Регион

Косово под притисок на француско-германска делегација поради специјалниот суд

Дие Морина, Приштина
 

Парламентот на Косово. Фото: БИРН

Заедничка француско-германска делегација, се сретна вчера со претставници на Косово, за да изрази загриженост во врска со неодамнешните неуспешни обиди на косовските пратеници, да го укинат законот со кој се овозможува функционирањето на новите Специјализирани совети на Косово, формирани за да ги решат случаите на воени злосторства извршени во Косово.

Специјалниот претставник за Југоисточна Европа, Турција и земјите на ЕФТА на Сојузното министерство за надворешни работи на Германија, Кристијан Хелбах, и шефот на Одделението за Западен Балкан при Министерството за европски и надворешни работи на Франција, Томас Бертин, пристигна на 10 јануари во дводневна посета на Косово.

Како што беше соопштено од германската амбасада во Приштина, „посетата се реализира поради загриженоста на Берлин и на Париз, врзано за обидите за укинување на законот за Специјализираните совети и обвинителство”.

Во среда, делегацијата се состана со претседателот, Хашим Тачи, премиерот, Рамуш Харадинај и пратениците од опозициското движење Ветевендосје (Самоопределување), Албин Курти и Глаук Коњуфца.

Денеска се планирани средби со невладини организации. Сите состаноци се одвиваат надвор од очите на медиумите.

Како што се додава во соопштението од германската амбасада, ќе се дискутира и за потребата да се продолжи со реформите, особено во областа на владеењето на правото, демократијата и доброто управување, кои се, како што се вели, „од суштинско значење за натамошното приближување на Косово кон Европската унија”.

Да потсетиме, пратениците на 22-ти декември, на драматичен начин се обидоа да го укинат законот со кој се овозможува работата на Специјализираните совети, но под силен притисок на косовските западни сојузници, нивните напори овој предлог да го стават на гласање, завршија безуспешно.

Иницијативата за укинување на законот ја поддржаа партиите во владејачката коалиција на Косово – Демократската партија на Косово (ПДК), Алијансата за иднината на Косово (ААК) и Иницијативата за Косово (НИСМА).

Иницијативата да се оспори законот дојде откако ветераните на ОВК покренаа петиција, барајќи измени во законот, кој го оценија како „дискриминаторски”, поради тоа што судот ќе им суди само на поранешни припадници на ОВК, но не и на припадници на српските сили.

Претседателот на Собранието на Косово и претседател на ПДК, Кадри Весели, во понеделникот соопшти дека обидите на пратениците да ја сопрат работата на судот, нема да успеат.

Во изминатите неколку недели, неколку амбасади на ЕУ во Косово, како и амбасадата на САД, вршеа притисок врз косовските власти, да се откажат од настојувањата да го укинат законот.

„Таквиот потег го поставува прашањето за посветеноста на Косово на владеењето на правото и го ризикува сето она што Косово досега го постигна. Интересите на одредени поединци се ставаат над интересите на косовското општество“, се вели во нивната заедничка изјава, објавена на 4-ти јануари.

Пред новиот специјален суд, ќе бидат разгледани случаите што произлегуваат од извештајот на Специјалниот истражен тим на ЕУ, СИТФ. Во извештајот се наведува дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ над Србите, Ромите и косовските Албанци.

Иако со седиште во Хаг, Специјализираните совети се дел од правниот систем на Косово, но се независни од косовското судство и во нив се ангажирани меѓународни судии и обвинители.

Во интервју за Гласот на Америка, претседателот Тачи, во средата рече дека одлуката за формирање на Специјалниот суд останува во сила. Тој ги критикуваше, како што потенцира, претераните изјави по ова прашање, кои предизвикале паника меѓу граѓаните и ги потсети пратеницитете на Косово, дека тие во 2015 година го одобриле формирањето на овој суд.

На новинарско прашање дали, како поранешен водач во војната за независност, лично се плаши од судот, Тачи одговори дека Косово, кога станува збор за соработката со правдата, е најдобар пример во целиот регион и дека нема што да крие.

„Ослободителната војска на Косово водеше целосно чиста војна. Ова е најуспешно герилско движење што некогаш се случило во светот. Ние не нападнавме никого, Ние се боревме да ја истераме Србија од Косово и ова е најголемата победа на нацијата“, потенцира тој.