Во очекување на „првата ластовичка“

Шпекулацијата дека извесно лице испратило јасни сигнали „на значајно место“ дека ќе биде соработник на правдата – заштитен сведок, веќе ги тресе политичките кругови. Таа сама по себе, веќе претставува еден вид катарза.

Во високи политички кругови веќе неколку дена циркулира една шпекулација: извесно лице испратило јасни сигнали „на значајно место“ дека ќе биде соработник на правдата – заштитен сведок за расветлување на дел од индициите за криминални активности, кои беа обелоденети преку разговорите што произлегуваат од следењето на комуникациите.

Оваа шпекулација со голема сериозност се третира во спомнатите политички кругови. Едни ја дочекуваат во грч, во обид да ја проверат нејзината веродостојност и евентуално да дознаат која е таа личност, за да ја проценат опасноста од тоа „дали, што и колку знае“. Истовремено, тесен круг се трудел таа информација да не добие гласност, за да ја спречат можноста да има охрабрувачка функција.

Други се посветени на прашањето, пак, дали наводната намера е искрена или некој бил „мотивиран и подготвуван“ за таква соработка, со цел преку сведочењето да го испере или минимизира одреденото дело, а не да помогне во неговото разоткривање.

Во оваа прилика, ќе прескокнам каква било дескрипција која можела да го навести профилот на тоа лице, за да ја избегнам опасноста што ја носат шпекулациите: од тоа дека можеби станува збор за неточна или нецелосна информација која има за цел посредно да охрабри таков тренд, до тоа дека е сосема точна, но цртањето на профилот на тоа лице во оваа фаза би можело да предизвика безбедносни и други импликации за него.

Со оглед дека тимот на специјалниот обвинител сѐ уште не е формиран и институцијата сѐ уште на почнала со конкретна работа, побарав став од повеќе експерти во оваа сфера по прашањето за тајмингот: дали ова е вистинското време, во кое, во нашиот случај, некој би можел да изрази подготвеност да соработува со правдата. Одговорот беше идентичен: Да!

Притоа, сите укажуваат на неколку важни поенти. Колку порано лицето се понуди за соработка, толку поголема е веројатноста да не го гонат. По дефиниција неговото сведочење се користи во фаза на предистражна или истражна постапка. Ако некој се понуди да биде соработник на правдата откако ќе се оформи предмет, веќе не е толку употреблив како сведок, бидејќи ќе стане извесно дека само сака да се пазари.

Второ, таа улога може да ја оствари ако неговото сведочење е клучно, односно ако без негов придонес не може да се открие и да се гони одредено кривично дело. Кредибилноста на неговото сведочење ќе биде поголема ако не е со прикриен идентитет, бидејќи постојат повеќе модалитети за негова натамошна идентификациска и безбедносна заштита. Но, има и одредени случаи кога прикриениот идентитет е единствена можна опција.

Scott-Beale--Foter--CC-BY-NC-ND

Фото: ScottBeale / Foter

Според членот 44 ( став 1, точка 3) од Законот за кривична постапка, обвинителот има дискрециско право да се откаже од кривично гонење, ако осомничениот како член на организирана група, банда или друго злосторничко здружение, доброволно соработува пред, по откривањето или во текот на кривичната постапка, или ако таквата соработка и изјава на тоа лице е од суштествено значење за кривичната постапка.

Но, она што во моментов најмногу разоткрива оваа шпекулација, се големите очекувања, гладот за правда и стравот од откривањето на криминалот и казната. Самата таа, дури и во ваква форма, претставува еден вид катарза. Иако не ја исклучувам опцијата да се врти токму со таква цел, одредени активности во бизнисот, персонализирање на сопственоста врз фирми од вистинските, а не преку „позајмени“ имиња, обиди за легализирање на одредени суми и чистење на траги за други зделки преку нови сопственици, укажуваат дека на терен забрзано се вршат подготовки за етичко ребрендирање на ликовите, делата и – бизнисите.

Можеби токму со намера да пресретнат нечие можно сведочење.

Прашањето – која ќе биде „првата ластовичка“ и дали таа ќе повлече јато сведоци, предизвикуваше напнатост во слични ситуации и во земјите во регионот.

Сето тоа, зачинето со многу отпор, со пораки во шише, преку поздрави од пријатели, па сѐ до испраќање мафијашки симболи, беше дел од (не)очекуваната иконографија. Во јавниот дискурс, прогнозирањето на „првите ластовички“ некаде отиде во екстрем – дури и со организирање неформални обложувалници.

Таму каде што истрагите и судските фарси завршија со неуспех, остана опишано преку театарски претстави.

Хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ, автор на претставата „Зоран Ѓинѓиќ“, на сцената на Ателје 212 успеа да опише колку е мала разликата меѓу стварноста и фикцијата, кога станува збор за соочувањето со вистината. И колку е тешко таа да се открие не само во деформираните институции туку и да се раскаже на сцената, за што укажа на неколку фрапантни околности: од фактот дека одредени актери одбиле да учествуваат во претставата, преку чудни случувања со текстовите во неговиот компјутер, до фактот дека публиката не сфатила оти прислушкуваните разговори од страна на службите, а употребени во претставата – се автентични!

Јасно е дека политичкото освестување е процес и тој кај нас ќе биде многу тежок, но оние кои први ќе го започнат имаат шанса да повлечат голема и институционална и општествена енергија.

Велат, една ластовичка не ја прави пролетта (во нашиов случај есента или зимата), ама сѐ што предвреме ќе се врати „од југ“ за да слета на прозорецот на обвинителката и да посведочи што се случувало во некои топли и егзотични дестинации (и не само таму), ќе внесе многу светлина во нашата темна и со темни петна покриена стварност. Без разлика што тие птици, од некои ќе бидат наречени „кукавици“.