За правна, а не празна држава

Уставниот суд има неповторлива шанса да закрепне од црните петна, да го затвори каналот низ кој му дистрибуираат политички налози и нарачки и многу побрзо од специјалното обвинителство да направи чекор кон градењето правна, а не празна (испразнета од правото) држава.

„Специјалното обвинителство е паралелна и политичка институција, бидејќи е плод на политички договор“, рече државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, и потврди дека уставноста на законот за специјален обвинител ќе биде оспорена пред Уставниот суд од страна на обвинители.

Да, специјалното обвинителство навистина е плод на политички договор за излез од политичката и институционална криза, но законската архитектура врз која се темели предвидува да биде независно и автономно тело.

Ако државата беше одвоена од партијата на власт, ако функционираше уставната поделеност на трите власти и ако две од неа не беа грубо узурпирани од извршната власт, немаше да има ни криза, ни потреба за санирање на нејзините последици со формирање ад-хок институција, каквашто е специјалното обвинителство.

Со тоа, ставот на Зврлевски се сведува на „дилемата“ што настанало попрво – јајцето или кокошката?

Но, дури и ако ги апстрахираме овие причини кои доведоа до политичката криза, не смееме лажно да се однесуваме како да станува збор за некаков преседан.

Зарем Охридскиот договор не беше исто така резултат на политички договор? Зарем негови одредби не станаа составен дел на Уставот на РМ? Како резултат на тој договор е востановен и Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, чиј раководител е заменик на премиерот.

Дали државниот јавен обвинител Марко Зврлевски во обвинителството прима кадри во согласност со обврската за почитување на „принципот за правична застапеност“ од Рамковниот договор? Да. Тогаш, по кои мерила Охридскиот политички договор е уставен, а овој за специјалното обвинителство – противуставен?

Од оние кои се крстат во Уставот, се очекува да знаат дека сите демократски Устави настанале како резултат на политички договор, затоа што луѓето увиделе дека е неопходно да ја дефинираат сопствената слобода во форма на основни права, за да ги спречат властите произволно да користат инструменти на принуда.

Начинот на кој тие се формулирани, изразува страв од лошото минато и нуди механизми кои ќе спречат да се повторат неслободата и неправата. Правниците тоа го дефинирале како „конституционализација на стравот“ и таа нишка доминира во сите устави напишани во 20 век, во земјите кои излегле од период на тоталитарни и авторитарни владеења, но и во посткомунистички држави.

mira66--Foter--CC-BY

Фото: mira66 / Foter

Искуството покажува дека слободата, правната држава или нормите кои експлицитно ја ограничуваат политичката власт, а се запишани и гарантирани со Уставот, за жал, не живееат и во практиката. А токму политичката практика е таа што ја потврдува или демантира текстуалната основа на Уставот.

Нашата политичка практика потврди дека не функционира независен судско-обвинителски систем. Таа оценка ниту е паушална, ниту само домашна туку е потврдена од релевантни меѓународни институции и организации, во кои Македонија бара да биде интегрирана.

И наместо претставниците на правосудството да се загрижат заради нефункционирањето на правната држава, тие ќе се обидат да го докажуваат нејзиното наводно постоење, со тоа што пред Уставниот суд ќе го блокираат првиот чекор кон можноста за завладее правото.

Што е Уставниот суд? Во демократските земји, тој е вистински чувар на Уставот. Го сметаат за четврта власт и за уставотворно собрание во постојано заседание. Во илибералните системи, кои се опремени само со демократска фасада, но не и со демократска суштина, Уставниот суд е чувар, толкувач и интерпретатор на Уставот исклучиво за потребите на власта. Ништо повеќе, ништо помалку.

Уставниот суд во Македонија, со мали исклучоци во неговиот состав, е апологет на власта. Неколкукратно се посрамотија со законот за лустрација и со ред други одлуки кои наидуваа на чудење и потсмев во Стразбур и Венециската комисија.

Она што неговите претставници денес треба да го имаат предвид, е поуката од правните системи со зрела институционална меморија. Како што во одредени клучни историски и политички периоди постои нешто што се нарекува „момент на уставна можност“ (најчесто време на уривање стар режим и градење демократија-клучен момент за создавање демократски устав), така и во системите кои се стремат кон вистинска демократија постои нешто што се нарекува „момент на раѓање на правдата“.

Во Македонија, без дилеми, таквите очекувања се поврзани за моментот кога ќе профункционира специјалното обвинителство. Тоа не смее да биде доведено во прашање поради наводни уставно-правни мотиви, а зад кои, всушност, се наѕира страв од можна одговорност пред истот тој Устав и истите тие закони кои долго време биле навигирани да не функционираат кога е во прашање неограничената власт, нејзиниот волунтаризам и злоупотребите на нејзините позиции.

Не е чудно што на „конституционализацијата на стравот“ на граѓаните од неограничена власт, денес се одговара со „концептуализација на стравот“ од страна на таа неограничена власт, преку нарачани интервенции пред Уставниот суд, чии пак, граници на моќ и независност се во корелација со потребите на вториве.

Но, не смее да се заборави дека и Уставот престанува да биде највисок правен акт, ако нема независен Уставен суд, кој со високопрофесионално однесување и постапување ќе му го гарантира таквиот статус. Гледано од овој аспект, навистина е прашање дали нашиот Устав е згазен, токму од неговите чувари и нивните налогодавци.

Дури и под претпоставка дека имаме Уставен суд кој беспрекорно ја извршува својата улога и функција, ова е момент кога е важно како тој ќе го чита Уставот и до каде ќе одат границите на неговото легитимно дејствување.

По ова прашање постои голем плурализам во теоријата и многу примери во светската практика. Ако ситуацијата во која се носи одреден закон се смета за кризна (без разлика дали е политичка, економска или воена) низ филтерот на Уставниот суд може да помине и закон за кој се смета дека крши позитивни прописи, ако неговиот дух во контекстот на времето води кон унапредување на состојби и можности.

Законот за специјалното обвинителство не е пример за таков закон, но пример е временскиот момент (политичка криза), па добро е да се има предвид и ваквата практика.

Важноста на моментот, во комбинација и врз основа на компаративното знаење и правната аргументација во одбраната на одредено решение, е фактор врз кој многу Уставни судови доживеале ѕвездени моменти.

Во таква ситуација, денес и нашиот Уставен суд има неповторлива шанса да закрепне од црните петна, на сличен начин. Да го затвори каналот низ кој му дистрибуираат политички налози и нарачки и многу побрзо од специјалното обвинителство да направи чекор кон градењето правна, а не празна (испразнета од правото) држава.