Знаете ли кој е доктор Шустер? Доктор Шустер е прекарот на познатиот белградски хирург, кој во слободното време поправал чевли. Како последица од Алцхајмеровата болест од која страдал, докторот се вратил во времето кога како студент си го „крпел“ буџетот работејќи во чевларскиот дуќан на својот татко.

И тој како и татко му, ги поправал чевлите на богатите за пари, а на сиромаштијата во градот бесплатно им го репарирал единствениот чифт што го имале за да не мора да купуваат нови, а да изгледаат колку-толку пристојно.

Со еден збор, доктор Шустер бил „добричина“. И додека тој живее изгубен во просторот и во времето, во канџите на подмолната болест, почнале да го злоупотребуваат криминалците и корумпираните високи инспектори во полицијата. Му носеле да оперира ранети по уличните пресметки, избегнувајќи ги така болниците, каде што би можеле да „паднат” или да им се одмаздат. А такви во деведесеттите години од минатиот век, кога оперирал доктор Шустер, имало многу.

Докторот во својата болест бил убеден дека работи чесно и хумано, како што и работел целиот свој живот.

За доктор Шустер е напишана театарска пиеса, во која со црн хумор е опишано нешто што се нарекува соучество во злосторство, со најдобри намери. Или ако сакате – опишани се настани кои соодветствуваат на онаа позната изрека – патот кон пеколот најчесто е поплочен со добри намери.

И нашиов Зоран почнува да ги прави истите грешки како српскиот Зоран – на тој негов пат ја остава под тепих битката со подземјето, заради повисоките политички цели

На драмата ме потсети легендарниот српски сценарист, драматург и режисер Душко Ковачевиќ. А зошто тој се присеќава на доктор Шустер? Не само затоа што ја играле токму оваа претстава тие мартовски денови пред точно петнаесет години туку и поради „коинцидирањето” на пораките од пиесата со кобните настани што следувале тој март, таа 2003 година.  

„Се враќавме со автобус од театарско гостување во Будимпешта“, раскажува Душко, а вам веднаш ви доаѓаат пред очи сцени од неговата култна комедија „Ко то тамо пева”. Но, веднаш сфаќате дека сцената што ја опишува припаѓа на реалниот живот и е вовед во една трагедија, не во комедија. „Ја игравме претставата ’Доктор Шустер’ во еден од многубројните империјалистички театри. И само што бевме влегле во Србија, мислејќи дека од една европеизирана земја влегуваме во една што наскоро ќе биде таква, стаса веста – смртно е ранет премиерот Зоран Ѓинѓиќ.

Кога помисливме дека по 5 октомври и багер-револуцијата државата ќе се пресмета со криминалот и безвластието, расправиите и кавгите во власта доведоа до обнова на паранормалните сили на политичкиот и уличниот мрак“, пишува Ковачевиќ. Сеќавањата за оваа изгубена битка, не се резултат на никаква Алцхајмерова болест на општеството туку бегање од одговорност. А одговорноста ја имаат сите, особено оние што дозволиле личните битки и борбата за фотелји и удопства во власта да ги донесе во ситуација да кренат раце од клучната битка – таа против организираниот криминал.

Денес ќе ви ги паркираат неказнето џиповите по тротоари, утре ќе рекетираат неказнето по фирми, задутре неказнето ќе пролеат крв, за денот кога ќе сфатите дека не постои и не може да постои среќен соживот на држава и мафија, да дојдат по вас

Последиците од 12 март 2003 година и убиството на Зоран Ѓинѓиќ не се отстранети во Србија ниту 15 години подоцна, а земјата никогаш не се врати на оној демократски реформски пат по кој беше тргната туку сега добива демократија на лажиче од автократот Александар Вучиќ, кој, се разбира, дозира онолку колку што е потребно за Западот да го толерира и онолку колку што е доволно за да си ги бетонира темелите на своето владеење и да брише патос со опозицијата на секои избори.

Зошто аналогијата на тој мрачен настан од современата српска балканска историја е важна за нас денес не мора, чинам, многу да се објаснува. Прво, и ние имаме Зоран кој крваво извојува шанса тој да ги спроведува реформите што треба да доведат до демократија, слободно општество и декриминализација на државата.

Второ, уште поважно, и нашиов Зоран почнува да ги прави истите грешки како српскиот Зоран – на тој негов пат ја остава под тепих битката со подземјето, заради повисоките политички цели. Додека тој влегува во костец со крупните државнички прашања, мафијата полека се консолидира и преку старите структури во новата власта се инфилтрира во сите пори на државата, враќајќи си ја моќта од груевистичките времиња.

Ако ги оставиш копилињата да продолжат да егзистираат, тие еден ден ќе дојдат по тебе. Зашто такви се суровите правила на мафијата. Не, не копилињата од заканувачките СМС-пораки, не копилињата што излеговме на протест пред владата туку копилињата-испраќачи на такви закани.

Зоран Ѓинѓиќ, свесно или несвесно, влезе во чевлите на доктор Шустер, станувајќи жртва на идејата дека злото треба да се скроти со добро. Една сатирична поговорка вели – ниедно добро дело во историјата не останало неказнето. Со подземје се бори жестоко и до истребување, а не со прогледување низ прсти.

Денес ќе ви ги паркираат неказнето џиповите по тротоари, утре ќе рекетираат неказнето по фирми, задутре неказнето ќе пролеат крв, за денот кога ќе сфатите дека не постои и не може да постои среќен соживот на држава и мафија, да дојдат по вас.

За еден Зоран, за жал, ова сознание дојде предоцна. За еден друг Зоран, за среќа, сè уште има време за битка – да се крене рака на мафијата, пред таа да крене рака и на него и на сите нас. Може, се разбира, да се правиме дека имаме Алцхајмер и да ги заборавиме овие случки од соседството, а може и да извлечеме некоја поука.