Убавицата и ѕверот

Колумна на Сашо Кокаланов

Прашан како очекува да помине Србија во крајниот компромис за Косово, еден нишлија во телевизиска анкета одговара: Па, отприлика како што јас поминав во компромисот со жена ми за одмор.

– А, како поминавте вие во тој компромис? – прашува новинарката, која очигледно слабо стои со постари вицови.

– Па, жена ми сакаше на море, јас не поднесувам жештини, сакав негде на планина, на снег, на скијање. Ама, фала богу, успеавме некако да се договориме, да најдеме компромисно решение.

– Да?

– Да, да. Бевме десет дена во Платамона, во Грција, ама таа попушти јас да си ги понесам и скиите.

Овој граѓанин на Ниш очигледно подобро ја сфатил реалноста и од многубројните балкански аналитичари, кои деновиве развиваат силни тези за некакви грандиозни размени на територии и населенија, џамии и манастири, шајкачи и кечиња. Па, уште се зборува за некакви верижни процеси што ќе ја отворат Пандорината кутија на целиот регион, четврта балканска војна, трета светска, прва вселенска… Итн, итн…

Нема да се случи тоа. Не затоа што границите на Балканот се вечни и неменливи, а војните овде невозможни (напротив!), туку затоа што никој од оние кои се прашуваат во моментов нема за тоа волја за такво сценарио.

Единствено за што има расположение во Вашингтон, Берлин, Париз и во Брисел е на Србија да ѝ се дозволи да си понесе нешто малку зимска опрема за да се чувствува како на скијање додека се пече на жешкото сонце. А ниту за Косово нема да е едноставно, зашто откако ќе го добие долго бараното летување, ќе мора само да си обезбеди пари, превоз и сместување.

Дојдоа и Белград и Приштина, ете, до таа епистемолошка точка, во која треба да го спознаат значењето на филозофемата „разумен компромис“ на постмодернистичкиот филозоф Хорхе Први. Имено, каков и да е конечниот компромис, дали ќе се нарече демаркација или разграничување, не е познато, но уште од сега е познато дека ќе биде разумен, иако секој ќе мора да најде свое толкување на тоа „разумен“.

Ќе биде тоа мал балкански циркус, блиц-крик претстава, која нема да трае подолго од три дена, по што секоја од двете страни ќе се врати на своето не баш светло секојдневие.

Дојдоа и Белград и Приштина, ете, до таа епистемолошка точка, во која треба да го спознаат значењето на филозофемата „разумен компромис“ на постмодернистичкиот филозоф Хорхе Први

Косово ќе се разбуди како држава со дефиниран статус, но со сè друго недефинирано – од борба против криминал и корупција, па до пензиски и социјален систем. Србија, пак, ќе го изгуби Косово, но ќе го задржи Вучиќ, што е супер, зашто ќе може да се заврши проектот „Београд на води“, а ќе си имаат и занимација со уривање режим следниве години, па ќе може бргу да заборават на големата територијална загуба.

Не е идеално, точно, ама е остварливо. Според онаа познатата од Бертранд Расел (далечен предок на Семе Синапово и прадедо по стрина на Паоло Коелјо), дека, имено, за повеќето разумни луѓе, животот е вечен компромис помеѓу идеалното и остварливото.

Проблемот на Балканците не е што немаат желба за компромис, а уште помалку дека не знаат што е идеално за секој од нив. Проблемот е што имаат секогаш погрешна претстава за остварливото.

Иако во основа се тотално неспоредливи, често ќе слушнете банални компарации на компромисите пред кои се исправени Србија и Македонија. И по малку недоветни коментари, од типот – ќути ние добро пројдовме, треба само додавка во името да ставиме, Србите мора да дадат територија.

Звучиме, вака, ко лоши ученици, „понављачи“, при што едниот се теши дека има единица само по математика, додека овој од другава клупа мора да полага и биологија, географија и историја.

Постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција и тој што допрва треба да го постигнат двата наши северни соседа, Србија и Косово, се баби и жаби, не може да се мерат на кантар, не одат така тие работи.

Тоа што им е заедничко е дека констатираат факти. Нашата Македонија де факто е само еден дел од географската Македонија (не може ниту да се порекне дека тоа е токму северниот дел), а Косово де факто веќе една деценија функционира како самостојна држава со ограничени, речиси никакви можности на Србија да го оспори ваквиот суверенитет.

Проблемот на Балканците не е што немаат желба за компромис, а уште помалку дека не знаат што е идеално за секој од нив. Проблемот е што имаат секогаш погрешна претстава за остварливото

Втората заедничка работа е дека никој не мора да ги прифати овие факти со сила. Тоа е пружена шанса што можеш и да ја усереш ако баш сакаш. Зашто многу пошокантно од тоа што Балканот се мисли дали да стане Европа е одлуката на Европа да го прими Балканот во себе. Не е ова ни економски, ни социјален, ни историски, ни политички, ни геополитички, ни културен шок, туку, пред сè, филозофски.

Следејќи го концептот на Едвард Саид за таканаречен ориентализам, можеме да зборуваме и за балканизам како филозофски концепт. Балканизмот теоретски го постави светски познатата Марија Тодорова во книгата „Imagining the Balkans“.

Теоријата на Тодорова за дискурзивен пристап кон Балканот, како симбол, не како територија меѓу Јадранско, Средоземно и Црно Море и реките Сава и Купа, вели дека симболот Балкан има некакво значење само ако сте стави во однос со симболот Европа. Додека Европа е носител на сите позитивни карактеристики, напредокот и развојот, Балканот има статус на примитивен, нецивилизиран, неуреден, политички нестабилен, нечовечен, суров, патријархален и племенски. За Тодорова е важно да се нагласи дека ниту Европа, ниту Балканот не се реални подрачја, туку симболи во дискурсот, чии значења се поставени како во огледало.

Затоа мене желбата на Европа да го покани Балканот од онаа страна на огледалото, да се соедини практично со својот негативен одраз во огледалото – во чудно дијалектичко единство на спротивности, ми е полудачка дури и од намерите на некои балкански будалетинки (секогаш блиски до народот и до власта), Балканот да ја одбие ваквата понуда.

Се разбира дека ниту Убавицата (Европа) е нешто идеално и безгрешно, ниту Sверот (Балканот) е саде простотилак и примитивизам, ниту ова што го живееме е некаква бајка, ама на симболичко ниво, приказнава е таква во која еден ѕвер има понуда за брак од една убавица.

Приказната, притоа, е оставена без крај. Треба да ја допишеме ние. Која шанса, човече!