Земја се тресе во ладна вода

Не сум сигурен дека има услови за фер и демократски избори на 11 декември. Дали гласачките места се градени по современите сеизмички стандарди? Дали се заштитени од поплава на фекалии во случај на зимски дожд? А што правиме ако заврне снег, па гласачите не можат да дојдат?

Не би ме изненадило утре Скопје да осамне прекриено со снег. Не би го изненадило ни градоначалникот Коце Трајановски. Него го изненадува само она што се случува: летни дождови, умерени земјотреси… Затоа нема ни да падне снег. Не би ги изненадило ни граѓаните на Скопје. Тие и онака се во фаза на перманентна изненаденост од фактот дека нивниот град воопшто постои. И после сето ова силување.

Ако старата мудрост во овие краишта вели дека не паѓа снегот за да го покрие брегот туку за да ги открие трагите на ѕверот, тогаш не паѓа дождот за да го исчисти смогот туку за да го покаже изметот. А за што тогаш служат земјотресите? Претпоставувам дека набргу на површина ќе излезат протресените траги и измети оставени по скопските новоградби. Постојат, имено, новински текстови, преку кои стручњаците предупредувале за сеизмичкиот карактер на земјиштето на кое е изградено Скопје и опасноста тука да се градат згради, но…

Затоа воопшто не ми се чини ниту наивна, ниту недоветна изјавата на една анкетирана граѓанка, која е лута на надлежните зошто не ги предупредиле граѓаните дека ова им се спрема за да можат благовремено да се сокријат. Точно е дека земјотрес не може да се предвиди; да можеше гатачката на Груевски секако ќе го предвидеше.

Не е на одмет да се размисли да се стават предупредувања на новите згради, онака како што стои на цигарите – „Оваа зграда е опасна по физичко здравје“ или „Користењето на оваа зграда доведува до пукање на нејзините ѕидови“

Но, не е на одмет да се размисли да се стават предупредувања на новите згради, онака како што стои на цигарите – „Оваа зграда е опасна по физичко здравје“ или „Користењето на оваа зграда доведува до пукање на нејзините ѕидови“. А во влезовите, наместо куќни редови, да има упатства како да се однесуваат станарите во време за земјотрес. Бидејќи како што сега стојат работите, учиме како да се однесуваме во земјотрес, откога земјата ќе се здрма, како што учиме како да се однесуваме во поплава, откако поплавата ќе се случи…

Кога сме веќе кај однесувањето во случај на земјотрес, навистина ме фасцинираат препораките на Центарот за управување на кризи: ако во моментот на земјотрес сте дома, тогаш останете дома; ако спиете на кревет, тогаш спијте крај креветот; ако сте под маса, тогаш останете под маса… Во таа смисла, оние што се затекнале надвор, треба да останат надвор; оние што се во автомобил, да останат во автомобил; оние што се во парк, да останат во парк; оние што не се во Скопје, да не се враќаат во Скопје… Истите совети беа и кога беа поплавите и видовме што се случи. Тоа е ако има земјотрес, тоа е ако има поплава, тоа е ако паѓа снег, тоа е ако грее сонце… Тоа е! Само ставете ги рацете на глава, стуткајте се во некое ќоше и чекајте да помине!

Кога сме веќе кај стручните објаснувања, слушам дека поплавите и земјотресите немаат причинско-последична врска, дека станува збор за коинциденција, дека земјотресите се случуваат во земјата на длабочина од неколку километри, а поплавите се површинска појава…

Во моментов сум еден од реткиве во земјата, кој не е стручњак по сеизмологија и затоа немам причини да не им верувам на експертите, особено што нивното објаснување „држи вода“. Сепак, нешто не ми функционира во оваа логика. Тоа му доаѓа исто како да кажете дека откога ќе накиснете на студен дожд, настинката што следи нема никаква причинско-последична врска со вашето накиснување. Имено, температурата ви е последица од заболувањето на внатрешните органи, а дождот е површинска појава врз вашето тело. Па, кај нас кога ќе падне дожд цела фекална канализација страда, се појавуваат свлечишта, се отвораат езера среде град… Зошто тогаш и земјата да не добие некоја настинка, кивавица или кашлица?

Не сум сигурен колку во овие услови се возможни фер и демократски избори на 11 декември, односно дали ќе бидат исполнети сите неопходни услови. На пример, дали гласачките места се градени по современите сеизмички стандарди? Дали се заштитени од поплава на фекалии во случај на зимски дожд? А што правиме ако заврне снег, па не можат гласачите да дојдат? Ќе има ли капацитет Државната изборна комисија да даде соодветни објаснување во случај земјата да се тресе во ладна вода? Мислам дека е време партиските лидери уште еднаш да соберат и да ги разгледаат новосоздадените услови. И онака веќе ми недостасува продолжение од серијалот „Пржински договор“.

Замислете ваква ситуација, каква што ми се случи мене: не сте во земјата, слушате дека во Скопје има силен земјотрес, отворате интернет и гледате текст со наслов постиран тој ден: „Земјотрес од 5,7 степени: 13 загинати и 203 повредени“

Како и да е, не е на одмет да се спомене и вечната теорија за американскиот ХААРП, таа антена што управува со временските прилики главно во земјите во регионот. На крајот од краиштата, може и емпириски да се докаже дека појавата на ХААРП системот драматично ја зголемува паранојата кај љубителите на теориите на заговорот. А љубители на светските заговори, дал Господ, има секаде. А ги има и оние што, едноставно, сакаат да шират паника. Во медиумите, особено.

Замислете ваква ситуација, каква што ми се случи мене: не сте во земјата, слушате дека во Скопје има силен земјотрес, отворате интернет и гледате текст со наслов постиран тој ден: „Земјотрес од 5,7 степени: 13 загинати и 203 повредени“. „Сител“ се разбира! И некаде во текстот пишува дека станува збор за Танзанија. Или ваков наслов: „Ако утре фати силен земјотрес: 18.000 загинати луѓе, штета од 250 милијарди долари, стотина илјади луѓе без покрив над главата…“ Оваа мајсторија е на „Скај.мк“. Целиот текст се состои од насловот со додавка дека станува збор за проценките во најлошото можно сценарио што ќе се случи, ако Лос Анџелес го погоди земјотрес!

Не, немаме ние потреба од природни катастрофи. И онака одамна сме отидени од лицето на планетата Земја.