него. Осуда на тоа насилство јавно слушнавме само од двајца – Влатко Ѓорчев и Никола Тодоров, иако таа најпрво требаше да стигне од лидерот. Се разбира, ако така мислел.

Но, веројатно, во желба да се додвори и на најрадикалниот дел од членството, тој покажа дека не се откажува од континуитетот на партискиот учинок, дури и кога тој е срамен и неприфатлив за општеството. А по Прогласот од притворените за 27 април, сега прашање е чија „навигација“ ќе стане пресудна – на притворените, кои го обвинија Мицкоски за предавство и лажна надеж за амнестија, или на оние кои повикаа „не сакаме амнестија, туку правда“.

ВМРО-ДПМНЕ со сите контрадикторни потези, во моментов, забрзано се движи кон дното, што во суштина е добра вест. Само по такво паѓање може да се соземе и да почне да се качува кон излезот од бездната. Тогаш, можеби ќе разбере каква грешка направи што ги исклучи осумте пратеници, и другите потоа.

Барем да научеа нешто од грешките на Груевски. Пред очи им е примерот, а не можат да го видат. Е тоа е навистина апсурд

Ме потсетува тоа битно паѓање до дното, на изјава на германскиот филозоф, Карл Јасперс (оженет за Еврејка) откако неговата држава во еден период од историјата го доживеа тоа: „Сега кога Германија е уништена – во одредена смисла и во одреден степен, и со конечност која би било тешко кој било oвде навистина да ја опише – jaс за првпат се чувствувам комотно како Германец“.

Овие осум пратеници, и другите исклучени и разрешени, сигурно не се помалку вмровци од вчера. Денес се најкомотни да го кажат тоа што со години се туркало под тепих. Но, ДПМНЕ е сѐ помала и понекомотна партија, сѐ додека е без широчина што подразбира плурализам на ставови. Значи, наместо дополнително да се изолира и ќосевизира, партијата мора да се еманципира.

Тоа не се прави со продолжено дејство на синдромот на жртва, со вперен прст кон целиот демократски свет, но и кон поединци во партијата. Многу е лицемерно да тврдат дека се против селективна правда, а да спроведуваат таква кон внатрешни неистомисленици. Лицемерно е да се зборува за слобода, напредок, развој, а да се прославува Денот на македонската револуционерна борба со песната „Земјо македонска, земјо турско-ропска Македонијо“. Во кој век живее партијата? И на кој јазик е она „уважавам те, поздравјавам те“? На македонски?

Она што партијата го смета за успех уште во најава, се неколку потези, но тие нема да донесат додадена вредност. Повеќе „уметнички дојам“. Значи, партијата може да ја продаде Белата палата и да најде простор според габарит сличен на старата жолта куќа во која немаше луксуз, но имаше и дух, и вредност.

Можеби ќе расчисти уште со некои „рестлови“, кои според старо-новите советници биле штетни за партијата. Може да ги симне од ѕидовите и сликите што сведочат за тотално фамилијализирање на партијата, со насликани лидерски сопруги или мајки, сеедно…

Но, сѐ додека ВМРО-ДПМНЕ јавно и вистински не се дистанцира од плејадата ликови од првиот ред на тие слики, кои и денес меѓу две судења се главни домаќини, стратези и советници во партиското седиште, ништо не направила!       

За да ја врати довербата, не е потребно козметичко, туку морално ребрендирање, јасна потреба за етички императив, кој националистичката трансформација на патриотизмот ќе ја преобрати во хуманизам на соживотот. Ако не постои свест, срам, покајување и oдговорност, нема ни идеал.

Бeз идеал, целата „реформа“ ќе биде резултат на афект, на непромисленост и на моментални околности. А без идеал, како par excellence политичка категорија, понудениот пери-носи патриотизам ќе си остане демаскиран како класичен национализам кој нема интерес за етичка саморефлексија.

Тој национализам и натаму ќе паразитира на својот универзален непријател – власт, новинари, меѓународна заедница, Албанци… И повторно ќе се врти во круг, бркајќи си ја сопствената опашка, во улога на жртва и во потрага по нови непријатели за да ја оправда сегашноста.

Барем да научеа нешто од грешките на Груевски. Пред очи им е примерот, а не можат да го видат. Е тоа е навистина апсурд.