Варварите дојдоа!

Варварското заземање на медиумите од страна на таканаречените тајкуни, како сопственици, и полуписмениот полусвет, како уредници и водечки новинари, всушност е стратегија за повторно мапирање не само на медиумскиот туку на севкупниот општествен простор.

Една девојка, ајде да кажам, интелектуалка и многу важна личност во ограничениот свет на идеите во кој се движам и сакам да се движам, ми вели дека купила погрешен број од извесен неделник. Не тој со текстот што ја интересирал туку некој друг. Јас ѝ велам дека не постои погрешен број од весник, со поттекст дека весниците излегуваат за да се купуваат и читаат, односно откриваат, а девојката се правда дека нема навика да купува весници; дека се обидела, ама не успеала; дека е интернетско дете итн.

Се разбира дека немам никакво право кому било да ги наметнувам своите ставови, поточно вредности, особено не на спомнатата девојка која сериозно ја почитувам, а уште помалку да го ставам на пиедестал мојот ентузијазам за Хегеловата максима дека пиењето кафе и читањето весник е утринска молитва на секој цивилизиран човек. И не поради некакви претенциозни и донекаде малограѓански норми на однесување (иако и тој дел е присутен) туку повеќе поради фактот што тешко си признавам дури и себеси дека и самиот сѐ поретко купувам весници. Особено не македонски. А бидејќи не сум „интернетско дете“, сѐ помалку ме интересираат и информативните портали. Особено македонските.

Македонските медиуми, не откривам ништо ново, се еден навистина натприроден феномен – феномен што опстојува независно од својата суштина. Дури не е ни медиумска форма. И не само што се губи сеќавањето на просветителската улога на весниците (во смисла на „утринската молитва“ на Хегел, ако некој воопшто го помни тој период од историјата на македонскиот журнализам), значи самата нивна суштина, туку медиумите се длабоко навлезени и во своевидна деволуција – обратен еволутивен правец: од битија што дишат на бели дробови во битија што дишат на шкрги.

Веднаш да кажеме дека е погрешно површното гледање на медиумите како на крајно неписмени јазични и граматички форми (иако, бездруго, тоа се) или пак, како плод на целосно, а згора на тоа игнорантско и арогантно незнаење, иако и тоа е така. „Вечер“, на пример, на својот портал со датум од 8 мај, како сериозна вест објави таканаречен „кромид“, односно лажна вест од хрватскиот сатиричен портал „њуз-бар“ дека хрватскиот и српскиот јазик потекнуваат од македонскиот, а бугарскиот е резултат на некој Македонец со говорна маана што заминал таму.

Не знам дали постои шанса да се изроди некое ново просветителско време, каде што медиумите ќе ја добијат својата суштина – функцијата за која, всушност, се создадени, но едно е сигурно – сѐ повеќе има варвари, а сѐ помалку Римјани

Неписменоста, незнаењето и непрофесионалноста, велиме, се само површните впечатоци што ги добиваме набљудувајќи ja бестијата, наречена медиумски простор. Тоа се, да кажеме, нејзината лева шепа, опашката и муцката, но никако не е целата ѕверка.
Еве, ќе се обидеме да пронајдеме уште некои елементи што прво ни паѓаат на ум – крајно упростен јазик што ретко може да се слушне и во оние предели кои вообичаено ги именуваме како „уличарски“: преферирање спектакуларност во комбинација со вулгарност, наспроти веродостојност; квантитетот наместо квалитетот… Значи, еве ја мапата: извесна група луѓе, сфатила дека бројот на пласирани содржини кои ќе бидат спектакуларно и таблоидно напишани со јазик разбирлив за „улицата“ (во нејзиното најпејоративно значење), без оглед на нивната веродостојност, ќе стасаат до поголем број читатели и со тоа ќе ѝ донесат на таа група поголеми општествени и финансиски бенефити. Преведено, што би се рекло, со свои зборови, ова всушност значи дека медиумите се претвораат во пропагандни и рекет (читај: корумпирани) алатки.

Но, зошто и кому му е потребно медиумите да ги изгубат своите три основни функции: информативната, забавната и од својот атар да ги истераат оние „просветени“ читатели, заменувајќи ги со „варварска“ публика, која ќе кореспондира со наметнатата стилистика?

Варварското заземање на медиумите од страна на таканаречените тајкуни, како сопственици, и полуписмениот полусвет, како уредници и водечки новинари, всушност, е стратегија за повторно мапирање не само на медиумскиот туку на севкупниот општествен простор. Резултатите од оваа медиумска окупација, комбинирана со бескрајните реални шоуа, евтини турско-индиски серии и ред емисии за славното минато на античка Македонија, можат да се видат токму во актуелниот период што го преживуваме.

Бескруполозната, безобразна и над сѐ опасна кампања која се води против учесниците на „шарената револуција“, а истовремено и жестоката одбрана на највисоките видови на организираниот криминал во кој земјата е веќе длабоко удавена, говорат дека масата (она што некогаш беше јавност) нема потреба од додатни моделирања – таа е веќе добро издресирана во мрзливоста на сопствените мозочни ќелии што беспоговорно се одѕива на жестокото демонизирање на луѓето што мислат поинаку.

Целта е една: задржување на моќта, која овозможува правна недопирливост, како и ситните привилегии на клиентелистичката каста, кои се секогаш нужни во воспоставување неменлива политичка елита, односно тиранија. Затоа доаѓаме до парадоксот на македонската медиумска сцена – новинарите со дигнитет, оние кои, во некои нормални времиња, секој медиум би сакал да ги има, сега се без ангажман или целосно маргинализирани, а на нивно место се устоличуваат луѓе од полусветот, кому, да бидеме реални, денес медиумите му се наменети.

Не знам дали постои шанса да се изроди некое ново просветителско време, каде што медиумите ќе ја добијат својата суштина – функцијата за која, всушност, се создадени, но едно е сигурно – сѐ повеќе има варвари, а сѐ помалку Римјани, барем на видливиот дел од општествениот живот.

Но, ете, не ми остана ништо друго туку на девојката од почетокот на текстот да ѝ кажам дека сепак ќе направиме еден добар весник и ќе ѝ ја всадиме навиката да купува весници, да ги открива и да ги чита со утринското кафе. Затоа што верувам, а „шарената револуција“ дополнително ме убедува, дека таа и многу други тоа го заслужуваат!