Влијанието на исландскиот тероризам врз читачката публика

(Не)следењето на печатот и медиумите, всушност е мал или помал проблем, наспроти последиците што доаѓаат од оваа практика на македонската интелектуална елита, а тоа пред сѐ е интелектуалната мрза, земањето на работите здраво за готово или онака како што некој или некои сакаат да ни ги сервираат.

Неодамна на една Фејсбук група, главно наменета за зачувување на правилната употреба на македонскиот јазик, осамна фотографија од еден новински текст со наслов „Македонија лидер во борбата против исландскиот тероризам“. Како што (не) можеше да се очекува, веднаш се појавија сеирџии, исмевајќи ја неписменоста на весникот, на македонските новинари, а особено на анонимниот автор на текстот.

Важно е тука да се напомене дека станува збор за една од пореспектабилните Фејсбук групи, во која активно членуваат лектори, преведувачи, професори по македонски јазик, новинари, актери…, со еден збор,своевидна Фејсбук елита, па затоа и коментарите беа интелигентни, духовити и – подбивни. Меѓу коментаторите секако имаше лектори, преведувачи, професори по македонски јазик, новинари, актери…

И сето тоа ќе беше в ред да не се работеше за таканаречен „кромид“, односно за текст од сатиричниот магазин „Коза Ностра“, што ќе рече дека не станува збор ниту за грешка во пишувањето или во мислењето, а уште помалку за (не)писменост. Едноставно, станува збор за сатиричен текст, кој новинската тема за борбата против тероризмот сака да ја доведе до апсурд, што по некоја логика би била и дефиниција за сатирата.

На крајот од краиштата, подготвени сме да го прифатиме и ова „залетување во празно“, само ако не претставува типичен пример за еден раширен манир меѓу овдешната читателска публика. И тоа, повторуваме, публика на која би требало да ѝ биде иманентно читањето весници, публика која претендира да биде интелигенција и за која би требало да важи онаа Хегеловата: „Читањето весници е утринска молитва за секој цивилизиран човек“.

Оправдувањата на моите пријатели кои „наседнаа“ на приказната за неписменоста се движеа на релација од „на фотографијата не се читаше текстот“ до „од каде да знаеме дека станува збор за ‘Коза Ностра’“. Со други зборови, во прашање е целосно непрепознавање на релативно едноставните новински жанрови. Дури и да станува збор само за насловот, повторно е тешко сфатливо неразбирањето на неговата суштина.

Но, основниот проблем лежи токму тука – во насловот! Односно во речиси исклучивото читање само на насловите. И, се разбира, погрешното читање на насловите. Исланд, ете, веќе години со ред е прогласуван за најбезбедна држава на планетата, но и тој податок некаде им „избега“ на нашите медиумски аналитичари. Или, што е уште полошо, ги наведе на сосема погрешна трага.

Сакаме да кажеме дека (не)следењето на печатот и медиумите, всушност е мал или помал проблем, наспроти последиците што доаѓаат од оваа практика на македонската интелектуална елита, а тоа пред сѐ е интелектуалната мрза, земањето на работите здраво за готово или онака како што некој или некои сакаат да ни ги сервираат. Интелектуалната мрза, јасно, доведува до општествена апатија, односно до своевиден (не нужно и политички) конзервативизам – задржување на работите такви какви што се, без никаква идеја или иницијатива тие да се менуваат.

Апатичната публика, нормално, е подложна на манипулација, како што, впрочем, извесен член на спомнатата Фејсбук група успеа лесно и едноставно да изманипулира извесен број нејзини членови, поставувајќи го насловот за исландскиот тероризам.

Впрочем, основната улога на медиумите е токму спротивната – вградување свест за моментот и контестот во кој живееме. Тие (медиумите) од ентропијата на безбројните информации што нѐ опкружуваат, ги селектираат, обработуваат, анализираат и на крајот ги дистрибуираат оние информации што ќе му го олеснат животот на човекот, кој без нив, едноставно, би останал збунет.

Всушност, нивната улога е токму спротивната од онаа што тие ја имаат денес во македонското општество. Значи, да не се разбереме погрешно. За интелектуалната мрза и општествената апатија не се виновни читателите, или барем не се единствените виновници туку виновни се, токму, медиумите. Читателската публика се создава. Како што се создава жива и љубопитна публика, така се создава и апатична публика подложна на манипулации.

Ако овдешните медиуми со години ги манипулираат своите читатели, зошто тогаш читателите би мислеле дека во овој момент се случува нешто поинаку. Впрочем, не се ни случува ништо. Единствените промени се само во нивото на манипулација, кое деновиве достигнува вредности речиси како оние на загадувањето на Скопје. Медиумите не служат повеќе за создавање јавно мислење туку за застапување одредени политички и финансиски интереси. Тие не ја креираат јавноста туку следат дневно-политички агенди.

Значи, „исландскиот тероризам“ би можел да биде само една симпатична епизода на наивноста на одредена група луѓе, ама суштински не е. Тој е дијагноза на севкупната општествена патологија, вклучувајќи ја тука и медиумската сцена.