Валтер го брани сарајо

Колумна на Сашо Кокаланов

Ретки се датумите кои се семиотички толку добро заокружени и кои во себе содржат истовремено и фатален почеток и фатален крај на една иста историска глупоштина и автодеструктивна мазохистичка самоубиствена акција против својот и против човечкиот род како таков. Денешниов 28 јуни е еден таков датум, семиотички натоварен како магаре пред свадба.

Ретко кога раѓањето и смртта се поклопуваат во таков историски цагер каков што имаме на 28 јуни. И тоа со два заплеткани и отплеткани јазла на балканската и на светската историја.

Секој кој сонува да биде барем еден ден принц, би сакал да одбегне две работи: да не е принц Фердинанд и да не е баш на 28 јуни. Се разбира дека принц не се станува на еден ден, освен ако некогаш не решиме принц да го правиме Оливер Андонов, но кога би биле принц Фердинанд на 28 јуни 1914 година, секако би било добро да го послушате хороскопот и да го одбегнете службеното патување за Сараево, па макар ги имале и патните трошоци на Силванева Бонева.

На истиот датум, во заговор на светските илумина, неколку амбасади во Република Македонија и најмалку двајца еврокомесари е разрешен Вилипче Македонски певецот, познат славеј и селфи-изведувач на народни песни, директор на Државниот архив и архивиран автор на антологиски политички пируети.

Како што е добро познато од историјата, на денешен ден пред повеќе од еден век на улица во Сараево, припадникот на организацијата на босанската револуционерна младина „Млада Босна“ го убива австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд. Во меѓувреме Босна остаре, не промени ништо во својот фатален комплициран женски карактер, но тоа не може да ја смени историјата. 28 јуни се смета за де факто почеток на Првата светска војна која завршува на истиот датум пет години подоцна, со потпишувањето на Версајскиот договор. Во оваа светска трагедија со катастрофични размери на вечните ловишта отпатуваа безмалку десет милиони луѓе.

На истиов ден 1989 година на Газиместан на Косово одбележана е 600-годишнината од Битката на Косово. Во балкански манир да се чествуваат големите порази, Србија го чествуваше својот пораз од Османлиите. Централен настан на прославата, на која присуствуваа околу еден милион луѓе, беше говорот на тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ („нико не сме да вас бије“) со кој започна неговиот подем како политичар. Точно 12 години подоцна Милошевиќ е испорачан на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, како прв шеф на држава кој бил предаден на Судот. Во војните на просторите на поранешната СФР Југославија, чиј симбол е токму Слобо, загинаа повеќе од 140.000 луѓе.

Како Македонија ќе придонесе кон специфичната историска тежина на овој датум? Кој е нашиот јазол што го врзуваме за семиотиката на овој ден? Имаме ли и ние злосторства за историска трка?

Според некои историски извори, додека бил на одмор на брегот на Егејското Море, две недели по смртта на полубратот Александар Македонски, на функција крал на Македонија бил поставен емоционално, а според некои и ментално, неспособниот Филип III Македонски, син на Филип II Македонски и Филина од Лариса, тесалиска пејачка и танчарка.

 На истиот датум, за време на неговиот годишен одмор, во заговор на светските илуминати, неколку амбасади во Република Македонија, најмалку двајца еврокомесари и по само две недели од воспоставувањето на режимот на Заев е разрешен Вилипче Македонски певецот, познат славеј и селфи-изведувач на народни песни, директор на Државниот архив и архивиран автор на антологиски политички пируети.

Со тоа завршува вилипизмот во Македонија како моралноеродирачка дисциплина на затруениот ум.

Но, дали баш круговите на историјата се толку херметички затворени колку што си мислиме? Мислам дека најголемата подлост на историјата е токму во малиот процеп што го остава некаде во тие 360 степени незаокружена заокруженост. Овој процеп не е геометриска емпирија, но е филозофски дискурс кој овозможува историјата непрекинато да се повторува преку глупоста како нејзина најеминентна појавност.

Да не се овие процепи, глупоста ќе остане внатре во кругот и нема да има доток на кислород. Па ќе се оневозможи принцот од ромските балови и претседателот на жирито за избор на ромска убавица за Сашо Мијалков, познат и како Амди Бајрам Бундоносецот, по само неколку степени од новиот колут напред на историјата, да ни се повтори во ликот на извесен Курто Дудуш. Овој засега малку познат дудук се заканува да го задуши кревкиот ‘ртулец на промените и да одигра улога на зајак во долгометражната трка на пропагандната машинерија на доскорашната власт дека филмов што го гледаме е оној познатиот, со Курто и Мурто.

Во услови кога фашизмот во Македонија не е угасен до крај и тука и таму сѐ уште тлеат жарчиња, евентуалната амнестија наместо арестија ќе биде супер гориво за нов историски пожар и враќање на вилипизмот во нови деградирачки форми

Кога сме кај филмот и процепите во историските кругови, еве уште една интересна семиотичка коинциденција. Откако Валтер во 1972 година успешно го одбрани Сараево од фашистичкиот окупатор, денес ни се појавува нов Валтер кој не баш толку успешно го бранел сарајов на Грујо, претставувајќи ја оваа смрдлива септичка јама во која е претворена малава балканска држава како бунар со вода надвор од нејзините граници.

Станува збор за британскиот лобист Роберт Валтер, кој го советувал Емил Димитриев (ова е оксиморон само по себе) за неверојатни 7.000 евра месечно, плус трошоци за патувања.

Прво, Емил Димитриев е човек кого советите го промашуваат ко германските војници што го промашуваат Бата Живоиновиќ во сите партизански филмови, вклучително и „Валтер го брани Сараево“. Второ, на пет милијарди евра испумпани пари од земјава, ти повторно со паричникот на граѓаните да ги плаќаш Валтерите што ти го бранат сарајот, е алчност од вселенски размери, дури и за премиер од земја заболена од вилипизам повеќе од два милениума. Трето, концептот на лобирање во еврократијата е една таква морална шуплина во која груевизмот ќе се смести како коров што ќе чека прв дожд да за порасне нагоре.

Евентуалниот неуспех на СЈО со „Талир“ може да биде арско ѓубре за коровот на груевизмот да стане пауловнија. Не знаете што е пауловнија? Тоа ви е кинеско брзорастечко дрво што се користи како гориво за загревање. И расте брзо, речиси со голо око можеш да го гледаш како „пичи“ од земјата кон небото. Во услови кога фашизмот во Македонија не е угасен до крај и тука и таму сѐ уште тлеат жарчиња, евентуалната амнестија наместо арестија ќе биде супер гориво за нов историски пожар и враќање на вилипизмот во нови деградирачки форми. А ќе има Валтери кои ќе дејствуваат обратно од историскиот Владимир Периќ-Валтер, ќе го бранат злото и ќе печалат и казандисуваат од пожарите.

Кој е Валтер? Го гледате оној белиот сарај долу и гомната што испаруваат од неговите септички јами? Е, тоа е Валтер.