Влечки за двојна употреба

Никакви казни не смее да има за тие што ќе решат да го бојкотираат референдумското изјаснување. Прво, и тоа е легитимно право, а второ, тие што ќе се решат на бојкот, и онака одлучиле да се самоказнат. Не затоа што нема да го искористат своето демократско право на глас, туку затоа што не разбираат кон што води нивната одлука.

Еве зошто. Ако ВМРО-ДПМНЕ е против Договорот од Преспа, а е за членство во ЕУ и во НАТО, има причина нејзините членови и приврзаници да ги повика да излезат на референдум и да гласаат „против“ членство во ЕУ и НАТО преку таква („капитулантска“) спогодба.

Кога Мицкоски самиот реторички праша „кој сум јас, да ви кажувам како да гласате“, јасно порача дека одлуката ќе ја донесе единствено народот, а потоа каква и да е таа одлука „сите ќе се поклонат пред неа“.

Токму Мицкоски би требало да има интерес референдумот да биде успешен како процес, бидејќи одлуката на граѓаните ќе му даде директен налог на Собранието да ја преточи таа волја во одлука. Ако мнозинството се изјасни „за“, ВМРО-ДПМНЕ ќе може да каже дека се борела против Договорот, но мнозинството одлучило поинаку. Ако мнозинството одлучи „против“, ВМРО-ДПМНЕ ќе прокнижи победа уште пред да бидат распишани предвремени парламентарни избори.

Тие што планираат да го бојкотираат референдумот, треба да бидат свесни дека ниту ја спасуваат Македонија од некого и нешто, туку му подаруваат на ВМРО-ДПМНЕ политички акции во парламентот: не за одбрана на Македонија, туку за пазарење за амнестија на нечии „бели дворови“

Од ставот, кој ВМРО-ДПМНЕ наводно ќе го соопшти по 10 септември, ќе може да се извлече јасен заклучок: дали партискиот врв е навистина заинтересиран да се соочи со волјата на народот, или е заинтересиран само за бојкот кој ќе го урне цензусот и ќе му овозможи простор на Мицкоски за политичка игра поради неопходното двотретинско мнозинство во парламентот. Поточно кажано, дали преку бојкотот си обезбедува можност за политичко пазарење со власта.

Според тоа, тие што планираат да го бојкотираат референдумот, треба да бидат свесни дека ниту ја спасуваат Македонија од некого и нешто, туку му подаруваат на ВМРО-ДПМНЕ политички акции во парламентот: не за одбрана на Македонија, туку за пазарење за амнестија на нечии „бели дворови“.

Ако некој се сомнева во ова, нека си постави само едно прашање: зошто лани во февруари, кога Груевски на секаков начин се обидуваше да си ја зачува власта, го повика народот „да не седи дома во влечки и да гледа телевизија, бидејќи се во заблуда сите што веруваат дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава“.

Значи, народот не треба да седи во влечки само кога прашањето е дали политичкиот задник на лидерот ќе остане во владејачката фотелја. А кога се решава за иднината на Македонија, обратно: народот треба да седи во влечки, да гледа телевизија, да бојкотира…

Ете, тоа е двојната „патриотска“ формула за влечките: да се излезе од дома само за иднината на партијата, но не и за иднината на државата. Конзистентност пар екселанс.

Значи, народот не треба да седи во влечки само кога прашањето е дали политичкиот задник на лидерот ќе остане во владејачката фотелја. А кога се решава за иднината на Македонија, обратно: народот треба да седи во влечки, да гледа телевизија, да бојкотира

Впрочем и последната и единствена прес-конференција на Никола Груевски во изминатиов период не се однесуваше на најважното политичко прашање во моментов, туку на неговата лична слобода: дали Апелацискиот суд ќе му ја потврди казната затвор. За Македонија го заболе „влечката“. Тоа е тој папучарски патриотизам.

Мицкоски сега се наоѓа во силно менгеме меѓу интересите на овие стари структури, засегнати со обвиненија, но и влијание врз него, и можноста да ја ослободи партијата од нивните хипотеки. Сега е пред клучен тест. Дали ќе донесе одлука од типот „секој нека реши сам за референдумот“, што во суштина е истата мантра – „нема да се лутам ако си останете во влечки пред телевизорот“, или, конечно ќе се охрабри и ќе го повика членството да гласа на референдумот „против“ Договорот од Преспа.

Особено, што зад сегашното партиско тактизирање се наѕираат контури на функционирање на двојна формула и во активностите на партијата. Имено, последната анкета на МЦМС покажа интересен податок: дека кампот „против“ се топи и номадски се сели во кампот „бојкотирам“.

Се множат сомнежи дека тоа е  резултат на два паралелни теренски операции на ВМРО-ДПМНЕ: една јавна, друга тајна. Од една страна, работното лето наводно го поминуваат во темелни „консултации со граѓаните“, а од друга, заднински работат за мотивирање на бојкот.

Ваквата игра не може предолго да трае. Но, дури и да решат да ја туркаат до последен ден, резултатите од референдумот јасно ќе покажат кој за што се залагал. Тогаш, никој не ќе мора да прашува или објаснува „кој сум јас…“. Точно ќе се знае кој е кој, кој е сегашен или иден лидер, а кој веќе станал бивши.

Она што е сигурно, е дека Македонија, и покрај сите подземни и надземни игри, нема повеќе да биде „поранешна…“. Процесите се толку забрзани, што враќање назад нема. Кој не го гледа тоа, уште сега може да си купи влечки за подолг период.