Урнебесот на првоаприлскиот надреален Mанифест

Да бидам искрен, мене ми се допадна Манифестот за единствена Македонија на ВМРО-ДПМНЕ. Ми се допадна неговата содржина. Ми се допадна изборот од тројцата промотори на овој текст. Ми се допаднаа нивните искажувања. Ми се допадна и тајмингот кога Манифестот е пуштен во оптек. Добро, имам само една ситна забелешка: мислам дека, сепак, ефектот ќе беше поефектен (тоа е, нели, идејата на секој ефект – да биде поефектен?) ако Манифестот беше објавен во јавноста истиот ден кога е напишан, а не ден подоцна. Односно на 1 април, како што прилега, а не на 2 април како што е направено.

Има, значи, во Манифестот делови кои воодушевуваат и се прекрасен додаток на традицијата на духовитост и заебанција, која секогаш го красела домицилното население на овие простори. Особено за 1 април. Пардон, нема делови туку целиот Манифест е урнебесен. Просто да плачеш од смеење. Антонио Милошоски, Никола Поповски и Илија Димовски, едноставно, се надминаа самите себеси (ако тоа воопшто е можно).

Во манифестот  има толку граматички и правописни грешки што човек многу лесно може да помисли дека е пишуван по некаков надреален и речиси неразбирлив автоматизам.

Еве, на пример, неколку цитати од агенцијата „Мета“ од нивното известување за промоцијата на Манифестот: „’Поттикнати од силна желба да живееме во успешна земја со пазарна економија, заснована врз знаење, умеење, претприемништво, креативност и праведност, предлагаме национално обединување околу Манифестот за единствена Република Македонија’, изјави Милошоски …

Тој истакна дека прв принцип на манифестот е обединување околу националниот интерес, втор принцип е интеграција во едно општество, трет принцип е владеењето на правото за успех на државата и четвртиот принцип е пазарна економија за подобар стандард на секој граѓанин… За реализацијата на мисијата, членот на извршниот комитет Никола Попоски го истакна воспоставувањето редовен дијалог помеѓу секоја власт и опозиција за прашања од национален интерес …

Членот на извршниот комитет Илија Димовски изјави дека мора да се спроведе попис за квалитетно планирање на политиките, како и за конструктувен дијалог на меѓуетнички теми … ‘Пописот мора да е статистичка, а не политичка операција кој ќе се води строго според методологијата на европската статистичка агенција Еуростат и на Обединетите нации’, изјави Димовски.“

Мислам дека дури ако и Тери Џонс од „Монти Пајтон“ го прочита ова ќе каже: „Еј, момци, ај не претерувајте толку“, ама славната тројка на ВМРО плус ДПМНЕ умее баш пријатно да изненади. Ете, тврдам дека и просторот што е избран за промоција на Манифестот, значи просторот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ или како веќе се вика таа централа за шегобијни уништувања е токму вистинскиот за обелоденување една ваква првоаприлска ингениозност.

И, да, не смееме да бидеме премногу критични зошто оваа шега не е пласирана на самиот ден на шегата – треба да имаме разбирање: 1 април е патронен празник на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, што значи дека им е неработен ден и прилично невкусно би било да помислиме дека и тогаш ќе работат инаку сериозно работливите шегобијци.

Значи, која е првата асоцијација кога ќе го слушнете зборот „манифест“, па уште дело на една политичка партија, која, ете, се вика ВМРО-ДПМНЕ? Илинденското востание и Манифестот на Крушевската Република? Мене, секако, не! Побргу е тоа Манифестот на надреалистите на Андре Бретон од 1924 година. За волја на вистината, мислам дека Бретон има напишано најмалку три надреалистички манифести, ама нема грижа за тоа – ако ВМРО-ДПМНЕ се запне еве до 2 мај уште 17 манифести, 23 меморандуми и 49 тестаменти. За патокази, декларации, прогласи и платформи ич не правиме муабет.

Секој оној што го прочитал оригиналниот текст на Манифестот за единствена Македонија може да потврди дека сум бил на добра трага со асоцијациите на надреалистичкиот манифест на Бретон. Имено, таму има толку граматички и правописни грешки што човек многу лесно може да помисли дека манифестот е пишуван по некаков надреален и речиси неразбирлив автоматизам. Наспроти оној претходниот „лартпурлартизам“, тука станува збор за „манифестпурманифестизам“. Манифест по себе и за себе, што би рекол Карл Маркс, омилениот филозоф на надреалистите и еден од коавторите на најпознатиот манифест на светот – на Манифестот на Комунистичката партија!

Но, да не излезе дека и ние говориме во ветер, еве ја базичната дефиниција на надреализмот од нивниот манифест: „Чист психолошки автоматизам со кој се изразува, усно или писмено или на кој било друг начин, вистинското дејствување на мислата. Диктат на мислата, во отсуство на секоја контрола што ја врши разумот, надвор од сите естетски или морални преокупации“. Со акцент на отсуството на разумот, се разбира. Надреалистите го глорифицираат сонот, како повисок степен на реалноста и како семоќен разрешувач на „овоземските“ проблеми.

Во Манифестот има делови кои воодушевуваат и се прекрасен додаток на традицијата на духовитост и заебанција, што секогаш го красела домицилното население на овие простори. Особено за 1 април. Пардон, нема делови туку целиот Манифест е урнебесен. Просто да плачеш од смеење.

Во енциклопедиите можете да најдете дека надреализмот е движење што се јавува како реакција на кризата на идентитетот на традиционалниот европски културен модел и како настојување да се воспостави нов систем на вредности и да се воведат нови естетски принципи. Уште можете да прочитате дека тој тежнее да ги замени сите рационални и психолошки механизми при разрешувањето на главните проблеми во реалниот живот.

Она што, се чини, никој не им го кажал на тројцата креатори на целосната поделеност во македонското општество, кои сега, по 11 години власт, повикуваат на единство, дијалог со опозицијата, попис на населението, владеење на правото и на којзнае уште што е дека денес сепак не е 1924 година туку 2017. Надреализмот не е повеќе во мода, а богами ни соновите повеќе не се толкуваат според клучот на Фројд.

Патем речено, зборот „манифест“ има латинско потекло и значи очигледен, видлив. Вечерта по објавувањето на Манифестот за единствена Македонија единствено што беше очигледно и видливо, барем од прозорецот на авторот на овој текст, беше големиот пожар на Скопска Црна Гора. Тројцата првоаприлски мускетари немаа манифест за оваа неединствена ситуација.