Звукот на тишината

Му давам целосна и безрезервна поддршка на Миленко Неделковски да истрае во своето молчење што подолго и да молчи на што поголем број теми.

Никогаш не верував во поговорката дека молчењето е злато. Сега, ете морам да си ги ревидирам ставовите. Откога Миленко Неделковски одмолче една своја емисија, молчењето ја добива својата вистинска димензија. Тоа, едноставно, е молчење. Тишина. Онаа прекрасна тишина што веќе сме ја заборавиле, од времето кога Неделковски го немаше по медиумите.

Наводно, Миленко Неделковски ја одмолчал емисијата во знак на протест против работата на ад хок телото за медиуми, односно на Агенцијата за аудио-визуелни и медиумски услуги. Не сум сигурен каков протест се изразува со молчење, но да не ситничариме: на подарениот коњ не му се гледаат забите. Евентуално, јазикот.

Така некако протестира и ЗАМП со забраната на емитување на македонската музика, па сега Канго и Јован Јованов со своите епски национал-химнични шлагери, штедро исфинансирани од нашите пари, можат да станат музички дисиденти. Со оглед на фактот дека заедно со ЗАМП протестира и српскиот СОКОЈ, така што на овдешните „прајм“ телевизии не се емитуваат разни „пинкови“ и „грандови“, неслушањето на македонските шлагер-корифеи е мала цена за придобивките што македонската култура ги жнее со овој потег на ЗАМП.

Ако се прашувам јас, би предложил закон за задолжително финансирање на ЗАМП, само под услов да го продолжи протестот. Еве предлог-тарифник за исплата на авторски права: колку помалку еден автор е пуштан по медиумите, толку повеќе пари на име на авторски тантиеми да му бидат исплатени. Со посебна премија за Канго. Како што е Миленко попаметен кога молчи, така и македонските композитори се помузикални кога помалку ги слушаме.

Не знам колку се потресе ад  хок телото од протестот на Миленко Неделковски, но во секој случај јас му давам целосна и безрезервна поддршка да истрае во своето молчење што подолго. Во таа смисла, можам да му помогнам со предлагање теми на кои може исто толку ефикасно да молчи.

Ако во оваа емисија молчеше на тема Агенција за аудио-визуелни и медиумски услуги, натаму може да молчи на тема за Специјалното јавно обвинителство, за тоа дека земјата е рамна плоча, за палењето на американската амбасада, за генијалноста на Путин, за Албанците како архинепријатели на Македонија, за домашните предавници, за светските заговори, за ЛГБТ заедницата… Сѐ се тоа омилени теми на Неделковски, па не гледам причина зошто не би можел мошне успешно и атрактивно да ги одмолчи.

Нешто слично се обиде да направи Латас, со најавите на телевизискиот дневник на „Сител“, кога во празно читаше: „Прва најава, втора најава, трета најава…“ итн., ама ако сакаме да бидеме искрени, Миленко, сепак, беше  поуспешен. Имено, најавите на телевизискиот дневник на „Сител“ и вообичаено се празни, така што речиси и не можеше да се забележи разлика помеѓу обидот за исмевање на Латас и вообичаениот почеток на дневникот.

ВМРО-ДПМНЕ и овојпат, ете, ја промаши темата – ролетните требаше да ги стави на своите телевизии. И тоа многу, многу одамна

Еве, трендот го следи и ВМРО-ДПМНЕ, па се најавува дека ќе откупеле билборди и ќе ги покриеле со – ролетни. Со оглед на традиционалниот квалитет на графичкиот дизајн на овдешните билборди, се чини дека и ова не е лошо решение. Иако поефикасно би било да ги откупат билбордите и да ги тргнат од тротоарите. Во знак на протест. На тој начин, тврдам, ќе добијат повеќе поени кај гласачите, отколку со ролетните. ВМРО-ДПМНЕ и овојпат, ете, ја промаши темата – ролетните требаше да ги стави на своите телевизии. И тоа многу, многу одамна.

Со оглед, значи, на извонредниот успех на ад хок телото во однос на подигнувањето на квалитетот на емисијата на Неделковски, може да се размислува за натамошно зајакнување на неговите капацитети, па, зошто да не, и за проширување на неговите надлежности. Со зајакнување на капацитетите може да се оди кон високи идеали. На пример, да замолкне оној Пандов.

Замислете ситуација: Пандов во крупен план на екранот и – молчи. Милина за уши. А ако во ад хок телото работат навистина посветено, тогаш може да се случи да замолкнат и Андонов, Костов, Даштевски, Димитров… Во комбинација со отсуство на турбо-фолкот, некоја од телевизиите може и да заличи на нешто барем малку пристојно.

А уште ако му се прошират надлежностите, тогаш можеби можат да се замолчат дури и Влатко Ѓорчев, Илија Димовски, Владанка Авировиќ, Силвана Бонева, Антонио Милошоски, независните пратенички, па сѐ до Ѓорге Иванов. Тој и онака, заедно со Талат Џафери, има најголемо искуство во јавното молчење.

Ако им недостасува зборувањето нека го следат примерот на својот шеф Никола Груевски. Ете, бидејќи тука нешто слабо му се слуша зборот, отиде човекот во Соединетите Американски Држави за наши пари да продава приказни од Недојдија. Да се разбереме, немам ништо против Груевски да продолжи да зборува. Од Америка.

Кога веќе отиде таму да го прослави 11 Октомври, зошто едноставно продолжениот викенд не го спои и со 23 октомври, па со 11 декември, па со Нова година, Божик итн. А и Белизе му е близу.