Средба на виктатори

Во Охрид на неколку часа дојде виктаторот, како што нагалено си го нарекуваат Виктор Орбан во неговата земја, поради несомнено докажаниот демократски капацитет. Дојде, за лично да провери со каква посветеност се спроведуваат неговите популистички налози од неговиот македонски намесник за задгранична и дисперзирана антимигрантска хистерија.

Задоволен од сработеното и од „спонтано никнатите“ барања за референдум против населување мигранти, виктаторот возврати со пофално слово. Тоа беше најава на уште едно јавно-приватно партнерство во поставувањето на монтажниот базен, до врв  наполнет со страв од бегалци и со нехлорирана политичка поддршка за изборна битка против нив.

Кандидатите за градоночалници, наредени во низа, како циронки нанижани за мезе, војнички мирно го слушаа наративот и ја добија коската што треба да ја глодаат за локалните избори. Мигранти, мигранти, мигранти…

Тој, со пропаганда поплочен базен, порабен со бодликава жица и висок ѕид, треба да биде мала реплика на условите за мрестење во Саргаско море. Нашата домашна јагула во него треба да измрести резултати на локалните избори, кога веќе нема пасош да излезе на море, а не покажа волја да измрести наследник, ниту да излезе од досегашната тиња.

Виктаторот, познат по тоа што помеѓу две „оди на радоста“ повеќе игра руски танци отколку чардаш, на јагулата и отвора простор за нов маневар, крепејќи ја нејзината надеж дека со победа на изборите – раката на партијата повторно ќе стане подолга од раката на правдата. И сета оваа претстава е спакувана во обланди за важноста на ЕУ и на европски вредности, кои самиот виктатор не само што ги игнорира, туку со години ги гази.

Езоповскиот јазик, всушност и не располага со доволно вербални единици за да се долови перверзијата на ваквата увертира за потенцијална нова ера со стариот Груевски. Бидејќи, тој и неговата „аура“ се тотален антипод за се што може да се подведе под терминот „ново“.

Стара е неговата коалиција со најпроблематичното дете ЕУ, со кого се здружил во идолошко-субверзивни операции против клучните европски вредности. Стари и прочитани се методите со кои двајцата виктатори за свои потреби мотивираат и креираат радикални организации (патриотски здруженија) или партии (екстремната „Јобик“).

Стар и познат факт е дека откако таквите деривати ќе ги нас’скаат да иницираат насилства (како на 27-ми април во Македонија, или со црнокошулашки Гарди во Унгарија  – отпосле забранети), потоа очекуваат да бидат компарирани и верификувани како „помало политичко зло“, односно поподнослива варијанта, нешто за кое не постои бар-код во спектарот на европските вредности.

Стар и координиран е и нивниот обид за прогласување на сите граѓански организации за платеници на Сорос и нивно елиминирање преку формирање нови и „баждарени“ од нивната власт. Стар е веќе и судскиот процес „Шпион“, во кој македонски граѓани се осудени за работење во корист на унгарската служба.

Значи таа служба роварела овде, но тоа не било проблем виктаторите на двете земји да имаат одлични односи, а и претседателот Иванов да го одликува премиерот на таа земја со орден за заслуги „Осми Септември“.

Изгледа шашаво, ама функционира. Зошто? Затоа што и двајцата виктатори се потпираат на граѓанство кое не поставува прашања, туку слуша, спроведува и гласа. Виктаторот од север, таквото членство го препарираше преку неколку потези: задушување на медиумски слободи, нов устав (христијанско-националистички)  ограничени надлежности на Уставниот суд, нарушена независност на правосудството и спуштање на задолжителното образование од 18 на 16 години, што во земјата беше оценето како „систем за заглупавување на нацијата“.

Секако, истото може да се постигне и преку деформиран кембриџ – систем како во Македонија, а се друго или е веќе остварено, или се чека на доостварување со нов виктаторски ветер во грбот. Покрај сета перверзија, некои ослепени војници на виктатурата во оваа епизода гледаат клучен доказ против тврдењата дека Груевски не ги сакал странците, ниту тие него.

Орбан дојде за лично да провери со каква посветеност се спроведуваат неговите популистички налози од неговиот македонски намесник за задгранична и дисперзирана антимигрантска хистерија

Оние кои не се излезени од калапот на едноумието во Белата палата, попусто прашуваат дали за странци се сметаат и браќа по авторитарна крв? Но, од Центарот за комуникации се презафатени за одговор на вакви платенички прашања.

Оние пак, кои се уште ја паметат авангардноста на дежелата во југословенскиот, но и во пост-ју периодот, молчешкум ги погребуваат илузиите од типот „еднаш авангарда – секогаш авангарда“. Јанша им ја наметна јанѕата.

Проповедникот на слични виктаторски стандарди, во 2013 година беше осуден на две години казна затвор заради поткуп во набавка на воени возила од финската фирма „Патриа“. По 176 дена поминати во затвор, во 2015 година највисокиот суд ја укина пресудата, а изостана повторување на процесот заради застареност на целиот случај.

Денес, Словенците не се се среќни што овој случај остана без епилог, бидејќи остана да живее сомнежот. Но, Груевски без сомнение од овој пример и лик црпи инспирација за можна „најлоша разврска“ на неговото соочување со правдата, или за елиминирање на каква било судска разврска од позиција на нова моќ, доколку успее повторно да се дограби до власта.

Станува збор за формати на политичари кои живеат за, и од конфронтации, кои од тоа ги црпат своите пориви за „преуредување на системот“, за „превоспитување на ЕУ“, на денешницава…

Заеднички именител им е и креирањето на систем на кронизам, во кој врските со нивните партии се единствен гарант за економски успех. И каков апсурд – чекаат таквиот сет на виктаторски методи да добие масовна поддршка во нивните земји, додека тие кокетираат со најгласните противници на Унијата и чекаат политичка награда од нив, а самите максимално ги цицаат фондовите на „лошата ЕУ“.

Во мисловна тиња за исто натамошно дејствување, вчера се одржа тројната виктаторска средба. Кандидатите за градоночалници, наредени во низа, како циронки нанижани за мезе, војнички мирно го слушаа наративот и ја добија коската што треба да ја глодаат за локалните избори. Мигранти, мигранти, мигранти… Никој да гукне и да го праша виктаторот – додека тој градеше ѕидови против мигрантите, колку илјади Унгарци заминаа од земјата? И зошто?

А можеби и ќе го прашаа, можеби еднаш ќе се охрабреа, можеби и ад- хок ќе се избореа за право на слободно прашање, но за жал, гостинот мораше итно да замине. Требало да подготви барање за добивање што поголеми средства од ЕУ за неговата земја.

Да, да. Од лошата ЕУ во која „за среќа“ не сме ние, а тој е. И во која нема да бидеме се додека вакви „европејци“ ја кројат изборната агенда на „суверени“ партии, онака на поминување, исто колку што им треба и за да претрчаат до ве-це.