Зборови и образи

Не е можно првиот човек на информативната програма на МТВ да го извалка образот, а новинарите да останат „чисти“. А тоа значи дека ако новинарите не се со „чист образ“, тогаш слободно можеме да констатираме дека севкупното македонско новинарство е извалкано, барем до половина образ.

Зборовите се важни. Особено нивната употреба во јавниот простор. Дури и беглото регистрирање на фреквенцијата со која тие се употребуваат може многу посериозно да ги дефинира просторот и времето, отколку некои амбициозни и сериозни анализи, посветени на овие прашања.

Во времето на доцниот социјализам, на пример, тоа беа „продуктивност“ и „самоуправување“; во времето на осамостојувањето актуелни беа „транспарентност“ и „суверенитет“; во периодот на груевизмот тоа се „притвор“, „афера“, „судски процес“… Во некои покуси отсечки доминираа зборови како „октопод“, „приватизација“, „Белизе“, „Скопје 2014“, „медиуми“, „Грција“, „НАТО“, „име“… Во одредени медиуми, пак, главна е употребата на „странски инвестиции“, „реформи“, „преродба“… Минатата година главните зборови беа „протести“, „бомби“, „пуч“… Секако, зборот „демократија“ е присутен сето време. Последниот период, пак, е обележен со зборовите: „Пржино“, „договор“, „избори“, „меѓународна заедница“ итн.

Доволно е, значи, да се состави еден вокабулар на јавниот простор, своевиден речник на одредените периоди на бескрајната транзиција, па да се согледаат главните трендови на времето во кое живеевме и живееме, но и недостатоците и фелерите на јавниот, а со тоа и на медиумскиот простор.

Овие зборови не се само симболи, означувачи, некакви маркери на општествените процеси туку многу повеќе вистинските содржини што ги исполнуваат и одредуваат нашите лимитирани животи. Во таа смисла и нивното масивно трошење значи и трошење на нашата егзистенција, токму во смислата што тој збор ја претставува.

Отсуството, пак, на нивната примена не мора нужно да значи и отсуство на некаква суштина што тој збор ја означува туку може да значи и некаква небитност; нешто што постои, ама не го забележуваме; нешто што за нас има минимално значење… Од друга страна, да – неупотребата на зборот може да значи и целосно отсуство на неговата суштина.

Што кажува оваа одлука на МПМ? Само тоа дека „образот“ не е важен во извршувањето на глодурската функција!

Во оваа смисла се обидов и јас да си го одредам зборот, секако употребен во јавниот простор, што мене ми оставил најголем впечаток во годината што измина, зборот што предизвикал некакви реакции кај мене, некои чувства или барем размислувања. Но, на крајот, приматот убедливо го доби еден збор што не беше искажан лани туку на почетокот од годинава и кој не беше јавно кажан туку само како навод, а сепак со својата „егзотика“ далеку ги надмина вообичаените форми на овдешната јавна и не толку јавна комуникација. Тоа е зборот „образ“!

Имено, едно од серијата нови раководни решенија во компанијата МПМ, новиот главен и одговорен уредник на дневниот весник „Вест“, Горан Петрески, наводно, а според информациите во медиумите, на првата средба со колегите од весникот им рекол „Половина од образот ми е извалкан, но се надевам дека со вас и со ‘Вест’ ќе си го исчистам“.

Настрана што не сме навикнати на овој тип „самокритика“ (еве уште еден збор од „едноумните“ времиња), па макар таа била искажана пред ограничен круг слушатели, а уште помалку некој за себе да тврди дека има „извалкан образ“ („извалканите образи“ се секогаш резервирани за „другите“), оваа изјава, дури и да не е сосема точна, во својот поттекст говори многу за контекстот на македонското новинарство.

Прво што ми паѓа на ум е болната тема за критериумите при изборите на главните уредници, кои овде нема да бидат подлабоко анализирани, бидејќи беа предмет на повеќе текстови во оваа рубрика, но и интерес на повеќе други автори.

Сепак, се чини непримерно, па и чудно, раководството на медиумската компанија МПМ да се реши на чело на својот најтиражен весник да стави човек кој и самиот признава дека има „извалкан образ“ (па макар тоа било и половина од образот), особено ако се има предвид дека на конкурсот за главен и одговорен уредник на „Вест“ конкурираа сите уредници од редакцискиот колегиум на весникот, за кои никој, па ни тие самите, не констатирал дека имаат „извалкан образ“ (па макар тоа било и половина од образот).

Што кажува тогаш оваа одлука на МПМ? Само тоа дека „образот“ не е важен во извршувањето на глодурската функција! Конечно, претпоставка е дека Петрески ја заслужил довербата со својата мината работа, а, логично, не можел со ништо друго да си го валка образот, освен со својот минат труд.

Ова нѐ доведува до втората поента. Имено, ако минатиот труд е тој што го извалкал образот на Петрески, тогаш тоа е секако неговото уредничко место во Македонската телевизија. Имено, таму Петрески беше еден од најважните уредници, односно уредник на Информативно-политичката програма, онаа по која се препознава уредувачката политика на кој било медиум.

Ако, пак, валканиците доаѓаат оттаму, тогаш мора да се претпостави и дека останатите новинари исто така имаат „валкан образ“. Едноставно, не е можно првиот човек на програмата да го извалка образот, а новинарите да останат „чисти“. А тоа значи дека ако новинарите на Националниот сервис не се со „чист образ“, тогаш слободно можеме да констатираме дека севкупното македонско новинарство е извалкано (барем до половина образ).

Едноставно, не е можно првиот човек на програмата да го извалка образот, а новинарите да останат „чисти“. А тоа значи дека ако новинарите на Националниот сервис не се со „чист образ“, тогаш слободно можеме да констатираме дека севкупното македонско новинарство е извалкано (барем до половина образ)

На крајот еве и за оние што не веруваат дека колегата Петрески можел да го каже тоа што му се припишува. Значи, без оглед на точноста на изјавата (не е никогаш демантирана, или јас барем не забележав некаков демант), односно дури некој и да ја измислил, секогаш постои причина зошто таква изјава се појавува во јавниот простор. А штом постои причина, тогаш мораме и да ја толкуваме како сигнификантна за она што ни се случува и за она со што се соочуваме.
Ете, затоа зборот „образ“ е мојот избор за збор на почетокот од годинава. И, се разбира, не само околу новинарството и медиумите туку уште повеќе за политичките процеси во земјата. Лично сметам дека би требало многу почесто да се користи токму во контекстот на веќе фреквентните зборови: „договор“, „избори“, „Пржино“, „меѓународна заедница“…