Цвеќе на злото

Дури и ако ДИК конечно и официјално го прогласи ВМРО-ДПМНЕ за победник на изборите, оваа партија никогаш нема да биде тоа во вистинска и морална смисла. Од она што ни го прикажа партијата изминативе денови, јасно е дека со таква „победа“ најголем губитник ќе биде Македонија.

Човекот кој се одзива на името „претседател на Република Македонија“, не мора да го чека изјаснувањето на ДИК. Веднаш може да сврти телефон, да го повика „победникот“, и мандатот за состав новата влада да му го довери нему – на Ќосето!

Да, лично на Ќосето. Тој е историската, но и реанимирана есенција врз чија „идеологија“ треба да се гради евроатлантската иднина на Македонија. Отправникот на „ќосевските македонцки работи“, Никола Груевски, со Ќосева помош ќе го намалува големиот јаз од омраза меѓу граѓаните. Звучи шашаво, ама „функционира“.

Се прашувам, колку некој треба да е неписмен, неодговорен и глуп за да воскликнува „Ќосето е жив“ и да го враќа овој криминалец во политичката текстура на современа Македонија. Знаат ли тие што хорски го слават името на убиецот со прекар „Касапот“, дека неговата „програма“ се состоела само од три збора: заплаши, убиј и владеј!

ДПМНЕ се фали со програма од 500 страници, ама во неа не се објавени клучните програмски определби со кои оперира на терен, а со ништо не се разликуваат со касапските: „ендек“, „динамит“, „ќе ги сотреме“… И баба му на Касапот денес би потврдила дека „за секое грнче се наоѓа капаче“.

Така, ДПМНЕ и Касапот си се најдоа во нераскинливо единство и пред зградата на ДИК, и пред предизвиците на македонската (неб)иднина. Тие се урната, подготвена „победнички“ да ја прими пепелта на Македонија урнисана од ќосевизам и груевизам.

Човекот кој се одзива на името „претседател на Република Македонија“, не мора да го чека изјаснувањето на ДИК. Веднаш може да сврти телефон, да го повика „победникот“, и мандатот за состав на новата влада да му го довери на – Ќосето!

Понекогаш мислам дека Бодлер шетал токму овде кога ја пишувал „Цвеќето на злото“. Каде инаку би нашол таква инспирација, ако не во некој ваков расаданик на кобното себе за елиминации и расколи, во кој ни до денес не е прекинато одгледувањето на семето на проклетството и злото.

Сакам да ги прашам оние 455.000 гласачи на Коалицијата за подобро поделена Македонија, дали знаат дека Касапот, во чие име се крстат, си го убил и сопствениот брат? Дека му дал три лири за божем да ѝ ги однесе на мајка им, „кога ќе стигне во Велес“. И дека наредил претсмртно да го облечат во нова облека, дека љубезно го испратил на пат и дека го излажал оти „ќе го носат на друго место“. А потоа ладнокрвно му пресудил.

„За еден човек ли да жалиме дека се изгубил?“, рекол Касапот по убиството на сопствениот брат. Ете, токму тој убиец денес е симбол на победата на ДПМНЕ, и на одмаздата за секој што ќе се обиде да ја оспори. Да бидат на власт, макар и по највисоката цена – брат против брат!

Второто враќање во најцрните страници на историјата, не само на македонската, го направи Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи. Вечерта на протестниот собир на ДПМНЕ пред седиштето на ДИК, таа ја нарече „Ноќ на ножевите“. Тешки зборови од личност на која ѝ е доделена функција што по дефиниција треба да зрачи со ширење на дијалог, мир, разбирање…

ДПМНЕ и Касапот си се најдоа во нераскинливо единство и пред зградата на ДИК, и пред предизвиците на македонската (неб)иднина

Не знам дали Божиновска живее во толку големо блажено незнаење за зборовите што со невидена леснотија ги употреби, или доживеала некакво провидение како „момент на вистината“. Ако знаела што зборува, тогаш Божиновска најдиректно ни соопшти дека живееме во нацистичко доба.

Имено, „Ноќ на (долгите) ножеви“ е термин кој се користи за чинот на масовните убиства извршени ноќта меѓу 30 јуни и 1 јули 1934 година по наредба на Хитлер, а со кои ги правдал лажните тврдења дека му се подготвува државен удар. Фирерот таа ноќ наредил убиство на стотици и стотици членови на паравоените СА-одреди, црнокошуљашки „патриотски криминалци“ задолжени за елиминации, со чија помош тој дошол на власт во 1933 година. Се правдал дека му работеле зад грб. Таа ноќ по негова наредба бил убиен и неговиот „Ќосе“ – долгогодишниот пријател, Ернст Рем.

Ако вчера била македонската „Ноќ на ножевите“, Божиновска треба да објасни кој е македонскиот Хитлер, кој е неговиот Рем, колку наредби за убиства се издадени, кои се предавниците и колку параструктури владеат во Македонија: дали само таа што преку државни ресурси спровела незаконско следење на комуникациите на илјадници граѓани, или и некои други, под оружје и на готовс за постапување, тогаш „кога трпението ќе се претвори во гнев“.

Ваквите изјави не можат да се наречат само неодговорни. Тие се многу опасни, бидејќи повикуваат и мобилизираат на најцрни пресметки. Со вакви пораки функционерите и членовите на ДПМНЕ бараат историски континуитет на црните ликвидации. Што е во тоа победничко, што е патриотско, што е европско? Ништо.

Нема патриотизам во закани со одмазда кон сограѓаните. Тоа е криминал. Македонија не сака „патриотски криминалци“ да ја водат државата преку неписмени и ќоси следбеници на Ќосето Касапот или преку непросветени жени, мајки и лажни меѓуконфесионални проповедници што скандалозно ја привикуваат „Ноќта на ножевите“.

Ако вчера била македонската „Ноќ на ножевите“, Божиновска треба да објасни кој е македонскиот Хитлер, кој е неговиот Рем, колку наредби за убиства се издадени, кои се предавниците и колку параструктури владеат во Македонија

Во Македонија мора да заврши времето на континуитет на употребата на идеологијата и на службите во конфликти, ликвидации, бидејќи тоа нема врска со одбрана на национални интереси, туку исклучиво со фашизам. Она што загрижува е пропустливоста на општеството на вакви опасни партиски авантуристи низ изборниот филтер, до вратите на институциите на власта.

Не ДИК, не опозицијата, туку ДПМНЕ ќе носи одговорност за тоа што десет години негува атмосфера на омраза и линч. ДПМНЕ е грдото лице на деценискиот национализам, слика и прилика за процесите на лошото образование, за уште полошото воспитување на партискиот подмладок и за сеењето патолошка омраза, која денес резултира со учители кои држат надгробни крстови и со ученици кои треба понизно да пеат „никој ништо не ти може, Николаааа“.

Тоа е едно пореметено некрофилско движење, кое однапред ги одредува предавниците, им праќа крстови, погребни венци и закани за надгробни плочи, клетви, закани со списоци за разни елиминации,.. сѐ во согласност со „историјата и традицијата“. Тие приказни за предавства, продадени души, платеници и казни за шпионите, добиваат митски димензии и го контаминираат севкупниот простор кој треба да биде основа за излез од кризата, за обединување околу заеднички граѓански вредности, вледеење на правото и казнивост на криминалот.

Нема таква можност за излез од кризата со вакво ДПМНЕ. Нема намалување на јазот на омразата со ќoсиња и касапи во вокабуларот и плановите на власта.

ДПМНЕ, која досега многу договори за излез од кризата ги прогласи за тоалетна хартија, сега својата „победа“ ја препорача како тоалетна хартија токму со вакви пораки испратени до целата јавност.

А таа јавност не ја сочинуваат само нивните 455.000, туку и оние 612.000 граѓани, кои гласајќи за партиите од опозицијата, гласаа за длабоки промени.

И ниеден Касап не може да ја убие нивната волја.