Регион

Косово: Ослободени уапсените полицајци во случајот Ивановиќ

Бахрие Садику, Милан Радоњиќ, Дие Морина, Митровица, Приштина
 

Оливер Ивановиќ. Фото: Бета

По шестчасовно сослушување, Основниот суд во Митровица, вчера вечерта ги ослободи двајцата полицајци кои беа уапсени поради сомневање дека манипулирале со доказите, во истрагата што се води за убиството на Оливер Ивановиќ.

Обвинителството, за полицајците, поради постоење на сомневање оти манипулирале со доказите, побара 30 дена притвор.

За време на сослушувањето во Митровица вчера обвинителството изјави дека на снимките од камерите за надзор, кои истражителите ги погледнале, се гледа како полицаецот со иницијали Ж.Ј., зема чаура од местото на убиствоти и ја става во џеб.

Според обвинителството, другиот полицаец, со иницијалите Д. М, го видел ова, но не реагирал.

Обвинителството тврди дека полицајците, исто така, им дозволиле на минувачите да поминуваат на местото на злосторството.

За потсетување, двајцата полицајци од северниот дел на Митровица, беа уапсени во саботата.

Ивановиќ беше лидер на политичката партија Слобода, демократија, правда, политички противник на партијата Српска листа, која има поддршка од Белград, а која е дел од косовската влада.

Ивановиќ беше убиен на 16 јануари, пред седиштето на неговата партија во Митровица. Неговото убиство остро го осудија ЕУ, Србија и Косово.

Како што БИРН веќе објави, Ивановиќ неколку пати пред својата смрт, изјави дека тој и неговото семејство добиваат закани и дека побарал помош од Косово, од Србија, но и од други, но без никакви резултати.

Србија го прогласи неговото убиство за терористички чин и побара да учествува во пронаоѓање на сторителите.