Зелена табла во црн тунел

Некако немаме премногу среќа со автопатот уште кога се викаше „Братство-единство“. Тогаш братството и единството во неговото име требаше да ги симболизираат нераскинливите братски врски меѓу народите на тогашната држава и нивното единство. Потоа автопатот го доби уште понесреќното име „Александар Велики“, за кое баш и не сум сигурен што требаше да симболизира. На пример, дека овој автопат е најблиската врска со Индија? Или братството и уште повеќе единството со браќата Хунзи?

Ете, сега се вика „Пријателство“, демек за да го симболизира пријателството меѓу нас и Европската унија, овојпат претставена во ликот на Грција. Ако се суди според искуството од претходните две имиња, се чини дека тешко ќе ни оди ова пријателство. Тоа, конечно, може да се види деновиве со поставените патокази – за да одите напред, треба да се вратите назад!

Забуната со погрешните патокази ја разрешува и дилемата со чочекот во тунелот. Кој знае какви патокази следеле веселите сватови, кога морале да завршат во тунел? Можеби не положиле возачки испит, што би рекол директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, па ги измешале боите на сообраќајните знаци. Всушност, како ќе знаат која боја е жолта, а која е зелена, ако се – во тунел! И што, по ѓаволите, може да се прави во тунел, освен да се игра чочек! Впрочем, Китанов не објасни која боја треба да се следи за да се стаса во тунел. И тоа заедно со блех-музика. Пешки.

Значи, Китанов објаснува дека сите што положиле возачки испит знаат дека на автопат треба да се следат зелените табли на кои пишува Скопје – Атина. Претпоставувам дека Китанов претпоставува дека оние што не положиле возачки испит не знаат да читаат. Па затоа не го следат ни упатството на Авто-мото сојузот на Македонија каде што јасно стои дека за да се остане на патот треба на клучката пред Демир Капија да го следите патоказот за Скопје, а потоа да се спуштите под надвозникот, каде што веројатно има патоказ на кој пишува „Атина“. И така доаѓате до фамозниот патоказ „Скопје – Атина“ на Китанов.

Не знам дали премиерот ќе го послуша советот на Китанов и во Владата ќе стави зелени патокази со натпис „Скопје – Атина“ и дали ќе ја провери возачката способност на народот, кој можеби нема да може да се снајде да вози по новите насоки на Заев. Странците секако ќе знаат. И ќе возат со пропишаната брзина во тунелот

На крајот од краиштата, не е чудно што е направена ваква забуна со сообраќајните знаци. Па оваа делница меѓу Демир Капија и Смоквица од цели 28 километри е правена само шест години. Едноставно, не е можно во толку кусо време да се мисли на такви дребности како што се сообраќајни знаци. На автопат! Плус, овие рекордни 28 километри автопат чинеа едвај 270 милиони евра. Па, каде во толку малку пари да се најдат стотина евра за да се обележи почетокот на делницата. Плус требаше некој денар да им се даде на музичарите.

За разлика од функционалната неписменост на нашите возачи, за кои постои оправдано сомневање дека воопшто немаат возачки дозволи, странските возачи имаат положено возачки испити и следствено на тоа се писмени и плус не се далтонисти и можат да препознаат зелена боја. Така барем тврди Китанов. Тој вели дека странците „ја почитуваат и пропишаната брзина на движење, особено во тунел, што пак не е случај со домашните возачи“.

Па, да. Чочекот во тунелот наводно го организираше изведувачот, грчката фирма „Актор“ за своите вработени и гости. Барем според она што можеше да се види по социјалните мрежи, чочекот во тунелот беше изведен со пропишана брзина. И со средно запалени очи. Тоа, се разбира, не е случај со домашните возачи. Прво, затоа што не можат да стасаат до тунелот на овој дел од патот и, второ, затоа што сето време се во тунел, па не можат да ја почувствуваат разликата кога од нивниот тунел ќе поминат во друг тунел.

 Што се однесува до Грците, се чини дека ним силно им светнал ден, па не ни забележуваат дека се во тунел. Барем додека не им почнат судските процеси во Грција и во Македонија, врзани токму за тунелот што го направија од оваа делница на автопатот.

Која коинциденција, ние зборуваме за реконструкција на автопатишта, а Зоран Заев за реконструкција на неговата Влада. Не знам дали премиерот ќе го послуша советот на Китанов и во Владата ќе стави зелени патокази со натпис „Скопје – Атина“ и дали ќе ја провери возачката способност на народот, кој можеби нема да може да се снајде да вози по новите насоки на Заев. Странците секако ќе знаат. И ќе возат со пропишаната брзина во тунелот.

Она што е битно и за автопатот и за Владата, всушност е дека не е битно поседувањето на возачката дозвола и оспорувањето на возачкиот испит. Битно е и автопатот и Владата да бидат ефикасни и функционални и да служат за својата намена. Па макар патоказите да бидат поставени во најшарените бои на овој свет. И, секако, сообраќајните знаци да бидат точни. Бидејќи, како што тоа на сите ни е познато, фаќањето за погрешен знак значи терање во погрешна насока.