За кучињата, а не за луѓето

Се сеќавам кога своевремено бев поканет да бидам набљудувач на тогашните претседателски избори во Азербејџан, сакав да ги искористам тие десетина дена од мојот престој да научам што е можно повеќе за културата на таа земја. Моите љубезни домаќини ме шетаа главно низ главниот град Баку, но јас не можев да се оттргнам од впечатокот дека градот ми е некако чуден. Не беше тоа ни агресивниот мирис на нафта што се ширеше од Каспиското Езеро, ниту пак беше нешто необично во архитектурата или во широките булевари.

Дури третиот или четвртиот ден сфатив што ми пречи: во градот немаше воопшто кучиња-скитачи. Ниту едно! Но, затоа имаше безброј мачки што ги окупираа сите контејнери и сите хауби на паркираните автомобили во тие жешки денови. Сепак, без овој орнамент на секоја урбана средина, градот делуваше прилично невесело, дури и сиво.

Домаќините ми раскажаа една урбана легенда дека некаде во раните 60-ти години од минатиот век, кога на улиците од градот сообраќале повеќе велосипеди од автомобили, а богами имало и кучиња, возачот на локалниот партиски моќник направил сообраќајна несреќа во која загинале еден или двајца велосипедисти, а некои биле и повредени. Истрагата утврдила дека виновник за сообраќајната несреќа било некое куче, кое нагло излегло пред автомобилот. Градскиот централен комитет се состанал и донел директива – ќе се истребат сите кучиња од улиците. И се истребиле!

Некако нагло и без повод (поточно со погрешен повод) уличните кучиња одеднаш избија на прво место на вечната топ-листа на непријателите на Македонецот. Па така зад себе ги оставија и Сорос, и мигрантите, и загрозувачите на идентитетот, и провевот, и ХААРП, и ЦИА, и НАТО

И оттогаш во Баку нема повеќе кучиња. Поточно има, но само во некои од домовите на претставниците на меѓународните мисии и амбасадите, кои своите миленичиња си ги донеле од нивните земји. Така, на пример, ќе се случеше некоја повозрасна госпоѓа да ја прошета својата пудла низ градот и минувачите сосема отворено да се вртат по неа, небаре гледаат како крај нив поминува вонземјанин.

Се разбира дека се сетив на оваа бизарна епизода на градот без кучиња, гледајќи ја скопската отворена војна против уличните кучиња, која, ете, се води со оружја, кои се забранети дури и со Женевската конвенција, односно со хемиски средства. Некако нагло и без повод (поточно со погрешен повод) уличните кучиња одеднаш избија на прво место на вечната топ-листа на непријателите на Македонецот. Па така зад себе ги оставија и Сорос, и мигрантите, и загрозувачите на идентитетот, и провевот, и ХААРП, и ЦИА, и НАТО… Дури почна да се создава некаква слика дека ако нема улични кучиња, Македонија веднаш ќе стане средно-развиена европска земја со минимален јавен долг и со 500 евра не просечна туку минимална плата.

Уличните кучиња во нововековна Македонија станаа она што беа Евреите во нацистичка Германија – виновници за сѐ. (Се извинувам за метафората, ама немам посоодветен избор за описот на она што се случува.) Дури прочитав некаде дека Хитлер бил осведочен пријател на кучињата. Затоа веројатно и на јавните простори имаше истакнато натписи: „Забрането за кучиња и Евреи“.

Значи, не би се изненадил некој сега да се сети да ги обвини уличните кучиња, на пример, за загадувањето! Ама не сите кучиња туку само уличните. Како нацијата да заболела од некоја чудна кинофобија – страв од кучиња, ама не од сите туку само од улични кучиња! Тешко ми е на ова место да ги објаснувам ноторните вистини – кучињата, вклучувајќи ги и оние уличните, се домашни животни, меѓу првите што ги припитомил човекот. Ако веќе некои од нив и покажуваат склоности на диви животни, односно ако се агресивни кон човекот, тоа сигурно не се таканаречените „авлијанери“, односно кучињата-скитачи. Побргу би рекле дека тоа се оние хибридни сорти, од типот на ротвајлерот што ги нападна мајката и детето на Аеродром. Тоа се шарпланинците и овчарите истренирани за чување стада, питбул териерите и сличните дресирани кучиња за кучешки борби… Со други зборови, тоа се кучињата што ги произвел човекот, токму за таа намена – да бидат агресивни!

Уличните кучиња се важен дел во социјализацијата на човекот, уште од неговото најрано детство. Преку нив децата го учат својот однос кон животните, а оттаму и кон луѓето. Учат што е солидарност, што значи да се пружи и да се прими љубов и што значи пријателство

Уличните кучиња, напротив, имаат една поинаква улога. Тие се важен дел во социјализацијата на човекот, уште од неговото најрано детство. Преку нив децата го учат својот однос кон животните, а оттаму и кон луѓето. Учат што е солидарност, што значи да се пружи и да се прими љубов и што значи пријателство.

Поради некои околности, цел живот живеев во згради. И никогаш немав куче. Ама затоа, во тоа мое некое детство, секое скопско маало имаше свое маалско куче, за кое се грижеа сите маалски деца. Кучето во моето маало се викаше Пени, затоа што беше бело како пена. Уште ми се свежи сеќавањата кога го најдовме отруено во една грмушка. Тоа беше првата наша средба со насилна и беспричинска смрт.

Мислам дека траума од човековата ирационална злоба нѐ следи сите нас што го преживеавме ова на мали години. Но, еве тука уште еден детаљ од моето искуство. Не, дека не сум нападнат и гризнат од куче, ама тоа беше куче на газда! Никогаш „авлијанер“. И никогаш, поради тоа, не ми паднало на памет да сеам отров по градот.

Со други зборови, оние што целосно неодговорно фрлаат отров по урбаните делови од градот се истите луѓе што ќе прават „сапуни од Шиптари“, што ќе „колат мигранти“, конечно што убиваа и колеа по најразлични Сребреници и други стратишта на овдешните војни. Да, секако, неопходна е сериозна шинтерска служба. Ама, не толку за кучињата.

Но, да ја завршам приказната за Баку во Азербејџан. Набргу откога се вратив, бев да фрлам ѓубре во контејнерот наменет за мојата зграда. Од контејнерот се појави глава на еден бездомник. Веднаш до него имаше едно куче-скитник. Братски го делеа прехранбениот „плен“ од контејнерот. Човекот првин ја проверуваше храната, а потоа му даваше и на кучето. Како сега се сеќавам дека тогаш помислив дека не е сѐ изгубено и дека има уште надеж за нас.

Денес повеќе не знам. Има ли навистина надеж за нас?