Цртање биографии

Кандидатските листи за пратеници излегоа од партиските овални соби и се соочија оценките за нив: привлечни, непривлечни, потрошени, маскирани, отровни, лажни, калорични, некалорични… Сите тие, форматирани преку изборни портрети кои треба да ја извлечат земјата од ова статус-кво, истовремено рефлектираат и слика зошто Македонија толку доцни во демократска организација на општеството и државата, во квалитетот на живот и во можностите за развој.

Дали се избрани најдобрите? Ретки се ситуациите во кои може да се одговори со ДА или НЕ. Компетентното граѓанство, кое во изминативе години се извешти да се потпира на сопствената интуиција и да не носи заклучоци врз основа на недоволен број факти или на дневни псевдонастани, во овој циклус повеќе ќе се потпира на внатрешниот монолог со себе, отколку на политичките говори и ветувања.

Чувствителниот сеизмограф кој го поседуваа политичарите и со него го оценуваа степенот на претстојните политички потреси, полека преминува во „сопственост“ на избирачите. Научија дека потресот го јакне отпорот.

Текстот го пишувам во време кога не се знаат кандидатите на пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ, што не е хендикеп да се претпостави дека нема да се откажат од „авторитарниот“ модел на предводништво. Дури и ако Груевски по некое чудо реши да не учествува во изборниот натпревар, изборот не е прашање на концепт туку на менталитет, чиј главен недостиг е отуствотото на демократски координати. Партијата во тоа никогаш и не гледала проблем, во спротивно не би функционирала како кадровско-логистичка одаја на Водачот.

Од тој модел нема да се откаже особено сега, бидејќи очајно ѝ е потребно пред електоратот да ја промовира позната цврста рака, да сокрие колку таа сега е растресена од истраги, но и тимски еродирана. Но, сега работите се многу посложени, отколку што изгледаат.

Гневот не е добар коалициски партер, ниту идолатријата на омразата, ниту ад-хок сојузништвата чиј заеднички именител е макијавелистички презир кон доследните политики и избирачи

Партиските челници тешко ќе можат да се издигнат над своите аудио-биографии и резултати и да се препорачаат со нешто што веќе јавноста не го слушнала за нив. Нови чисти биографии тешко дека ќе можат да се измислат. На партијата сега не ѝ останува друг избор, освен да игра со сите за кои верува дека на среден рок сѐ уште можат да бидат колку-толку употребливи пред да им стигне покана од СЈО.

Но, заради „уметнички впечаток“, можеби ќе заигра и со некои на кои таква покана веќе им стигнала, само за да го зацврсти впечатокот на невиност и неинволвираност во криминал, што во последнава година се претвори во траума и „морална“ опсесија на ДПМНЕ.

Во желбата да парира по сите основи, пред сѐ на граѓанската партиципација кај опонентот, Груевски потпиша куп меморандуми за соработка со граѓански организации, од кои најголемиот дел веќе со години соработуваат со неговата партија. Но, тоа му беше потребно да остави впечаток дека нема епистемолошка пречка во соочувањето со потребите, проблемите и интересите на граѓаните, особено не помалку од СДСМ.

Но, тешко дека тие меморандуми можат да бидат сфатени како свртување кон партиципативна демократија, бидејќи за неа нема никаква плодна почва во централизирани партии од овој тип. Всушност, ДПМНЕ многу помалку е фокусирана на соодносот колку од кандидатите ќе бидат стари, колку половни-колку нови, а многу повеќе на оние што го заокружуваат ливчето, бидејќи се надева дека таа структура ќе остане константна.

Се работи за едно проверено пасивно мнозинство кое беспоговорно се потпира на сето она што му го нуди државниот апарат и кое не фаќа никаков кусур на понудата, бидејќи нема самосвест за какви било стандарди или за недостиг од демократијата.

ДПМНЕ типува на тоа некомпетентно граѓанство, кое, ако без проблем може да се вози на фантазмагориите на Диме Спасов и на совети од гатачки, уште покротко ќе ведне глава пред партиската црква. Само таква структура може неоптоварено да го игра танцот со оваа партија, и преку ставовите на Водачот/партијата да открива што, всушност, му треба и што треба да сака. А не обратно.

Поради целосно отсуство на внатрепартиска демократија, и никаква пребирливост од структурата на која типува, Груевски има целосна слобода во одлучувањето за кандидатските номинации. Таа комоција ја немаше Заев.

Членовите на СДСМ не се замолчани партиски војници, уште помалку без став, и тој стандард деновиве се покажа низ бројни дебати и критики кои не завршија ни во дискреција ни во кругот на семејството туку директно на јавната сцена.

Проценките по прашањето дали поради (до)стрелите на таа внатрепартиска демократија партијата ќе плати непланиран данок во изборниот цех, ќе се прават по завршување на процесот, иако е јасно дека одреден зијан веќе има во однос на очекуваната внатрешна кохезија.

Од друга страна, од фронтовското организирање кое е повеќеслојно, со повеќе партнери и граѓански активисти, се очекува да донесе нов квалитет и добивка, но тие нема да зависат само од психолошкиот момент дека е создаден голем омнибус туку многу повеќе од квалитетот на предложените кандидати кои Заев ги нарече „авангарда“.

На овие избори тешко ќе биде да се одвои каколот од житото, а двата големи блока, секој со своите фалангисти, ќе ги мерат силите и подготвеноста на општеството за промени

На ваквата амбициозна оценка ѝ беа спротивставени квалификативи од типот „трета лига“, што укажува дека тежината зависи од тоа кој како ја баждарел вагата и дека точната проценка ќе ја дадат гласачите. И покрај критиките, покажувањето желба за исчекор внатре, на микро план, како прв импулс за ветуваните промени на макро план, рефлектира еден вид хазардерски политички сензибилитет, кој не остава простор за „средно решение“.

Или ќе заврши со успех, или со ефектот на „каирос“, како што старите Грци го нарекуваат клучниот момент, кога повеќе птици се наредени во таква низа, што одеднаш може да бидат убиени со еден камен. А на гранката веќе се наредени повеќе птици – од неопитни во политиката, преку пишманџии кои еден ден ја напуштаат коалицијата, другиот ден се враќаат, до разни Милетиќи и концесионери на партиски печати, кои местото во фронтот го заслужиле заради вишок гнев кон довчерашните партнери.

Гневот не е добар коалициски партер, ниту идолатријата на омразата, ниту ад-хок сојузништвата чиј заеднички именител е макијавелистички презир кон доследните политики и избирачи. Но, овие трендови, за жал, сега доминираат во сите партии. И во сите се измешани лончињата.

Во нив се крчка и простување на поранешните номади кои се селале од една во друга опција водени од лични интереси, во нив се измешани леви десничари и десни левичари, патриоти со и без морален капитал, етнички и социјални групи, стари борци и нови револуционери, пензионери, Попадинци, Сетинци и кој уште не, цел еден идеолошки некомпатибилен спектар кој не може природно да се подреди по принципот на виножитото.

Од тие причини, на овие избори тешко ќе биде да се одвои каколот од житото, а двата големи блока секој со своите фалангисти, ќе ги мерат силите и подготвеноста на општеството за промени.

Притоа, едните се надеваат дека политички и правно неоштетени ќе влезат во изборниот процес, другите дека лакировката на лажна невиност тешко ќе биде казнета на изборите. Создаден е еден бункер-менталитет, во кој реваншизмот на избирачкото тело ќе треба да го држи главниот збор.

Она што партиите мора да го знаат е дека не постои лековит заборав за ничие минато. Сите ветуваат дека ќе свртат нова страница, но ќе успеат оние кои ги имаат прочитано и научено поуките од претходната.

Не станува збор за моралистичка опомена туку на укажување дека без јавно соочување и совладување со грешките од минатото, тешко ќе можат да ја менаџираат сегашноста и да ја рекламираат иднината.

Најпрво мора да се автентично подредени на сопствената, за да можат да ѝ бидат подредени и на големата промена. Сѐ друго води кон легализирање на постојното статус-кво и од гласачите зависи дали на таа состојба ќе ѝ обезбедат уште еден мандат или ќе ја испратат на соодветно место.