Црно-бело во колор

Македонски парадокс: безброј дебатни емисии – а дебата нема ни од корен! Дебатата е таа што на секоја црно-бела слика, а кај нас овој политички црно-бел сооднос е издигнат до највисоките контрасти, ѝ ја додава неопходната боја.

Непосредно по терористичките напади на Брисел, „Телма“ на својата „Топ тема“ емитуваше телевизиска дебата за тероризмот, секако актуелна и важна тема, од огромно значење не само од универзален (светски) аспект туку и за нас, тука. Ја гледав дебатата, но уште од самиот почеток имав некое нејасно чувство дека „тука има нешто ненормално“, а јас не можам да откријам што е. И тогаш се сетив! Всушност, беше сосема обратно: дебатата беше – нормална!

Едноставно, се одвикнав од гледање дебати во кои соговорниците не се плукаат меѓу себе по лична основа, не се навредуваат и, со еден збор, не истураат кофи и кофи жолч врз мазохистички расположениот телевизиски аудиториум.

Не дека „Телма“ немала такви дебати, ама овојпат имаше неколку причини зошто добивме еден нетипичен телевизиски производ од овој тип. Прво, емисијата ја водеше традиционално „мирниот“, но добро подготвен Боби Христов, а потоа и темата е таква што практично не дозволува работите да се постават на за нас вообичаената црно-бела основа.

За волја на вистината, по социјалните мрежи се појавија извесни ликови кои себеси се претставуваат како новинари, аналитичари, па дури и интелектуалци, со очигледно помешани лончиња во логиката, образованието, а пред сѐ во главите, кои отворено „се ситеа“ над жртвите на безумните терористички напади, поистоветувајќи ги со олеснувачот Питер Ванхауте (!) и изедначувајќи го Брисел со Европската унија.

Се разбира, „Телма“, за разлика од некои други телевизии, е барем толку сериозна да не ги зема предвид овие ликови, па и ние, иако не ја потценуваме нивната улога во нашиот и онака тешко оболен јавен простор, нема да ги земеме предвид во овој текст.

Едноставно, се одвикнав од гледање дебати во кои соговорниците не се плукаат меѓу себе по лична основа, не се навредуваат и, со еден збор, не истураат кофи и кофи жолч врз мазохистички расположениот телевизиски аудиториум

Секако, авторот на овој текст не тврди дека оваа емисија на „Телма“ е некаков ексклузивен исклучок. Впрочем, телевизиските дебати и таканаречените ток-шоуа, пред сѐ оние што ги продуцираат македонските телевизии, не се моја омилена телевизиска програма. Не толку поради несоодветните политички пораки, колку поради целосното непознавање на телевизискиот медиум.
Имено, овдешните телевизиски дебати најдобро покажуваат како наједноставно телевизијата да ја претворите во – радио. Станува збор за исклучиво говорни програми, во кои не се забележува ни најмал напор да се збогатат со некој телевизиски прилог, да се илустрираат со документарен материјал или да им се даде колажен карактер со што би добиле на – телевизичност. Дури и радиските емисии се „разбиваат“ со музички илустрации, ама нашите телевизиски дебати – не!

Се оди на наједноставниот рецепт – ќе викнете еден или повеќе гости, а од нивната моментална инспирираност ќе зависи „квалитетот“ на целата емисија! Или ако сте таа среќа да најдете двајца жестоки соговорници од спротивставените табори, тогаш не морате ни да смислувате тема, односно тема не мора ни да има (сетете се на „интервјуата“ на Заев и Шеќеринска за „Сител“ и „Канал 5“). Значи, нивото на „квалитетот“ се мери со фреквенцијата на подоцнежните озборувачко-чаршиско-кафеански муабети од типот „го згази“, „избриша под од него“, „го легна на земја“ и слично.

Ваквиот тип дебати имаат смисла само во функција на предизборните соочувања. Тогаш, имено, жестокоста се подразбира (станува, конечно, збор за борба за власт меѓу два спротивставени опоненти), но меѓу слоевите на меѓусебните напади може да се види нешто од политичката програма, од идеологијата, па и од појавната функционалност, што воопшто не е неважно.

Познат е случајот на првата предизборна телевизиска дебата за американски претседател, онаа од 1960 година меѓу Кенеди и Никсон. Слушателите што ја слушале дебатата на радио му дале предност на Никсон, додека телевизиските гледачи го преферирале Кенеди. Сопругата на Џон Кенеди, Жаклина Кенеди, во тоа време бремена во шести месец, ја следела дебатата на телевизија со своите блиски. На новинарите им изјавила „Мојот сопруг брилјираше“. Веднаш по дебатата, мајка му му се јавила на Никсон да го праша дали е од нешто болен. Се разбира, победи Кенеди… Конечно, и практично и теориски е докажано дека овој тип дебати можат некогаш пресудно да влијаат врз конечниот исход на изборите.

Онаму каде што гласачите се навикнати да нема дебата, таму изборниот криминал има невообичаено плодно тло

За жал, токму оваа, толку неопходна и важна дебата веќе подолго време отсуствува на нашите телевизиски екрани. Се разбира, најмногу поради ставот на владејачката партија, која повеќе преферира интервјуа на нивните првенци и кандидати со нарачани и благоугодни прашања отколку телевизиски дуели со противкандидатите.
Да, добро, знам дека прв претседателски кандидат што одби телевизиско соочување со својот против-кандидат беше Киро Глигоров кој одби да се соочи со Љубиша Георгиевски. Ама, по ѓаволите, тоа беше во 1994 година, кога сегашните кројачи на нашата политичка судбина едвај да беа проодени.

Еве, веќе ја слушам и забелешката дека, при толку сериозни обвинувања за изборен криминал, јас сум се запнал за предизборни телевизиски дебати. И онака е сеедно – кој може повторно ќе ги намести изборите! Напротив. Онаму каде што има предизборни телевизиски дебати, нема изборен криминал или тој е сведен на минимум. А онаму каде што гласачите се навикнати да нема дебата, таму изборниот криминал има невообичаено плодно тло. Оваа теза, конечно, може и емпириски да се докаже, ама во некоја друга прилика.

Токму тука лежи македонскиот парадокс: безброј дебатни емисии – а дебата нема ни од корен! Дебатата е таа што на секоја црно-бела слика , а кај нас овој политички црно-бел сооднос е издигнат до највисоките контрасти, ѝ ја додава неопходната боја.

Но, кога сме веќе кај дебатите и тероризмот, да го забележиме и ова: додека го пишувавме овој текст, во Пакистан, во Лахоре, се случи страотен терористички напад. Последните информации се дека има околу 70 жртви и 300 повредени. Колку да не остане незабележано, бидејќи ниту една од нашите национални телевизии (колку што можев јас да забележам), не извести ни збор за овој терористички напад.