Време на (не)пристојност

Колумна на Тамара Чаусидис

Нека го донесат законот за забрана на бомбите! Не треба да се спротивставуваме, нека го донесат токму таков каков што го предлагаат.

Колку време ќе ни треба да учиме од сопственото искуство, се прашувам додека ја следам дебатата на Телма и се фаќам себеси како навивам колешката Блажевска не само да стане и да го напушти студиото туку и да му ја истури водата од оние големи чаши на маса на соговорникот од другата страна. И по цена на скандал, и по цена домаќинот да биде навреден, од проста причина што цената која пристојните, (раз)умните во оваа земја ја плаќаат е веќе неподнослива.
Тоа е секојдневна навреда на интелигенцијата, подмолно, паланечко поигрување на маалските итреци на кои ние, за жал, сме им го дале тоа право, и со секоја нивна нова итроштина одново и одново им го даваме, залудно повикувајќи се на здрав разум, на аргументи, на работи кои се подразбираат, но за кои истите тие итреци ниту чуле, ниту разбрале, ниту сакаат/можат да разберат.
Како да разговараш со човек кој нема поим што е јавен интерес за улогата на новинарот? Од сопствено искуство знам дека таков разговор не минува. Удира од тап, тврд поглед како ѕид низ кој никаков пример, никакво елементарно објаснување воопшто и не продира. Толку разбираат или намерно? Тоа е дилема на која немам дефинитивен одговор.
На моменти мислам дека сме сведоци на масовен, колективен Данинг–Кругеров ефект. Едноставно, имаме работа со луѓе кои имаат ограничени интелектуални способности, но кои истовремено се жртви на илузијата за сопствената супериорност и не се способни тоа да го согледаат. Со други зборови, како што тоа едноставно го срочија на Офф нет: „глупавите, всушност, не сфаќаат дека се глупави. Во основа нив не само што не ги бидува за нешто туку тие не можат ниту да сфатат дека направиле грешка“.
Навистина се прашувам дали токму Данинг–Кругеровиот ефект е некаков критериум за влегување и напредување во тесните кругови на доверба на луѓето кои се на врвни позиции во ова општество и кои одново и одново нѐ запрепастуваат со потфати од типот на последниот предлог-закон за забрана на бомбите (да му го скусам името).
Постои ли некаков тест на кој потенцијални кандидати за пратеници, министри, заменици и слично се оценуваат според тоа дали можат да препознаат дека се неспособни и до која мера се неспособни. За образование, општа култура, елементарно домашно воспитание,.. воопшто и не станува збор.
Иако понекогаш ова се чини како логично објаснување, не сум секогаш сигурна дека е и точно. И повеќе, на моменти имам впечаток дека намерно се остава ваквата перцепција до која воопшто не е тешко да се дојде. Затоа што, без оглед колку и да водат глупава, ирационална, гротескна политика, во неа има метод и тој е веќе препознатлив.
Последниот предлог–закон што ја дигна медиумската и граѓанска заедница на нозе, според содржината, но уште повеќе, според начинот на кој влезе на сцена, ужасно потсетува на сега веќе усвоениот Закон за медиуми. По некакви бегли информации, низ кулоарите Законот за медиуми осамна со ужасна содржина и намера да биде усвоен за осум дена. Со исто така предвидена цензура за новинарскиот ангажман, со дисциплинирање на критичката и слободна мисла.
И тој првичен нацрт на законот експресно беше повлечен „на доработка“, на „јавна дебата“. Повлечен под притисок на новинарскиот отпор и меѓународните претставници. Повлечен, но само за да се испреговара, да се усогласи со „двете страни“.
Од оваа перспектива, по една година борба со тој текст, кој одново и одново се појавуваше, во три или четири верзии – секоја поголема од претходната, со поставени стапици, со додавања и одземања и на крајот со амандмански финиш, се прашувам дали воопшто вредеше отпорот?
Првичната позиција на новинарите во март 2013 беше едногласна – не ни треба закон! И сега позицијата со законот за бомбите во јавноста е иста, не треба посебен закон, доволно е да се уреди заштитата на „свиркачите“ и начинот на процесирање на таквите материјали, а постојниот закон веќе го регулира она што се нарекува незаконски стекнат матерјал, но, како и со медиумите, текстот веќе е изготвен. Суспендиран, повлечен од итна постапка, ама со датум до кој треба да се испреговара.
И сега на граѓанската и критичка јавност ѝ останува да протестира и да се надева дека оние ступидни решенија во овој предлог нема да поминат, дека во крајна линија, меѓународните посредници нема да дозволат такво нешто. Така се надеваа и новинарите. Протестираа, ама и аргументираа, пишуваа забелешки, бараа и добиваа поддршка од меѓународните организации, но беа вовлечени во процесот, станаа „другата страна“ во некакви наметнати преговори.
Законот не се повлече, се повлекоа новинарите од првичниот став дека закон не ни треба.
Затоа и сум скептична целава ситуација и начинот на кој се води политиката да му ја припишам на Даунинг- Кригеровиот ефект.
Ова е веќе виден и испробан метод. Се фрла законски текст од кој, како тогаш на новинарите, така сега на правниците, им се крева косата на глава, а луѓето останаа без зборови, не знаејќи како да коментираат таква глупост? Потоа се повлекува и почнува преговарањето. Преговарате со некој кој не ја крие намерата да ве замолчи и ограничи. За што можете да преговарате во таква ситуација? Само за тоа колку ќе ве ограничи: комплетно или сепак ќе ви остави некакво прозорче низ кое ќе го провнете гласот?
Но, од оваа временска дистанца, навистина ми е легитимна дилемата вредат ли протестирањето, аргументирањето и отпорот? За што се бориме додека тула по тула го ѕидаат ѕидот околу нас? За уривање на ѕидот или за мало пенџерче од кое ќе викаме одвреме навреме?
Можеби треба да дозволиме да се донесе токму таков првично замислен закон и да се дозволи да стигнат првите санкции. Можеби тогаш сите ќе го видат ѕидот, па полесно ќе знаеме што треба да правиме. Само ќе ни се каже.