ВМРО-ДПМНЕ е во право!

Во право е ВМРО-ДПМНЕ што поднесе четири, од наводно седум планирани интерпелации. Малку се. Треба да поднесат за сите министри. За Мила Царовска воопшто не вреди да се трошат зборови. Во нејзиниот случај, евидентно е дека „има разлика“, како што милуваат да кажат од ВМРО-ДПМНЕ. А со кого да ја компарираме, ако не со нејзиниот претходник, кој остави неизбришливи траги во ресорот труд и социјална политика.

Дали оваа госпоѓа ви остава впечаток на личност која барем малку може да се доближи до дострелите на еден Диме Спасов? Ако таа самата не знае како да си додели неколку службени возила на располагање, како ќе знае да подели социјална помош? Уште помалку би се снашла во ситуација ако биде нападната од некоја криминална група од Серава, додека се враќа од билатерален партиски состанок. Ниту може да се носи со толку малигани, ниту знае да бега фаќајќи кривини по тесни улички, ниту елегантно како Диме да закачи само две-три возила што би и стоеле на бегалската рута.

Ете, си дојдовме и до главната тема – бегалците! По тоа прашање ВМРО-ДПМНЕ може слободно и да и поднесе кривична пријава за тежок плагијат. Земете го „Отчетот“ на ВМРО-ДПМНЕ до 2016 година, и ќе видите дека се што спровела оваа партија, Царовска си го припишала како своја заслуга.

Пожарите за кои се загрижи ВМРО-ДПМНЕ ги гасеа исклучиво „окупаторски“ хеликоптери: еден турски и еден бугарски

Со право на азил обезбедено е и вклучување во активните мерки и политики за вработување како посебна целна група, проекти за индивидуални стручни усовршувања, пристап кон здравствените услуги во сите јавни здравствени установи под исти услови како и за државјаните на РМ, електронски здравствени картички, активности за рана интеграција на децата од предучилишна возраст на лицата со признато право на азил (…) Изградивме и опремивме 20 станбени единици во с. Визбегово за сместување на лица со признаено право на бегалец и истите се доделени на лицата/семејствата кои ги исполнуваа условите согласно со методологијата за распределба на овие станбени единици (…) Во ноември 2009 година од страна на Владата беше усвоен и Националниот акциски план (НАП). Беше формиран и Центарот за интеграција, кој функционира како проектна единица во рамки на МТСП. Во фаза на изработка е Стратегијата за интеграција на бегалци и странци во Република Македонија 2016-2025 година“, се вели во Отчетот. ДПМНЕ отишло со планови до 2025 година, а после доаѓа некој друг и се кити со туѓи пердуви. Типично македонски. 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, е посебна приказна. Со право ВМРО-ДПМНЕ тврди дека на негово место треба да дојде поспособен министер. Но, се прашувам има ли толку способен човек кој само за два месеца може да ги затвори сите дупки направени за 11 години? Не. Затоа Тевдовски се дрзнал со ребаланс на буџетот да ги скрати непродуктивните трошења, а за неполни два месеци за околу 55 милиони евра го намали долгот што го оставила претходната власт.

Тоа јасно индицира дека Тевдовски ни најмалку не е дил ориентед, дека е скржавец кој нашите пари ќе ги троши само за леб, но не и за чоколади, како што не навикна издашниот и неповторлив Ставрески. Патем, овој Тевдовски е толку некреативен тип, што не верувам дека некогаш би му паднало на ум, на пример, да отвори детска градинка во зградата на Министерство за финанси со име „Мини фини буџетчиња“. Од друга страна, и на креативците не им е лесно. Тие што имаа повеќе „текнувало“ од него, сега имаат проширен обем на работа: мислат што да прават со доказите за некои „мини фини тендерчиња “, бидејќи не им се оди во „мини фини притворчиња“ или затворчиња. 

Но, за разлика од мотивите за Тевдовски, воопшто не ми е јасно образложението на интерпелацијата за министерот за земјоделство, Љупчо Николовски. Од една страна, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека тој „нема капацитет да се справи со пожарите“, а од друга дека „шумските пожари се намерно предизвикани од страна на актуелната власт сè со цел да се сврти вниманието на граѓаните од погубните политики кои ги спроведува актуелната Влада во досегашниот период“. Не знам дали ова ВМРО-ДПМНЕ го тврди од сопствено искуство или како последица од топлотниот удар на „Луцифер“ врз моќта за логичко расудување?

Затоа, пак, со интерпелацијата за Никола Димитров, е постигнат полн погодок. Причини – брзоплетото, штетно потпишување на договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, и неименувањето на Александар Николовски за амбасадор на Македонија во ЕУ во Брисел. И двете забелешки стојат цврсто и стабилно како некој кој штотуку „се направил Диме Сапсов“.

Навистина не е јасно зошто Димитров се залагаше за билатерален договор со Бугарија, кога нема никаква потреба од тоа. Ние со „окупаторска Бугарија“ немаме никаква заедничка историја за да одбележуваме заедно празници, ниту каква било соседска сегашност и иднина. Ние имаме заедничка историја и прослава единствено со „ослободителот Србија“, а за тоа не ни треба договор, туку само желба да ја третираме Македонија како неоколчена ливада, како што тоа умно го направи најпатриотската ВМРО-ДПМНЕ.

Таа во најдржавотворен стил, во 2012 година дозволи на македонска територија српско одбележување на 100-годишнината од Кумановската битка на Зебрњак – чин на „ослободување“ од турска и потпаѓање под српска окупација. ВМРО-ДПМНЕ тогаш го угости целиот државно – воен врв на Србија: претседателот Томислав Николиќ, тогашниот премиер Ивица Дачиќ, претседателот на Република Српска, Милорад Додик…

Помен во чест на загинатите српски војници одржа српскиот владика Атанасие, еден од оние кои не ни помислуваат да дозволат македонска прослава на Илинден во „Св. Прохор Пчињски“. Дачиќ, исто како и Николиќ, изрази подготвеност директно да се вклучи во решавањето на последното отворено прашање меѓу Македонија и Србија – црковното, и прославата на АСНОМ да се врати во „Св. Прохор Пчињски“.

„Ние сакаме сите прашања да се решаваат со договор, па така и ова прашање за одбележувањето на Илинден идната година (2013 -н.з.). Многу е важно што оваа прослава е одржана во договор со македонската влада. Тоа е многу позитивно“, рече Дачиќ во 2012 година.

Никој повеќе не верува во солзите на партијата, која докажа дека ја сака ЕУ единствено на хартија, а целата политичка криза ја помина со истакнување анти-ЕУ и анти-НАТО пароли

И видовме колку тежи тој устен договор. Поминаа пет години, и не само што „Св. Прохор Пчињски“ остана затворен за официјално македонско чествување, туку Дачиќ постојано квартално не потсетуваше дека Србија згрешила кога пред 20 години ја признала Македонија под уставното име. И министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, која беше владин претставник при српската прослава на Кумановската битка на наш терен, и целата влада, „веома врло добро су се избрукали у том добросуседског пројекта“.

И покрај тоа, денес е ерес да се спомнат бугарски споменици и гробишта во Македонија, а веома врло нормално – српски воени гробишта во Битола и на други места. Тоа е таа строга „симетрија“ кон соседите, за која се залага ВМРО-ДПМНЕ.

И после ќе се чудиме зошто некој српски разузнавач си влегувал и се шетал низ нашето Собрание небаре е во двор на српска бановина. Или кога српски медиуми вчерашниот ден (Букурешки договор, 1913 г.) ќе го одбележат со текстови под наслов: „Ден кога Mакедонија официјално стана српска: На денешен ден пред 104 години, тогашното Кралство Србија доби територијално проширување, со кое во нејзин состав влезе Вардарска Македонија“.

Ете, тоа се тоновите што доаѓаат од Србија. Најпатриотската ВМРО-ДПМНЕ тоа „не го забележува“. Или е нешто многу должна кон север или само таму има некаква проодност. А на чиј друг аеродром нејзини функционери можат да шетаат неказнето со пиштоли? Или можеби и без пасоши?

Тоа не е добрососедство на меѓудржавно ниво, туку меѓу одредени структури од двете земји по одредени лукративни точки на интерес. Да беше поинаку, веројатно во духот на помошта и соработката ќе стигнеше и некој српски хеликоптер за помош во гасење на пожарите, како што Македонија знаеше да испрати огромен конвој со помош по поплавите во Србија. Нема такво нешто.

Пожарите за кои се загрижи ВМРО-ДПМНЕ ги гасеа исклучиво „окупаторски“ хеликоптери: еден турски и еден бугарски. Како што јавија бугарски медиуми, мајор Борислав Тафков и мајор Александар Цанков биле командантите на 12-члениот екипаж од 24-тата воздухопловна база Крумово, кои во периодот од 2 до 6 август во услови на отежнато снабдување со вода поради тешко достапни извори, голема денивелација на теренот и брзото ширење на огнот, имале 81 лет и дистрибуција на повеќе од 210 тони вода над опожарениот терен во Македонски Брод. 

Тоа е реалноста. Кој сака да види – ќе ја види. Кој сака да ја манипулира јавноста, ќе поднесува – интерпелации. Секако, тоа е легитимно право, но проблемот е кога барањето одговорност нема ни морален, ни аргументиран фундамент.

Патем, ВМРО-ДПМНЕ и нема морално право да ламентира по амбасадорското место во Брисел. Никој повеќе не верува во солзите на партијата, која докажа дека ја сака ЕУ единствено на хартија, а целата политичка криза ја помина со истакнување анти-ЕУ и анти-НАТО пароли. Таа ли политика треба да продолжи во Брисел? Премногу вицови во само четири интерпелации.