Време на чуда!

Не е ни чудо што е време на чуда. Чудата, што би се рекло, се нормална состојба во годината кога Македонската православна црква слави илјада години од постоењето на Охридската aрхиепископија. МПЦ ништо не славеше, па чудо ги изми фреските во црквата „Свети Димитрија“ во Скопје, па можете да замислите што ли сѐ ќе ни се случува сега.

Така јас некако ги толкувам и овие илјадагодишни дождови што некако зачестија кога не им е време – како обид Бог да ни ги измие гревовите. Зашто Црквата, на крајот на краиштата, не е ништо друго туку своевидна болница за лекување на оние со гревови. Затоа Македонија има и најголем процент верници по глава на жител. На секој жител по три-четири верника.

Во таа смисла разбирлива е и примамливоста на идејата дека Исус врз себе ги примил сите гревови на човештвото. Секако, и тоа дека постои и некоја варијанта за откупување, односно искупување на гревовите. Една од тие варијанти се вика – затворска казна.

Многумина во мојата земја судската пресуда на некогашниот премиер Никола Груевски од две години затвор ја сметаат за – чудо. Некои плачат од тага, некои плачат од среќа, некои (додуша ретки) паѓаат во несвест. А не станува збор за никакво чудо. И некогашниот премиер Владо Бучковски беше осуден на исто таква и толкава казна – две години затвор. Па не се случи никакво чудо. Колку што се сеќавам никој не плачеше и никој не паѓаше во несвест.

Само за потсетување: Владо Бучковски беше осуден во процесот наречен „Тенк“. И Никола Груевски е осуден во процесот наречен „Тенк“. Наравоучение: тенковите се баксузни за македонските премиери, па затоа логичниот совет за сегашниот премиер Зоран Заев, како и за сите идни премиери е да не се занимаваат со тенкови. Жива среќа што во НАТО тенковите се веќе надмината технологија, инаку ќе моравме да градиме премиум, односно премиерски затвор.

Ако некој „обичен“ човек „попие“ три години затвор за кражба на ќебапи, тогаш зошто Груевски да не „попие“ две години за мерцедесот од над половина милион евра. Груевски не го плаќа „обичниот“ човек, а „обичните“ луѓе го плаќаат Груевски. И останатите функционери

Некои ќе речат дека против Владо Бучковски се водеше еден процес и дека човекот сите свои капацитети ги насочи да се спаси од оваа казна (башка и самиот е познат и влијателен правен експерт), додека над Никола Груевски висат барем уште четири процеси, што значи дека неговите капацитети сериозно ќе бидат расцепкани на повеќе делови и со самото тоа помалку ефикасни.

Но, со оглед на времетраењето на владата на Владо Бучковски и на владите на Никола Груевски и тука нема никакво чудо. Кој тврди дека ако Владо Бучковски владееше колку и неговиот наследник немаше да добие исто толку кривични пријави.

Она што е чудо во целата премиерска приказна е фактот дека Бучковски беше суден во времето на Никола Груевски, и тоа гледано од оваа временска дистанца, во почетокот на неговото владеење, а Груевски сепак не сфати дека времето е минливо и дека сѐ има свој почеток и крај, односно дека не постои неказнивост за бивши премиери.

Бучковски не отиде во затвор, ако не се лажам по повеќегодишна голгота и најразлични одложувања, Врховниот суд конечно ја укина оваа казна. Од таа гледна точка се разбира дека нема никакви гаранции дека и Никола Груевски ќе оди во затвор. Иако неговите шанси да го одлежи долгот кон правдата се барем пет пати поголеми со оглед на тежината на останатите кривични пријави.

Ако се обидам да го оставам на страна компаративниот сарказам помеѓу двата премиера и двата тенка, што е прилично тешко, тогаш сепак ќе констатирам дека казната за Никола Груевски е примерна и како таква шанса за почеток на оправавње на ова наше кутро судство. Секој криминал е криминал, само криминалот на функционерите е функционерски криминал, а криминалот на највисоките функционери е – највисок криминал.

Сакам да кажам дека ако некој „обичен“ човек „попие“ три години затвор за кражба на ќебапи, тогаш зошто Груевски да не „попие“ две години за мерцедесот од над половина милион евра. Груевски не го плаќа „обичниот“ човек, а „обичните“ луѓе го плаќаат Груевски. И останатите функционери.

Владо Бучковски беше осуден во процесот наречен „Тенк“. И Никола Груевски е осуден во процесот наречен „Тенк“. Наравоучение: тенковите се баксузни за македонските премиери

Едно од чудата на кое сведочам деновиве е дека немам повеќе мигрена. Дури и хроничните синуси ме напуштија, па и киселините во желудникот се смирија. Со еден збор, сите оние болести кои, предизвикани од годината на производство, полека го напаѓаа моето тело, исчезнаа во речиси еден ден. Со оглед на фактот дека не сум верник, причините за невообичаено доброто расположение, ги барав на друго место, а не во болницата за гревови.

И ги најдов. Имено, и јас како и секој „просечен патриот“, празниците (во мојот случај: подранетиот годишен одмор) го поминувам во едно приморско грчко село што се наоѓа, што би се рекло, „на Бога зад нога“ и каде што не дофаќа ниту мрежата за мобилна телефонија, а интернетот, сателитската телевизија и сличните чуда на вообичаената технологија се далечна научна фантастика.

Во моја одбрана: ова беше единствена можност да го соберам моето мало, а раселено семејство на едно убаво и мирно место. И, да, да бидам отсечен од матицата земја, што веднаш резултира со – исчезнување на мигрената. Верувам дека овие здравствени причини се важен фактор на непопустливиот бран на иселување од земјата.

Но, не е дека навистина сум на пуст остров и дека навистина сум без какви било информации. Оние најважните стасуваат и до мене. На пример, ваучерот за такси за пијаните гости – акција, која ако не ја субвенционира Град Скопје, тогаш сесрдно ја поддржува.

За разлика од скептиците кои на нож ја дочекаа оваа мерка, јас искрено ја поздравувам. И не (само) поради безбедноста во сообраќајот туку поради општата здравствена состојба. Ако Градот не учествува со буџетски пари во такси-ваучерите, може да го субвенционира пијанството на своите жители.

Па, како човек да ги преживее сите овие чуда, ако не е – пијан!