Убиство од благосостојба

Не гледаш државата ни умира, а ти прашуваш за таму некои патишта и училишта. Вака, наводно, некаде по ослободувањето, одговорил некој локален комунистички функционер на прашањето, поставено од извесен активист, по одржувањето на предавањето на тема „Одумирање на државата“, а во врска со ветените патишта, болници и школи.

На оваа стара анегдота ме потсетија реакциите по социјалните мрежи, врзани за протестниот марш на Анима Мунди и други здруженија за заштита на животни по повод евентуалното еутаназирање на кучињата-скитници. А реакциите беа токму такви – наместо да ја штитат државата, тие протестираат за кучињата; наместо да го заштитат Уставот, тие се запнале со кучињата и слично!

На страна процените дали е или не загрозена државата и кој му се заканува на Уставот со еутаназија, останува отворено прашањето зошто здруженијата за заштита на животни би ги штителе државата и уставниот поредок. На крајот на краиштата, колку што мене ми е познато, државата за оваа намена има свои органи и институции, кои, вреди да се напомене, се финансираат од сите нас, што значи и од членовите на здруженијата за заштита на животни, нивните симпатизери, како и од сите оние што излегоа на протестниот марш.

Зошто некому би му пречел протестен марш за заштита на кучињата-скитници, и тоа во ден од викендот и зошто некој би добил нагон да објаснува некому за која кауза и за кои прашања треба да се протестира? Прашањето е секако реторичко и не бара одговор.

Прилично комплицирано е да се објасни како тоа убивањето животни без причина, па макар тоа било и законски регулирано и еуфемистички наречено „хумана еутаназија“, влегува во „заштитата“ и „благосостојбата“ на истите тие животни

Едноставно, станува збор за своевидна протестирачка љубомора. Еве, десетина дена, неколкумина го блокираат целиот град протестирајќи за заштита на тој ист Устав што се споменува по социјалните мрежи и никако не можат да се омасоват, а од друга страна една полуизјава на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, успеа да натера илјадници луѓе да излезат во заштита на кучињата-скитници.

Што рече, всушност, Шилегов? Рече, парафразираме, дека има два начина да се реши проблемот со кучињата-скитници. Едниот е оној што се применува во Скопје, кучињата се заловуваат, се чуваат 30 дена и потоа пак се пуштаат на територијата од која се заловени. Со овој третман, вели Шилегов, проблемот на кучињата ќе се реши за шест-седум години (се разбира, заедно со преземање други мерки).

Вториот начин е поефикасен и поевтин. Кучињата се заловуваат и ако никој не ги вдоми во рок од 30 дена, тие се еутаназираат. Оваа изјава љубителите на животни ја сфатија како отворен повик на градоначалникот Шилегов за еутаназија на кучињата скитници и, ете, протести.

Во Законот за заштита и благосостојба на животните (токму така гласи целото име на овој закон) го пишува токму ова што го рече градоначалникот, само што таму вториот начин, оној со успивање на кучињата е прв, а првиот е втор. Во Законот буквално пишува: … кучињата привремено сместени во прифатилиштата ќе се држат доволно време да се исцрпат сите можности за посвојување. Во случај кога посвојувањето е невозможно… тие ќе бидат убиени со средства на хумана еутаназија извршена од доктори по ветеринарна медицина…

Фрленото куче е виновно само затоа што е – фрлено. И осудено е, ни помалку, ни повеќе, туку на смрт само затоа што никој нема да се пушти до „Вардариште“ и да го посвои

Е, сега прилично комплицирано е да се објасни како тоа убивањето животни без причина, па макар тоа било и законски регулирано и еуфемистички наречено „хумана еутаназија“, влегува во „заштитата“ и „благосостојбата“ на истите тие животни. Законодавецот очигледно не видел потреба да го објаснува овој феномен или воопшто немал таква потреба. Дури и да можеа да нѐ разберат, кучињата ова немаше да го разберат. А и што знае кучето-скитник што е добро за него?

Цела среќа што во Македонија нема Закон за заштита и благосостојба на луѓето. Барем сѐ уште нема.

Дивото куче како вид не постои, барем не во Македонија. И секако не во Скопје. Тоа значи сите оние осум до десет илјади кучиња-скитници, колку што се проценува дека ги има во Скопје, значи сите, освен оној занемарлив број на заскитани или изгубени домашни миленици, всушност се производ на човечката негрижа и неодговорното сопствеништво. Со други зборови, фрленото куче е виновно само затоа што е – фрлено. И осудено е, ни помалку, ни повеќе, туку на смрт само затоа што никој нема да се пушти до „Вардариште“ и да го посвои.

Опасни се овие правни акробации. Значи, ако сопственикот го задави своето куче, му стави рачна бомба во уста или го обеси на некое дрво може да биде сериозно санкциониран од државата, затоа што според нашите законски акти малтретирањето животни е кривично дело. Но, ако едноставно, го исфрли од автомобилот одејќи на годишен одмор во Охрид, тогаш, барем според Законот за заштита и благосостојба на животните, државата ќе го убие место него.

И сите мирни и весели.

Цивилизираниот свет, оној каде што сакаме да влеземе и поради кој ќе го менуваме несреќниот Устав, не се грижи за својот уставен поредок, тоа го прават неговите претставници во законодавната и извршната власт, туку се грижи за своите човекови права, за социјалната благосостојба, за солидарно поставените принципи на живеење, за својата околина, за правата на работното место итн.

И секако се грижи за миленичињата, макар тие биле и кучиња-скитници. Ете, затоа и една полуизјава на Шилегов може да извади на улица неколку илјади луѓе. Барем оние кои навистина ги препознаваат европските вредности.