Зошто ВМРО-ДПМНЕ владее сто години?

Во двата циклуса на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, во оној од 1998 до 2002, кој денес ни се чини како некакво Периклово, златно доба на македонската демократија (доволно е само да споредиме колку медиуми се отворија во времето на Љупчо Георгиевски, а колку се затворија во времето на Никола Груевски) и во овој последниот 11-годишен период, можеше да се слушне од нивните симпатизери, на почетокот онака тивко, а потоа сѐ погласно, дека ВМРО-ДПМНЕ е тука да владее сто години.

И беа во право. Со оглед на сторените криминали му доаѓа на исто – како да владееле сто години! Нема сега да споредувам системи, а и не се за споредба, туку само ќе напоменам дека своевремено и германскиот Трет рајх ветуваше дека ќе владее илјада години. И владееше. Отприлика за исто време колку што владееше и овдешната политичко-криминална врхушка направи злосторства како да владеел токму еден милениум.

Тежината на сега веќе евидентираниот и очигледен овдешен криминал (или на само еден негов дел) не може да се спореди со „обичниот“ криминал. Не е ова кражба на сто ќебапи, па дури ни кражба на три милиони евра од трезорите на НЛБ банка. Ова е многу пострашен криминал. Криминалците во нашиот случај не се луѓе кои помислиле дека е полесно на нелегален начин да се заработат милион долари, отколку на легален.

Не е ова кражба на сто ќебапи, па дури ни кражба на три милиони евра од трезорите на НЛБ банка. Ова е многу пострашен криминал. Нашите криминалци се највисоките официјални претставници на државата. Тие се оние што ја добија довербата на граѓаните. Тие се оние што раководат со нашите судбини, затоа што ни ветиле дека тоа умеат да го прават

Тие не се мафија во класичната смисла на зборот, тие не се ни Ал Капоне, ни Лаки Лучијано. Тие се највисоките официјални претставници на нашата држава. Тие се оние што ја добија довербата на граѓаните. Тие се оние што раководат со нашите судбини, затоа што ни ветиле дека тоа умеат да го прават. Затоа организираниот криминал, значи оној што се прави во спрега со регуларната власт или оној што самата власт го прави, спаѓа во најтешките кривични дела.

А тука не станува збор за некакво застранување, за глупавата формула „ако ти се прстите во медот, тогаш сигурно ќе си ги излижеш“, значи не е муабетот за некакви ексцеси од типот „платил такси од државна сметка“ (за кои, патем речено, во нормалниот свет оставките се нормална последица), туку станува збор за криминалот како систем, за криминал кој е под закрила на државата, под државна заштита.

Затоа неговата тежина е многу поголема од криминалните дејствувања што ги прават „обичните смртници“, за кои, нели, правдата е слепа или барем е отелотворена во делото на оној идиотски споменик со кама и пушка пред Судската палата што наводно го претставува митологизираниот лик на Андон Ќосето.

Начинот на кој Судот постапува по барањата за заштитни мерки (вклучувајќи ги и притворите, се разбира) кон обвинетите по обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство само ја потврдува тезата на заштитени криминалци. Онаму каде што не се дозволуваат заштитени сведоци, речиси логично произлегува дека криминалците се заштитени.

Навистина не ги познавам правните критериуми по кои судиите одговараат за своите постапки, како што не ги познавам партиско-сваровски критериумите по кои тие се поставуваат на судиските функции, но мора да постои начин судството „да се распушти и одново да се изберат судии“, како што, впрочем, вети Зоран Заев уште пред да го добие фамозниот мандат да формира влада.

На овој начин, барем така изгледа, дисфункционалната држава, барем во правна смисла, недвосмислено и натаму останува неправна! Последиците од одолговлекувањето на решавањето на главниот проблем (да не го цитираме тука фамозниот извештај на Прибе) можат да се врамат токму во стогодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

И не, не поминува оправдувањето дека „ние не сме исти“. Не беа исти ниту фашистите и антифашистите, па антифашистите не покажаа некое особено трпение кон фашистичките злосторници и кон денацификацијата на Германија и на светот. Впрочем, тезата „ние не сме исти“ го потврдува токму спротивното – сѐ е исто, само него го нема.

Ваквата политика создава целосна несигурност кај граѓаните кон основните функции на оваа држава или, ако сакате, на сите нејзини три власти. Ако не сте сигурни во правото и правдата, тогаш не сте сигурни во ништо. А живот во несигурност не е живот.

Онаму каде што не се дозволуваат заштитени сведоци, речиси логично произлегува дека криминалците се заштитени

Добро, гледаме дека некои, ете, заштитени велможи се прилично сигурни во судството, односно во тоа дека третата власт не им може ништо. Како што сега стојат работите, нема да ни остане ништо друго, туку како јунакот на сатирата на Петар Кочиќ, Давид Штрбац, пред овдешните судови да ги носиме јазовците и слепите кучиња што ни ги јадат нивите. За другите и онака нема место.

Да се разбереме, не претендираме на никаков спектакуларен погром на судските органи, најмалку на политички. Претендираме на спроведување на политиката на правото, а единствено државата ги има инструментите да го спроведе правото на целата нејзина територија и врз сите нејзини граѓани. Таа ги има и ресурсите, и моќта, и можностите, останува само волјата. Вака како што е сега излегува дека „систем на систем не удира“ и дека она „ние не сме исти“ полека се преобразува во „сите сме исти“.

На крајот од краиштата, ваквата практика го формира политичкиот идентитет на државата, а тој е, ако сакаме да бидеме искрени, единствениот колективен идентитет што една држава го има, не е ниту историскиот, ниту културолошкиот (како што нѐ манипулираше досегашниот режим), туку токму политичкиот. И тој единствено зависи од тоа како ќе си го уредиме просторот, односно државата во која живееме.

Но, тука е Метју Нимиц, кој речиси целата своја кариера ја потроши да ни го објасни тоа. Ние, се разбира, повторно нема да го сфатиме тоа. Барем не додека не си ги сфатиме сопствените одговорности за сопствените животи.