Регион

Коментар: Србија ги ослободува воените злосторници, а ги осудува нивните критичари

Јована Прусина, Белград

Веселин Шљиванчанин во судницата на Хашкиот трибунал во 2010 | Фото: ЕПА/Петер Дејонг/Пул

Кога ние, како активисти, протестиравме против настан организиран од владејачката партија во Србија, на кој се промовираше осуден воен злосторник, бевме уапсени и казнети – што укажува дека српските официјални претставници и натаму ја отфрлаат вистината за конфликтите во 90-тите години.

Во ноември 1991 година, во Вуковар, Хрватска, околу 260 лица беа убиени во масакрот на Овчара. Во вторникот, ние, кои го кренавме својот глас против сторителите на ова злоторство, бевме казнети од српскиот суд.

Јас бев една од осуммината активисти на Младинската иницијатива за човекови права од Србија, кои беа казнети со парична казна од 50.000 динари (околу 420 евра), поради тоа што во јануари минатата година, протестиравме против промоцијата на книгата на осудениот за воени злосторства, Веселин Шљиванчанин.

Сите осуммина, кои бевме казнети, сме родени во деведесеттите години и целиот наш живот беше под негативно влијание на војната, додека оние кои во тоа време ги извршија бруталните и масовни злосторства, денес се поздравуваат и се величат од страна на српските институции и пошироката јавност.

Шљиванчанин, поранешен офицер во Југословенската народна армија (ЈНА), беше еден од четворицата офицери кои Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), ги обвини за злосторствата извршени на Овчара. Обвинението се базира на фактот дека тој бил во директната команда на силите на ЈНА, кои ја презедоа контролата врз вуковарската болница, од каде сите оние кои не беа од српска националност, беа однесени на Овчара, и подоцна беа погубени.

На крајот, МКТЈ го осуди Шљиванчанин на 10 години затвор, за помагање и поттикнување на тортурата на затворениците.

По издржувањето на казната, Шљиванчанин се врати во Србија, каде што го сметаа (и сѐ уште го сметаат) за национален херој.

Наскоро тој и политички се ангажира, давајќи ѝ поддршка на владејачката Српска напредна партија (СНП). Во јануари 2017 година, за време на предизборната кампања, СНП организираше јавна промоција на книгата на Шљиванчанин во Бешка, село во близина на Инџија, северна Србија.

Настанот беше организиран во општинскиот културен центар, јавен простор финансиран од сите граѓани на Србија. Претставниците на српските институции, уште предходно имаа богата историја на прифаќање на осудените воени злосторници и организирање на официјални дочеци по нивното враќањето од затвор, како што тоа беше случај со Владимир Лазаревиќ и Никола Шаиновиќ.

На овој јавен настан во Бешка, дојдовме и ние, активистите на Младинската иницијатива за човекови права, невладина организација од Белград, за да протестираме против промовирањето на осудениот воен злосторник, од страна на владејачката партија.

Свиревме со свирчиња и раширивме транспарент на кој пишуваше, „Воените злосторници да замолчат, за да се зборува за жртвите“, по што група поддржувачи на партијата и претставници на локалните општински власти, ни го истргаа транспарентот, а нас физички нѐ нападнаа. Двајца завршивме во болница, а и автомобилот ни беше оштетен.

По овој настан, против нас започна кампања организирана од државата. Прорежимските таблоиди нѐ нарекуваа „фашисти“ и „хулигани“, а членовите на десничарските екстремистички групи доаѓаа во седиштето на Иницијатива.

На крајот, Судот за прекршоци во Рума, ни изрече казна за кршење на законот, поради попречување на промоцијата на книгата на Шљиванчанин.

Потсетуваме дека во 2002 година, осум години пред да биде осуден Шљиванчанин, Србија усвои закон за соработка со Хашкиот трибунал, па оттука, неговата пресуда беше правно призната од страна на Република Србија. Затоа, се поставува прашањето: Зошто еден човек, осуден за воени злосторства, јавно не може да се нарече воен злосторник?

За жал, случајот Шљиванчанин е само еден од многуте слични случаи, кои покажуваат дека српските институции во голема мера ги поддржуваат воените злосторства и нивните сторители.

Денес, еден од нив, дури и седи, како пратеник, во Собранието на Србија (Воислав Шешељ), додека на друг (Небојша Павковиќ) Министерството за одбрана му ги објавува воените дневници и јавно ги промовира на саемот на книгата во Белград.

Шешељ е обвинет за злосторства против човештвото и тој беше осуден на 10 години затвор, додека Павковиќ беше прогласен за виновен за прогон, убиства и депортации на косовските Албанци и осуден на 22 години затвор.

Важно е да се спомене и случајот на Владимир Лазаревиќ, кој пред неколку месеци беше поканет да биде предавач на Воената академија. Лазаревиќ беше осуден на 14 години затвор за воени злосторства и злосторства против човештвото, извршени за време на војната во Косово.

Се поставува прашањето, кога точно злосторството извршено за време на војната, стана олеснителна околност? Постои јавно незадоволство во однос на одделни злосторства, но не и емпатија на јавноста за жртвите на воените злосторства, кои ги убиваа луѓе скриени зад српското знаме.

Некако, со текот на времето, излезе дека патриотизмот и љубовта кон земјата се изразува со давање поддршка на воените злосторници и со нивно именување како херои – се разбира, сѐ додека тие се од „нашите“.

А во меѓувреме, ние што отидовме во Бешка да протестираме против јавната промоција на сторителите на воени злосторства, во рок од една година бевме осудени, додека некои судски процеси за воени злосторства кои се одвиваат во Србија, траат повеќе од една деценија, без индикации дека наскоро ќе бидат завршени. Доказите се губат, а жртвите стануваат уморни и сè повеќе безволни да учествуваат во правните процеси, кои очигледно нема да им донесат никакво задоволување.

Пресудата што ни беше изречена, испраќа јасна порака, дека воените злосторници не само што се толерираат, туку тие се и пожелни во јавниот живот. Нашите функционери ги поддржуваат, а нашите институции ги поздравуваат оние лица кои законски се прогласени за одговорни за убиства, депортации и други масовни злосторства, и секој што не го прифаќа ова, се нарекува предавник или странски агент.

Затоа, Младинската иницијатива за човекови права ја поканува српската јавност да присуствува на протестот што ќе се одржи в четврток во Белград, за да се покаже дека сѐ уште има луѓе кои не се согласуваат со ова.

Јована Прусина е поранешна активистка на Младинската иницијатива за човекови права на Србија. Денес работи како програмски координатор за програмата на БИРН – Балканска транзициска правда. Овој текст е напишан како личен став на авторот.

Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.