Време е САД да преземе иницијатива во Македонија

Колумна на Курт Басенер

САД треба да бидат активни чинители во обидот да се стави крај на кризата во Македонија, а не да играат придружна улога во однос на ЕУ.

Зависно од тоа кому му верувате, преговорите помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев под покровителство на eврокомесарот Јоханес Хан се или замрзнати на неопределено време, или мртви.

Цел месец нема никакво поместување во преговорите. Последната лидерска средба во Брисел на 29 јуни (на која исто така присуствуваа и Али Ахмети од владината коалиција, како и Мендух Тачи, кој наводно е во опозиција), заврши без договор за составот на преодната влада.

Груевски неодамна изјави дека нема услови за продолжување на преговорите, по што Заев рече дека договорот од 2 јуни, постигнат со посредништво меѓу четирите водечки партии, „не важи“.

Заев рече дека ќе продолжи да објавува аудио снимки кои веќе со месеци наназад укажуваат на системски злоупотреби од страна на Владата, како и на целосно беззаконие. Извештајот кој беше поддржан од ЕУ, а изготвен од страна на тим од експерти предводени од поранешниот претставник на европската комисија, Рајнхард Прибе, наведе многу системски проблеми и злоупотреби содржани во снимките, за кои опозицијата тврди дека биле снимени од страна на македонските тајни служби.

Напорите за посредништво, во прв план се насочени кон надминување на моменталната политичка криза преку формирање транзициска влада која би требало да го исчисти изборниот список и да спроведе предвремени избори. Но, дури и ако се успее во тоа (што во овој момент се чини тешко веројатно), не постои јасен пат како да се реши суштинскиот проблем, а тоа е институционализираниот, системски недостаток на политичка одговорност.

Во извештајот на ДПЦ (Совет за демократски политики) објавен пред еден месец, јас го понудив своето видување за тоа што би требало да се направи за Македонија да стане самоодржлива демократија и да се овозможи нејзина евроатланска интеграција.

Овој комплициран предизвик ја очекува Викторија Нуланд, американски помошник државен секретар за европски прашања, на разговорите во Скопје. Комесарот Хан пак, заедно со европарламентарците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит, ќе пристигнат во вторник, во обид да го придвижат закочениот посреднички процес. Не е јасно само до која мера нивните напори ќе бидат координирани.

Иако американскиот амбасадор Џес Бејли беше силно вклучен во практичните напори за поддршка на посредувањето, процесот досега беше изразено ЕУ-центричен. Тоа со себе носи и одредени слабости и обврски – како, на пример, фамозниот грчки „проблем со името“ или бугарските билатерални забелешки.

Во практика, тоа значи дека поважно од медијацијата е европската, особено на Европската комисија – ориентација во процесот . (Кога одреден настан нема да вроди со плод, ЕУ го дефинира како „процес“ што значи дека е сѐ уште отворен.)

Па така, додека ЕУ сака да игра примарна улога меѓу западните актери (вклучувајќи ги САД, НАТО, ОБСЕ, како и Советот на Европа), таа истовремено себеси се ограничува. ЕУ не се служи со покажување заби ниту со присила, но истовремено не сака ниту другите да го сторат тоа во нејзино име во рамки на заедничката координирана стратегија.

Целта на посредувањето е да се постигне договор помеѓу спротивставените страни којшто би ја рефлектирал нивната релативна меѓусебна моќ. Бидејќи целта е да се постигне договор, посредникот често прибегнува кон притискање на послабата страна.

Во случајот со Македонија, Грувски ги контролира главните лостови на моќта, па така соодносот на силите во голема мера е во негова полза. Оттаму се и неговите тактики на одолговлекување и обидите да ја промени темата. Единствената моќ којашто ја има Заев се неговите закани дека ќе ги напушти преговорите, дека ќе објави уште снимки и дека ќе организира нови протести.

Во случајов, постојниот модел на посредништво е неуспешен. Но, важно е да се признае дека дури и евентуален „успех“, сам по себе, би имал сомнителен кредибилитет и ограничен рок на траење. Спроведувањето на договорот од втори јуни зависи од добрата волја на политичките партии – меѓу кои нема ни трошка доверба ниту заемно почитување.

Иако Груевски и ВМРО ДПМНЕ ја преминаа секоја мерка во последнава речиси една деценија додека се на власт, недостигот од структурна демократска одговорност е проблем што постоеше и пред нив. Најголемата надеж за позитивни промени ја демонстрираа граѓанските протести против владината злоупотреба на моќта. Иако протестите значително се засилија по објавувањето на снимките од страна на опозицијата, повеќето демонстранти не се водени исклучиво од поддршката кон Заев.

Согласно договорот од втори јуни, временската рамка за одржување нови избори е април 2016, но пред тоа треба да се случат бројни реформи и истраги. Оваа рамка е премногу кратка.

Понатаму, иако извори во Брисел велат дека независна истрага за кумановската операција – во која загинаа многу припадници на безбедносните сили, како и етнички албански милитанти од Косово – останува дел од ЕУ агендата, такво нешто не се гледа во договорот од втори јуни. Неспроведлив договор е лош договор.

Нуланд треба да предложи реактуелизирање на меѓународните напори за да се развие одржлив пат напред за Македонија, зголемување на бројот на западни чинители кои би се инволвирале, како и заострување на односот.

Таа треба да повика на меѓународна арбитража чија цел би била да се формира транзициска влада, да се истражат криминалот и злоупотребите (вклучително и оние забележани во извештајот на Прибе, како и оние поврзани со операцијата во Куманово), подготовка за вистински слободни и фер избори, како и справување со институционалните проблеми кои стимулираат злоупотреби од страна на извршната власт.

Арбитражата би требало да ги вклучува не само САД и ЕУ туку и другите меѓународни актери како НАТО, ОБСЕ и Советот на Европа, кои имаат удел и кредибилитет во однос на македонските повеќеслојни проблеми. Сите тие би требало да имаат подеднаков удел во арбитражната комисија. Македонскиот граѓански сектор, како и експертите, исто така мораат да имаат јасна улога во информирањето за, и во следењето на овој процес.

Тие би биле клучен партнер и легитимизатор на ваквата западна арбитража, и клучен фактор во транзицискиот период. Арбитражата ќе им даде збор на третите страни во спорот – и најважно, моќ да ги спроведуваат договорените услови. Само на овој начин може да се пресретнат и решат сите пречки кои стојат на патот на функционирањето на демократијата и на владеењето на правото во Македонија – вклучително и „проблемот со името“.

Единствениот начин ЕУ да прифати вакво нешто (и имплицираниот прекор) е ако Нуланд директно и јавно го побара тоа. Во моментов, не само во Македонија туку и на целиот Балкан, ЕУ сака да го има приматот, но не и одговорноста да го стори тоа што треба да се направи.

Како на американски поборник за прекуатланска соработка кој сака ЕУ да успее во регионов и пошироко, ми се чини дека ЕУ сака само навивачи, а не вистински партнери, кога станува збор за нејзината/ите агенда/и. Ова е самоуништувачко однесување коешто го подјадува кредибилитетот на ЕУ. Тоа не е добро ниту за вистинските демократи во регионот, ниту за Американците.

Македонската институционална криза е производ на недоволна далекувидост (во Охридскиот рамковен договор), локални злоупотреби, како и на долгорочна меѓународна (не само на ЕУ) малигна негрижа.

За да се поправи, САД, кои во регионот уживаат кредибилитет и можност да применат притисок, мора да бидат активни чинители, а не само да играат придружна улога во однос на ЕУ. Нуланд треба да ја преземе иницијативата од Брисел со цел да создаде стратешки арбитражен процес што ќе биде од корист за ЕУ, за Америка, и најважно, за македонските граѓани.